Истражување на Институтот за стратешки дијалог

Лажните вести значително влијаат врз вакцинацијата против ковид-19

Лажен пост на директорот на Клиниката за пулмологија, проф. д-р Дејан Докиќ поврзан со состојбата со ковид-19, во кој тој наводно повикуваше сите да останеме дома и дека нема ниту едно слободно место во болниците, беше споделуван на социјалните мрежи, а за кој подоцна самиот Докиќ кажа дека е дезинформација и оти пријавил во полиција, вести за ВИП вакцинација на министри, кои неколку пати беа демантирани од владини претставници, лажен повик за вакцинација на членови на СДСМ се само дел од лавината невистините информации поврзани со пандемијата со кои е бомбардирана јавноста изминатите денови.

Вирусот, кој минатата година го зафати светот и кој предизвика драстични промени во секојдневнето живеење на луѓето доведе до феноменот на инфодемија, заболеност од лажни информации, кои предизвикуваат паника и страв кај граѓаните. Од лабораториско креирање на вирусот, до неговото поврзување со 5Г мрежата, преку тврдењата дека една или група држави, но понекогаш и дека човек или организација сакаат да завладеат со светот, чипирајќи го населението преку вакцините за ковид-19 е дел од лажниот наратив со кој се соочуваме од почетокот на пандемијата.

Деновиве е актуелна вакцинацијата, откако по пристигнувањето на првата поголема количина вакцини, властите најавуваат и почеток на масовна имунизација на населението.

За влијанието на лажните вести врз подготвеноста на граѓаните да се вакцинираат разговараме со Симеон Дукиќ од Институтот за стратешки дијалог, кој неодамна спроведе истражување на состојбата со лажните вести поврзани со ковид-19 во Македонија.

Во истражувањето се опфатени повеќе теми поврзани со дезинформациите и Ковид-19, а вакцинацијата е една од нив. Дукиќ потенцира дека лажните вести имаат значителна улога во одлуката на граѓаните да ја примат вакцината против ковид-19.

Поголемиот дел од македонските граѓани, односно 55 отсто, според истражувањето најверојатно нема да се вакцинираат доколку вакцината им биде понудена.

„Интересно од нашите наоди е да се види дека генерално мажите поверојатно би се вакцинирале од жените, а исто така и етничките Албанци во поголема мера би се вакцинирале од останатите етнички групи во државата. Бидејќи сега го отпочнуваме процесот на масовна имунизација возможно е процентот на граѓани кои ќе/нема да се вакцинираат да е сменет поради поголемите лажни вести кои кружат во изминатиот период“, нагласува Дукиќ.

Утврдиле и дека граѓаните кои можеле точно да ја препознаат причината за појавата на ковид-19 е поверојатно дека ќе се вакцинираат од оние што не можат да ја утврдат легитимната причина, нагласува Дукиќ.

На секои 100 граѓани во државата, 12 можат да ја препознаат причината за појавата на коринавирусот, додека 88 не можат, покажуваат резултатите од истражувањето. Од тие 12 кои можат, осум би се вакцинирале, што е околу 67 отсто, додека четворица не би се вакцинирале.

Од оние граѓани, кои не можат точно да ја препознаат причината 37 би се вакцинирале (околу 42 отсто), додека 51 не би се вакцинирале.

„Иако дезинформациите околу причините за појавата на коронавирусот не се клучни за тоа дали некој граѓанин ќе се вакцинира, нашите наоди покажуваат дека сепак имаат значајна корелација со нивната одлука“, вели Дукиќ.

Констатирале три клучни причини поради кои граѓаните не би се вакцинирале – вакцините се небезбедни (38 отсто) , вакцините не функционираат (29 отсто) и вакцините се користат за масовно следење и контрола на населението (17 отсто).

„Овие три наративи се клучни и со цел да се зголеми нивото на луѓе кои би се вакцинирале треба да се работи на зголемување на свеста дека вакцините се безбедни и функционираат“, потенцира Дукиќ.

Македонските граѓани во голема мера подложни на дезинформации, особено во врска со потеклото на корона вирусот

Истражувањето на Институтот за стратешки дијалог за влијанијата на дезинформациите поврзани Ковид-19 во Северна Македонија беше спроведено во октомври 2020 година, а добиените резултати покажале дека македонските граѓани во голема мера се подложни на дезинформации, особено во врска со причината за појавувањето на коронавирусот.

Како што појасни Дукиќ за МИА помалку од еден од пет граѓани или 12 отсто, кои живеат во државата можат точно да ја утврдат причината околу појавувањето на пандемијата.

„Увидовме дека овој наод е доследен низ сите демографски групи, пол, возраст, етничка припадност, ниво на образование итн., освен со местото, регионот на живеење. Нашите податоци укажуваат дека граѓаните кои живеат во североисточниот, источниот и југоисточниот регион на државата имаат помала способност точно да ја идентификуваат причината за појавата на коронавирусот во споредба со граѓаните во другите делови на државата. Иако истражувањето е спроведено во октомври 2020 година, немам причина да верувам дека доколку денес би се спровело истото дека резултатите ќе варираат во некоја значајна мера“, смета Дукиќ.

Појасни дека истражувањето е извршено со репрезентативен примерок на 1.183 граѓани, стратифициран низ повеќе демографски групи и пропорционален на бројот на луѓето кои живеат во секој регион.

Телевизијата главен извор на информации за пандемијата, во просек еден граѓанин добива информации од три медиуми

Граѓаните за состојбата со пандемијата, најмногу се информираат од телевизиите, на второ место се социјалните медиуми, потоа се порталите и весниците.

„Според нашите наоди, најголем број на граѓани, 94 отсто ги добиваат информациите околу пандемијата преку телевизија, по што следат социјалните медиуми со 66 отсто и  домашните медиуми – весници и вебпортали со 63 отсто. Во просек еден граѓанин добива информации од три медиуми“, вели Дукиќ.

Истражувањето покажува дека во просек еден граѓанин добива информации од три медиуми. Оваа бројка се зголемува со зголемено нивото на образование и возраст на секој граѓанин – освен возрасната група на 60 години.

„Интересно е да се види дека многу голем дел од граѓаните ги добиваат своите информации од поголемите, мејнстрим медиуми каде што вестите во голема мера се проверени и доаѓаат од релевантни извори. Овој наод покренува прашање – доколку најголемиот дел од медиумите што граѓаните ги следат даваат проверени информации, зошто не успеаја точно да ја утврдат причината за појавување на вирусот? Што има клучно влијание на нивното мислење, знаење за појавата на Ковид-19 доколку тоа не се медиумите од кај што ги добиваат информациите на оваа тема“, нагласува Дукиќ.

Граѓаните како главен генератори на лажни вести ги посочиле јавноста и социјалните медиуми со по 50 отсто, потоа следуваат новинарите со 35 проценти, Владата со 25 проценти, меѓународните организации со 14 отсто, странски влади и политичари со 12 отсто, јавни личности и политичари десет проценти, опозициските партии со осум проценти, семејството и пријателите со три отсто, невладините организации со два процента, верските заедници со еден процент. Единаесет проценти од испитаниците одговориле дека не знаат кои се најголемите генератори на лажни вести поврзани со ковид-19.

Во врска со тоа кој треба да го спречи ширењето на лажните вести за пандемијата, 50 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е самата јавност, 46 проценти ја повикуваат Владата да го стори тоа, 30 отсто сметаат дека се одговорни новинарите, а 22 отсто дека тоа треба да го сторат компаниите кои ги поседуваат социјалните медиуми.

Најзастапена теорија на заговор е дека вирусот избегал од лабораторија, бледнеат оние за 5Г и оние кои велат „вирусот не постои“

Дезинформациите и лажните вести не се нов феномен, но новина изминатите десетина години е начинот на кои тие забрзано со шират преку новите дигитални алатки, кои ги поседуваат поголем број на граѓани.

Со оглед на тоа што е тешко да се мониторира секоја лажна вест што ќе излезе, Институтот во истражувањето се насочил кон утврдување на тоа која од поголемите дезинформациски содржини на светско ниво се прифатени од страна на граѓаните во нашата држава.

Според наодите во истражувањето најголем дел од граѓаните веруваат дека вирусот е создаден од страна на луѓе и има избегано од лабораторија (43 отсто). Потоа следат наводите дека пандемијата е меѓународен заговор предводен од странска држава (28 отсто), а по ова наводот дека коронавирусот е меѓународен заговор предводен од страна на странско лице или организација (24 отсто).

„Дополнително, важно е да се напомене дека дел од дезинформациите кои циркулираа на почетокот на падемијата, како што се наводот дека Ковид-19 не постои или дека главна причина за појавата и ширењето на коронавирусот е 5Г мрежата, веќе немаат големо влијание кај граѓаните. Само пет отсто сметаат дека коронавирусот не постои, додека 13 проценти веруваат дека кризата е начната од 5Г мрежите“, изјави Дукиќ.

Тој посочи дека во истражувањето добиле податоци дека македонските граѓани имаат големо ниво на самодоверба во нивната способност дека можат да препознаат лажна вест околу коронавирусот.

Седумдесет и два отсто од учесниците во истражувањето изјавиле дека се самоуверени во нивната способност да утврдат лажни вести.

„Таа самодоверба е повисока кај граѓани со повисоко ниво на образование, иако резултатите покажуваат дека самото ниво на образование кај една индивидуа не е клучно за тоа дали тој/таа може да идентификува лажна вест. Сепак, според мене оваа самодоверба е неоправдана врз основа на наодите што ги добивме околу причините за појавата на ковид-19 од страна на граѓаните наведени погоре“, истакна Дукиќ.

Во врска со тоа дали утврдиле дека одредени групи се поподложни на лажни вести за пандемијата или тие еднакво афектираат секого, Дукиќ вели дека генерално сите граѓани се еднакво опфатени и подложни на овој феномен. Разлика има кај одредени групи во поглед на тоа во какви лажни вести веруваат.

„На пример, поголем број од граѓаните кои се постари веруваат дека пандемијата е казна од Господ, во споредба со помладите генерации. Слично, граѓаните со понизок степен на образование веруваат дека Ковид-19 е казна од Господ во споредба со граѓаните со повисоко ниво на образование. Има доста вакви примери коишто можам да ги набројам, но клучно е да се напомене дека различни лажни вести имаат различно влијание врз различни групи врз основа на личните предрасуди и пристрасности. Сепак, кога зборуваме генерално за подложноста на дезинформации, според нашето истражување лажните вести во голем степен поеднакво влијаат кај сите социо-демографски групи во нашата држава“, нагласи Дукиќ.

Додава дека влијанието на лажните вести и теориите на заговор ќе биде различно кај секој граѓанин, врз основа на типот на дезинформации кои го конзумираат. Истакнува дека влијанието може да биде апстрактно, на пример во поглед на тоа како го разбираат светот, а може да биде и практично, во поглед на тоа дали ќе се вакцинираат или не.

„Една од работите што беше исклучително важна за нас како дел од ова истражување беше наодот околу влијанието на дезинформациите на односите помеѓу различните заедници во нашата држава. Мене лично ми е драго што дезинформациите кои беа наменети да потпалат тензии помеѓу различни групи не успеаја во голема мера, бидејќи поголемиот дел од граѓаните веруваат дека односите не се променети како резултат на лажни вести, заклучува Дукиќ.

Истражувањето покажува дека повеќето граѓани, односно 44 отсто сметаат дека дезинформациите поврзани со ковид-19 немаат ефект врз односите меѓу различни етнички, верски и политички заедници во земјата. Триесет и два отсто сметаат дека постои негативно влијание, додека 24 проценти се изјасниле дека влијанието е позитивно.

 Во однос на тоа како Владата се справува со кризата, генерално граѓаните се позадоволни од одговорот на централната власт, отколку од она што се презема на локално ниво.

Четириесет и девет проценти од анкетираните се задоволни од одговорот на Владата во справувањето со корона-кризата, додека 51 отсто изразиле незадоволство. Во однос на локалните власти 45 проценти се задоволни, додека незадоволство изразиле 55 отсто од граѓаните.

Време е да се фокусираме врз суштинските проблеми. Време е да создадеме вистински ’општествен договор‘ за владеење на правото и на човековите права како главни столбови на европските вредности

повеќе

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе