четврток, 23 април 2026

Кунгуловски: Контактите на заразените мора да се следат, зашто делта-сојот е многу позаразен

Објавено на

часот

Сподели

„Потребно е пократко време од контакт до ПЦР-позитивен резултат при инфекција со делта-сојот. Ако со изворниот сој просекот бил 5,7 дена, со делта сојот е 3,7 дена. И тоа со делта, околу 12,5% стануваат позитивни на ден 2, 27% на ден 3, 20% на ден 4, 24% на ден 5 и останатите на ден 6 или 7. Значи по 5 дена од контактот, ПЦР-сигнал се детектира кај ~85% од заразените“, вели Кунгуловски во објава на својот фејсбук-профил.

Кај заразените со делта-сојот се детектира просечно околу 1.000 пати повисока концентрација на вирус отколку со изворниот сој, нагласува Кунгуловски.

„Бидејќи времето од контактот до ПЦР-позитивитет е намалено и бидејќи концентрацијата на вирусот е повисока, ќе треба aгресивно следење на контактите и изолација на заразените и нивните контакти. Исто така одговорност и на населението, коешто нема решенија, ама има сознанија за контакт со позитивен или за појава на симптоми. Бидејќи концентрацијата на вирус е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на рапид антигенските тестови. Значи 70-80% од ПЦР позитивните би се детектирале и на рапид антигенски. Ова ќе овозможи побрзо тестирање и скрининг на населението. Значи на ден 5 од контактот со позитивен, би можеле да се детектираат ~60% oд позитивните со рапид антигенски тест“, објасува Кунгуловски.

На прашањето каква е моќта на вакцините, тој нагласува дека „вакцините си ја вршат својата работа“:

„Во зависност од вакцината, ризикот за зараза е 10-20 пати намален во споредба со невакциниран (непрележан). Значи луѓето се уште може да се заразат, посебно тие што се во постојан контакт со заразен, ама веројатноста е драматично намалена. Вакцинираните покрај тоа што имаат помала веројатност да се заразат, доколку се заразат имаат помала шанса да заразат некој друг. Пример, ако кај невакцинирано население би имало 20 смртни исходи, кај вакцинирано би имало 1“.

Кунгуловски вели дека е неопходно приоритетно вакцинирање на постарото население и на населението со коморбидити и дека само на тој начин „ќе се намали бројката на сериозно болни и бројката на смртни исходи. Доказ за ова е Велика Британија каде што има нов силен бран (како есенскиот), но минимален број на хоспитализации и смртни исходи поради големиот процент на вакцинирано население, посебно постаро. Со понатамошна вакцинација и евентуално трета доза, ќе може да се намали и ланецот на трансмисија. Така ќе се сузбие пандемијата“, вели во својата објава Кунгуловски и нагласува:

„Нема друг начин, само вакцини, редовно тестирање и одговорност“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ