Од Лекарската комора велат дека со тоа целосно се девалвира трудот на докторите кои се вклучени во лекувањето на заболените со ковид-19.
„Индивидуалните, неаргументирани тврдења за ковид-19 на доктори и здравствените работници населението може да ги сфати сериозно, а со употребата на термини како ‘грешки во лекување’ се нанесува директна штета на угледот на целата лекарска фела и се создава страв и недоверба кај граѓаните во здравствениот систем и здравствените работници. Ваквите ставови можат да влијаат врз одлуката на пациентите да не побараат медицинска помош и со тоа директно да го загрозат своето здравје, но и да поттикнат вербални и физички напади врз здравствените работници”, предупредуваат од Лекарската комора.
Оттаму апелираат до докторите и здравствените работници кои настапуваат во јавност, тоа да го прават со сериозен и стручен пристап, со точни информации и научни доктрини, аргументирани и поткрепени со докази.
Од Комората потсетуваат дека докторите и здравствените работници не смеат да заборават дека нивната улога во справувањето со пандемијата е клучна, а секој поединец треба да даде придонес и поддршка на своите колеги кои работат со пациентите со ковид 19. Голем број здравствени работници дури и доброволно се вклучија во борбата со ковид-19 и сé уште се во жариштата на епидемијата во земјава, а борбата со вирусот и натаму претстои, до пронаоѓање на вакцина или лек.
Докторите и другите здравствени работници кои во време на глобална пандемија даваат придонес во лекувањето на болните од ковид-19 постојано, додаваат оттаму, се на првата линија на фронтот со вирусот, изложени на ризик по сопственото здравје, но и здравјето на своите најблиски.
Истовремено од Комората повикуваат секој кој има сознанија дека во некоја здравствена установа не се постапува согласно протоколите за лекување, согласно етичките начела и доктрини, може да поднесе пријава до Лекарската комора, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и сите останати надлежни институции.