Интервју

Кунгуловски: Стапката на преживување на ковид пациентите во клиниката „Жан Митрев“ е 74,6%

Траумата од смрт на пациент е доживотна за секое медицинско лице, но процентот на преживеаните ковид пациенти по применета хемофилтрација е висок во клиниката „Жан Митрев“. Но за хемофилтрацијата треба да се водат дискусии во научни кругови, вели во разговорот за МКД.мк, д-р Горан Кунгуловски, коосновач на „Жан Митрев“ лабораторија и коосновач на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина на клиниката „Жан Митрев. Стапката на преживување изнесува 74,6% или од вкупно 1.738 третирани пациенти, 1.296 преживеале.

Се согласувам со вас дека за хемофилтрацијата треба да се водат дискусии во научни кругови, меѓутоа тука станува збор за тоа што се случувало пред еден пациент да седне на вашиот апарат за хемофилтрација. Дали биле почитувани сите неопходни процедури, во смисла согласност, потпис, укажување на сите можни позитивни и негативни последици...

- За секој научен проблем, медицински третман, препорака или пристап во лекувањето дискусиите треба да се водат стриктно во научни и стручни кругови. Само во научни и стручни кругови може отворено и објективно да се дискутираат предностите и мааните на еден процес заедно со сите негови нијанси, без притоа дискусијата да биде подложна на лоша или несмасна интерпретација.

При употреба на секое медицинско средство или третман, секогаш се прави пресметка помеѓу корисноста (здравствениот бенефит) од неговата примена и несаканите ефекти од неговата примена. Врз основа на податоци за корисноста, несаканите дејства, безбедноста и ефективноста на медицинското средство добиени од страна на производителот, агенциите за лекови носат одлуки за одобрување или неодобрување на истото. Секој од нас може да провери дека медицинското средство – хемофилтер има ургентно одобрување (потполно исто како тоа за вакцините) од страна на Американската агенција за лекови (FDA) за употреба при ковид, со јасно дефиниран индикационен опсег. Доколку лек, третман или медицинско средство се одобрени од Американската агенција за лекови (FDA) и/или Европската агенција за лекови (EMA), нивната примена, во случајов на хемофилтрацијата е легитимна. Ако некој лек, третман или медицинско средство се ургентно одобрени од вакво авторитетно регулаторно тело како FDA, тие не можат да се сметаат за небезбедни, неиспитани и нетестирани. Следствено нивната примена во пандемија според нивното упатство за работа е сосема легитимно. Според европската регулатива, која вели кога лек или медицинско помагало кои имаат одобрение за промет се употребуваат во рамките на одобреното индикационо подрачје, во дози и начин кој е пропишан за негово користење немаат статус на клинички испитувања и не се предмет на регулативата за добивање на одобрение за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на пациентот.

Како и секоја добра медицинска пракса, пациентот и/или неговата потесна фамилија во оптимална ситуација треба да бидат информирани за сите аспекти на болеста и да им биде укажана тежината на клиничката состојба којашто се третира. Во тек на пандемијата како што беше таа со ковид, тимовите на лекари и стручни лица се тие кои носат одлуки и препораки за лекување, базирани на нивното искуство, знаење и стручност. Кога се работи за нова болест како ковид, најчесто тие препораки се засновани на медицина базирана на докази за третман на слични болести и состојби.

Велите дека не се работело за експеримент, туку за веќе сосема испитан и одобрен третман. Колкав е процентот на успех на тој третман во клиниката „Жан Митрев“?

- Хемофилтрацијата претставува само еден дел од спектарот на методи и пристапи што се користат за лекувањето на пациентите. За тоа кога, како и во која комбинација, подобро може да објаснат колегите кои се задолжени за интензивно лекување на пациенти со ковид. Според последните статистички податоци со коишто располагам, „процентот на успех” кај хоспитализирани пациенти исклучиво третирани и лекувани во „Жан Митрев“ клиниката е сличен на просекот во 200 германски болници - просечното преживување изнесува 78%. Оваа стапка на успех во лекувањето е повисока од националниот македонски просек според последните податоци на ИЈЗ. Кога се работи за вкупниот број на пациенти хоспитализирани во „Жан Митрев“ (во нив спаѓаат и пациенти дојдени од други здравствени установи), стапката на преживување изнесува 74,6% или од вкупно 1.738 третирани пациенти, 1.296 преживеале. Кој доктор не би сакал сите да преживеат и да не постои траума. Колку за споредба, стапката на преживување според студија направена во Велика Британија изнесува помеѓу 50-89% во зависност од бранот, според студија во Шпанија просекот е 64,4%, студија во Америка 80,3%, студии во Бразил 61,6-75,4%.

Но, исто така треба да напоменам дека за правилна и научна споредба на „процент на успех” и исходи од лекување помеѓу различни болници во Македонија и светот, не е доволно да се споредат само грубите бројки на хоспитализирани пациенти и починати пациенти. Пример, потребно е пациентите да се поделат во групи според тежината на болеста на прием (исходите на тешки пациенти да се споредуваат само со исходите на други тешки пациенти, критични само со критични, лесни само со лесни), според групи на коморбидитети (има, нема и кои) и многу други клинички фактори коишто треба да се искористат како статистички коваријабли кои може да влијаат на смртниот исход. Откако сѐ тоа ќе се утврди, со помош на напредни статистички методи може да се направи објективна споредба на смртни исходи и процент на успех помеѓу држави и/или институции. Во статистиката никогаш не треба да се споредуваат баби и жаби.

Зошто македонската агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) до сега официјално не излезе да каже дека хемофилтрацијата е одобрено медицинско средство во лекувањето на ковид-пациентите?

- Според информациите со кои располагам, за некое медицинско средство да може воопшто да се користи во Македонија треба да добие дозвола за увоз од МАЛМЕД. За да се добие таа дозвола потребно е да се достави соодветна документација за медицинското средство. Ниту една здравствена установа не може да увезе и користи медицински средства и помагала, без дозвола од МАЛМЕД.

Колкав е процентот на појава на секундарна инфекција кај пациентите во болницата „Жан Митрев“? Зошто секундарните инфекции во болницата не биле пријавувани кај медицинските власти во Македонија? Што се криело?

- Процентот на детектирани секундари инфекции зависи од фреквенцијата на тестирање, клиничката слика на пациентот, времетраењето на лекувањето и типот на лекувањето. Научните студии велат дека застапеноста на секундарни инфекции во одделите за интензивна нега кај ковид пациенти во светот е некаде помеѓу 9,3%-87% од третираните пациенти. А податоците по земји се различни. Во Белгија на пример, секундарната инфекција се јавила кај 68% од тестираните пациенти, во Велика Британија кај 30,6%, во Франција овој процент е 27% од тестираните пациенти. Во студија во Кина е откриено дека секундарна инфекција се јавила кај 86,8% од тестираните пациенти кои биле хоспитализирани повеќе од 72 часа.

Секое лице што се занимава со медицина или има биомедицинско познавање знае дека секундарните инфекции се неизбежни, токму поради нивната интринсична природа. Секундарните инфекции претставуваат неизбежен дел од практикувањето на медицина не само во „Жан Митрев“, туку и во светот, посебно во одделенијата за интензивна нега каде што пациентите подлегнуваат на долготрајни хоспитализации и инвазивно лекување.

Тие се јавуваат најчесто кај тешки, критични пациенти кои се имунокомпромитирани од самото заболување во случајов од вирусот SARS CoV 2 и претходни коморбидитети-болести, или поради претходното прекумерно оптоварување со антибиотици. Во првиот момент кога ќе стапи микроорганизмот во контакт со пациент со ослабнат имун систем, како кај ковид, хронична болест на бели дробови, дијабетес, долг болнички престој, како кај ковид, состојби при коишто се користи респиратор, како кај ковид, или при третман на отворени рани, постои огромен ризик за настанување инфекција, која и покрај преземање на препорачаните мерки не може да се превенира. Микроорганизмите кои ја предизвикуваат инфекцијата, најчесто произлегуваат од внатрешната, постоечка, ендогена микрофлора на секој организам, која во услови на имунокомпромитираност лесно станува патогена т.е. предизвикува инфекции.

Во клиниката „Жан Митрев“ постојат протоколи и стандардни оперативни процедури за спречување, делување и контрола на инфекции според највисоки стандарди. Информациите за детектирани инфекции може да се најдат во досието на секој амбулантски или стационарен пациент и за секој од нив има точен дигитален траг. За начинот на кој се пријавувани заразните болести и инфекции во нашата клиника, јавноста треба да почека официјален исказ на надлежните институции.

A.Д.

Објавено

Петок, Август 12, 2022 - 13:39

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе