Додека се чека „Фајзер“, Ковакс и ЕУ

Македонија и вакцините против ковид: од Кина не сме ни барале, а Русија ни понудила ама не сме одговориле ништо

Македонија е една од ретките земји во поширокиот регион што сѐ уште не добиле вакцини против ковид-19, иако, како што велат од Министерството за здравство, преку преговори обезбедени се вакцини преку три механизми, Ковакс, директно од производителите и преку солидарен фонд на земјите членки на ЕУ, и последно од соседна Србија.

„На нашата земја помош во обезбедувањето на вакцини преку солидарниот фонд ѝ ветија Грција, Полска, Австрија и Бугарија, но поради динамиката на испораката на вакцини во нивните земји, според најавите што ги добивме од амбасадорите на некои од тие земји, испораката на вакцини ќе почне по март“, велат од Министерството за здравство во изјава за МКД.мк.

Во меѓувреме, се чекаат и вакцини од „Фајзер“, единствениот производител со кого имаме конкретен договор, иако Министерството за здравство преговарало и со други компании.

Вакцините што ги користат Русија и Кина, барем според изјавите на македонски официјални претставници, засега не се во комбинација. Во одговорите што ги добивме од амбасадите на Русија и на Кина во земјава, јасно стои дека Русија ни понудила помош, а со Кина не знаеме дали сме разговарале.

Од руската амбасада потсетуваат дека пред 5 месеци, на 18 август 2020 година, Амбасадата испратила писмо до министерот за здравство, Венко Филипче, дека Рускиот фонд за директни инвестиции, кој е задолжен за продажба на Спутник V во странски земји, „е подготвен да почне разговори за сите прашања од интерес, вклучително и за прелиминарни нарачки на вакцината, доколку, се разбира, за тоа е заинтересирана Владата на Северна Македонија“.

„Министерот за здравство во телефонскиот разговор на 10 септември нѐ информира дека нивниот сектор за вакцини и имунизација го следи процесот за руската вакцина и има некои прашања во врска со тоа. Потоа, на 25 септември, ја информиравме проф. Александра Грозданова, шефицата на Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство на Република Северна Македонија, дека Фондот може да организира видеоконференција за постојните прашања околу вакцината. Досега нема реакција во однос на тој предлог од надлежните институции“, велат од Амбасадата на Русија за МКД.мк.

Оттаму додаваат дека секогаш се отворени за соработка со Македонија за прашања околу вакцината „Спутник V“, како и околу други руски вакцини - втората руска вакцина “ЕпиВакКорона” веќе е регистрирана во Русија, а во текот на февруари ќе биде регистрирана и третата од уште еден производител.

„Тоа е, се разбира, доколку постои интерес на Владата на РСМ“, велат од Амбасадата.

Инаку, вакцината „Спутник V” досега е регистрирана во Белорусија, Србија, Аргентина, Боливија, Алжир, Палестина, Венецуела, Парагвај и Туркменистан, а поднесено е барање за регистрација во ЕУ. Повеќе од 50 земји испратиле барања за набавка на над 1,2 милијарди дози вакцини. Вакцини за странските пазари ќе произведуваат партнерите на Рускиот фонд за директни инвестиции во Индија, Бразил, Кина, Република Кореја и други земји. Според најавите, утре СЗО ќе започне постапка за проверка на документацијата за регистрација на „Спутник V”.

Од кинеската амбасада пак, велат дека Кина и Македонија имаат тесна соработка во борбата против епидемијата од избувнувањето, но разговори за вакцини немало.  

„Кинеската страна ѝ обезбеди на Северна Македонија, на нејзино барање официјални контакти на кинески компании за вакцини и ѝ препорача директно да разговара со кинеските компании за набавка на вакцини. А амбасадата е подготвена да помогне, ако е потребно“, изјавија од амбасадата на Кина на прашање од МКД.мк.

Кина, како што велат оттаму, е отворена за меѓународна соработка за вакцините и е подготвена да продолжи да работи со други страни за промовирање на правична дистрибуција на вакцините, да придонесе за глобалната борба против ковид-19 и да ги заштити животот и здравјето на сите луѓе низ светот. Државата ги поддржува кинеските компании во соработка со нивните странски колеги во истражувањето, развојот и производство на вакцини и во моментов, неколку кинески кандидати за вакцини минуваат низ клинички испитувања во третата фаза, без проблеми во странство.

Што се однесува, пак, на вакцините од Србија, од Министерството за здравство ни изјавија дека тие ќе пристигнат кога ќе бидат регулирани сите законски процедури, односно тоа што во моментов се чека е одобрување од компанијата „Фајзер“ на сите фајлови што се потребни за интервентен увоз, за нивната вакцина од Србија да стигне во нашата земја.

„Компанијата ‘Фајзер‘ води сметка за сите количества вакцини што ги дистрибуира во земјите, дали и на кој начин евентуално се препраќаат во други земји“, додаваат од Министерството за здравство.

Ж.П.Б.

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе