Македонија не е исклучок, во многу земји во светот се бара сертификат за вакцинација

Во земјава досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијанта на коронавирусот која забрзано се шири насекаде во светот, во регионот, па многу е веројатно истото да се случи и кај нас.

Делта сојοт на Сарс-Ков-2, како што велат од Министерството за здравство, ја прави вакцинацијата уште поважна, па порачуваат дека мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.

„Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите себе, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа. Мерките кои ќе стапат во сила ги најавуваме, ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу порестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот. Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола брзото зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги“, информираат од Министерството.

Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија се сè уште неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите.

Приложувањето на сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи во сила и во соседна Грција, со цел во туристичката сезона да се заштитат домашните работници, но и големиот број странски туристи кои влегуваат во земјата.

Според одлуката на Владата на Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа. Вакциналниот сертификат во Италија е задолжителен за наставниците, граѓаните кои користат јавен превоз, за влез во кината, музеите и на спортските настани, но и за гостите во рестораните. Сертификат ќе им биде потребен и на студентите, додека вработените кои нема да приложат доказ за имунизација пет дена последователно, ќе бидат суспендирани од работа и нема да го остварат правото за добивање плата, бидејќи ќе претставуваат ризик за останатите граѓани.

Четвртиот бран на ковид-19 предизвика пораст на инфекциите и во Франција, каде во сила стапија мерките за задолжителна вакцинација на здравствените работници и приложување на сертификат или негативен ПЦР тест за присуство на јавни места, настани со масовна посетеност и користење јавен превоз. По стапување на мерките, билансот на населението со две примени дози од вакцината изнесува 50 отсто.

Покрај европските, повеќе земји во светот, меѓу кои и САД, воведуваат задолжителна вакцинација за одредени категории на граѓани, но и задолжителен сертификат за имунизација за посета на јавни места, користење на јавните добра и услуги, со цел да го ограничат масовното ширење на вирусот и да го заштитат здравјето на населението.

Од Министерството посочуваат дека за разлика од други земји, каде за одредени категории професии вакцинацијата кај нив е задолжителна, кај нас таа е прво на избор. Но, ја нагласуваат важноста од вакцинација, па порачуваат граѓаните кои досега не се вакцинирале, се двоумат, имаат дилема околу вакцинирањето, да се охрабрат и што побрзо да примат вакцина.

„Вакцините се безбедни и ефикасни, штитат од компликации на болеста и смртен исход. Само со масовна имунизација може да спречиме ширење на мутации на ковид-19“, порачуваат од Министерството за здравство.  

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе