Министерство за здравство

Македонија планира да вакцинира 1,4 милион граѓани, од потребните три, договорени се два милиони вакцини

Според националниот план за вакцинација против ковид-19 Македонија планира да вакцинира 1.475.000 граѓани. За колективен имунитет потребно е 60 до 70% од населението да се вакцинираат. Ова значи дека Македонија ќе треба да набави три милиони вакцини (се примаат две дози од вакцината против ковид-19), а досега, според Министерството за здравство, се договорени околу два милиони вакцини.

Во одговорот на прашањата на МКД.мк од Министерството за здравство велат дека досега е пристигната првата пратка од 4.680 вакцини против ковид-19 од Република Србија. Треба да пристигнат вкупно 8.000 вакцини од Србија од компанијата Фајзер. До крајот на месецов се очекуваат да пристигнат и 200-те илјади вакцини од Народна Република Кина.

Преку Ковакс механизмот Македонија обезбеди 833.000 дози вакцини. Од оваа бројка 103.200 би биле од вакцината Астра зенека, од која првото количество, околу 35%, е планирано да стигне во март. Останатиот дел би го добиле во вториот квартал од годината.

„Во првата испорака на Ковакс механизмот за вакцини Фајзер, вклучени се само 18 земји, а не се вклучени земјите што почнале сопствени програми за вакцинација против ковид-19. Во тек се финалните фази до пред потпишувањето на финалниот договор со Фајзер, производителот од кој нашата земја обезбеди 800 илјади дози вакцини“, велат од Министерството за здравство и додаваат дека вакцинацијата против коронавирусот се спроведува исклучиво преку предвидениот план, кој е подготвен во Националниот план за имунизација на населението во Македонија.

Вчера премиерот Зоран Заев најави дека ќе се набават и 100.000 руски вакцини „Спутник“.

На веб-страницата Vakcinacija.mk граѓаните можат само да искажат интерес дека сакаат да се вакцинираат. „Тоа не значи дека закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува националниот систем Мој термин, согласно со фазите што ги содржи националниот план за ковид-вакцинација. Вториот начин за пријавување за вакцинација е преку матичниот лекар.

Процесот на вакцинирање на граѓаните се одвива во три фази по приоритетни групи. Во првата фаза се вакцинираат здравствените работници, кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраста, лица постари од 70 години“, ни одговорија од Министерството за здравство.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека се прават напори во земјава што поскоро да стасаат вакцини од сите производители. 

„Во делот на пресметките видовме дека сѐ уште има простор за склучување договори, правење нарачки или аванси, такви се модалитетите кога нарачуваме од вакцините. А во обид да кажеме дека еве сите можни вакцини сме направиле напор да ги набавиме, па која стигне порано и побрзо тоа е уште подобро. Затоа дадов насоки министерот за здравство согласно стручните експерти кои утврдија дека има можност за уште 100 илјади вакцини веднаш да направат набавка и од таа вакцина која што ја немаме, а тоа е руската Спутник“, рече премиерот.

Тој му се заблагодари на амбасадорот на Руската Федерација за помошта што поскоро да се завршат формалностите околу преддоговори, договори, осигурување, сите детали што постојат, како и за сите други вакцини за да може, како што потенцира, да очекуваме буквално од сите вакцини што се нарачани.

„Да знаат граѓаните дека буквално од сите производители на вакцини преку соодветните земји или компании или фондови кои и да се овластените преговарачи, склучуваме договори сѐ со конечна цел, час поскоро да има доволно количини вакцини“, изјави Заев и додаде дека за Спутник деталите ќе се знаат веднаш штом се склучат некои договори, преддоговори за да може согласно тоа да се проектираат и датумите кога да се дистрибуираат.

А.Д.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе