За Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Летната школа во Охрид повод да се вратиме во земјата каде сонцето вечно сјае, пишува риечки „Кишобран“

На хрватскиот портал „Кишобран" е објавен репортажен текст со суперлативни оцени и детален приказ за јубилејната, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто се одржа од 17 август до 2 септември, во Охрид, со учество на 60 семинаристи од 17 држави, посочуваат од организаацијата на Меѓународниот семинар.

Авторка на текстот во Кишобран.унири.хр е Ивана Катан од Филозофскиот факултет во Риека, којашто веќе пет семестри, на тамошниот македонистички лекторат ги изучува македонскиот јазик, литература и култура, а годинава, првпат учествуваше на школа на МСМЈЛК при УКИМ. Ваквите одгласи се потврда не само на успешноста на Школата, туку и воопшто на остварениот влог во натамошната посветеност на македонистиката од страна на новите генерации странски македонисти, а едновремено се и значајна афирмација за нашата земја, вклучително и зашто преку прилогот се афирмира и македонското културно наследство, велат од Семинарот.

„Професорите коишто ги држеа лекторските вежби се професионалци, со искуство стекнато и во странство, поседуваат големо знаење и подготвени се секогаш да помогнат... ...Покрај лекторските вежби коишто се одрвиваа во прекрасна природа со поглед на Охридското Езеро, секој ден имавме можност да посетуваме и предавања за македонскиот јазик, литература и култура", наведено е во прилогот, со напомена дека преку предавањата, семинаристите можеа да се запознаат и со македонското писмо, мода, музика и сликарство, при што Катан ги издвојува и за неа најинтересните предавања.

Опишувајќи ја атмосферата во текот на наставата, Катан во прилогот пишува: „На првиот час од лекторските вежби, сите семинаристи добивме учебник од којшто читавме тектови, разговаравме за одредени теми коишто ни се блиски на сите, решававме вежби / задачи од областа на јазикот. Покрај задачите од сферата на граматиката, разговаравме и за секојдневни теми, се запознававме меѓуебно при што секој имаше можност да ја престави и својата земја на македонски јазик. Така вежбавме и го учевме македонскиот јазик. Атмосферата секогаш беше позитивна, пријателска и опуштена".

Во прилогот е опфатена и преведувачката работилница на Школата, при што Катан истакнува: „Сметам дека работилницата беше многу корисна, за сите коишто се бават со преведување и коишто планираат да преведуваат во иднина. Текстовите се преведуваа од македонски на својот мајчин јазик по што се разговараше за преводот и проблемите со коишто семинаристите се судриле во текот на преведувањето". Таа го споменува и курсот по народни ора, во вечерите со македонско вино и песни, со како што вели „магичниот залез на сонцето".

Катан одделно се осврнува на македонското културно наследство, претставувајќи во прилогот и низа историски и културолошки важни информации и сознанија, стекнати во текот на Школата, пред сè за Охрид и одделно за манастирот „Св. Наум", Вевчани, Битола и подвигот на браќата Манаки итн. Текстот изобулува со импресии, детални описи и фактографија. Во прилогот, посебно место зазема и македонската храна, при што Катан, меѓу другото вели: „Што и да изберете од македонската храна, не може да згрешите. Сигурна сум дека во Македонија нема да останете гладни затоа што порциите се обилни и вкусни, а угостителите секогаш насмеани и љубезни".

„Освен што ова беше мое прво учество на Летната школа, првпат бев и во Македонија. Многумина семинаристи не беа за првпат дел од оваа Школа. Тие повторно се враќаат на оваа Летна школа, но и во Македонија, бидејќи како што велат, во Македонија се чувствуваат како дома и секогаш се топло угостени, а тоа, сега можам и самата да го потврдам. Покрај тоа што од Македонија понесов голем број спомени, книги и сувенири, таму остана и дел од мене. Благодарна сум за стекнатото знање, за многуте пријателства коишто ги стекнав и за срдечните луѓе коишто ги запознав во Македонија. Едвај чекам повторно да се вратам во земјата каде што сонцето вечно сјае", вели Катан во завршницата на репортажниот текст на „Кишобран“, кој претставува портал - проект на Универзитетот од Риека и на Студентскиот совет на Универзитетот, реалииран од студентите.

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе