Ковид-центрите полни, нови рестриктивни мерки нема

До вторник нема да има измени на рестриктивните мерки кои се на сила, откако состанокот на Комисијата за заразни болести заврши без предлог до Владата. Во меѓувреме се бележат рекорди во нови случаи на ковид-19 во земјава, а надлежните остануваат на ставот дека ситуацијата е под контрола.

Вчера Министерството за здравство регистрираше нови 1.422 случаи од направени 4.277 тестирања, а битката со вирусот ја изгубија 33 пациенти, од кои најмладиот на 38-годишна возраст. Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски вели дека сега во земјава е присутен британскиот сој, кој се шири многу побрзо и за пократко време развива тешка клиничка слика.

„Кај нас со сигурност ги имаме чешкиот и британскиот сој. Овој британски сој во 24 до 48 часа развива клиничка слика која е навидум лесна, меѓутоа воспаление на бели дробови и тешка компликација се прави за нецели три дена. Ако некогаш велевме дека инкубацијата трае до 14 дена, сега е три до пет дена. Клиничката слика може да се појави нагло, во мал временски период со навидум лесни симптоми и со многу потешка компликација прво на белите дробови, но имаме мултисистемско зафаќање од глава, срце, црн дроб, бубрези, до оштетување на крвните садови. Значи мултисистемско зафаќање од „чудовиште“, рече вчера Караџовски на гостувањето во телевизија Канал 5.

Според него, круцијална е следната недела во делот на заболени, хоспитализирани, починати и болнички кревети.

„Сѐ уште не сме го достигнале максимумот. Секој респираторен вирус ја има својата активност шест до осум недели. Во моментот сме крај на шестата недела. Круцијална е седмата недела во делот на заболени, хоспитализирани, починати и болнички кревети“, рече Караџовски.

Во моментот, вирусот е најдоминатен кај оние од 30 до 39 години, каде и има најголема хоспитализација, заедно со категоријата на граѓани над 60 години. Намалена е хоспитализацијата кај граѓаните од 40 до 50 години.

Караџовски вели дека младите од 30 до 39 години се доминантна група каде се шири вирусот бидејќи тие излегуваат од дома, се дружат, не ги почитуваат некаде мерките, и проблемот е во тоа што повеќето стануваат позитивни и вирусот го носат дома. Статистиката за бројот на хоспитализирани што вчера ја објави Министерството за здравство покажува дека во ковид-центрите и инфективните одделенија низ државата се лекуваат 1.537 лица и има околу 250 слободни кревети. Само во Скопје за едно деноноќие се хоспитализирани 70 нови пациенти, а на инфективните одделенија се лекуваат вкупно 621 лице.

Утре наутро, според најавите од премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, треба да дојде првата пратка од 24 илјади дози вакцини од производителот „АстраЗенека“ преку Ковакс механизмот.

Најавените 24 илјади вакцини ќе се искористат за исто толку граѓани бидејќи од Владата и министерството за здравство се уверени дека за три месеци ќе пристигне и втората пратка вакцини од овој производител која посред протоколите се прима во две дози во временска разлика од три месеци.

 

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе