Ковид-19: нови мерки нема да има, вакцинацијата е излез од кризата

Во земјава активни се 8.415 случаи на ковид-19, а од нив од најмногу се во Скопје-3.797, потоа во Битола 635 активни случаи, во Прилеп 401, во Куманово 379, во Кавадарци 363, во Велес 358, во Штип 264… Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки. 

„Апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни со тоа што треба да се почитуваат”, рече Филипче.

Според него, носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.

„Ние можеме да контролираме, но не може ниту една држава се да исконтролира. Затоа е свеста и совеста на граѓаните многу важна. Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни”, изјави Филипче.

Мерките, како што кажа, се еднакви како во сите развиени земји и нагласи дека излезот од кризата е вакцинацијата на населението.

„Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши”, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот.

Тој додаде и дека е намален процентот на луѓе кои се хоспитализираат од вкупниот број на нови дијагностицирани, споредено со претходните бранови кога тој процент бил околу десет, а сега е некаде меѓу пет и шест отсто.

„Вирусот е многу непредвидлив и да има нов сој, тоа значи дека ќе има некои нови карактеристики. Затоа, за тоа што се прави во регионот и какви се ефектите од тоа ќе дискутираме следната недела. Апсолутно ако има некаква мерка, што нас ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме”, изјави Филипче.

Граѓаните, нагласи, мора да знаат дека со својата свест, совест и одговорност многу придонесуваат, прво за сопственото здравје, а потоа и на здравствениот систем.

„Знаете, сега е преоптоварен здравствениот систем, во делот на ковид центрите, од невакцинирни пациенти. Вакцинираните пациенти, имаат очигледно полесна клиничка форма и ако продолжи тој тренд, повторно ќе бидат преоптоварени болниците, како што се сега во Србија, Хрватска, Бугарија и Грција. Апелирам граѓаните да се вакцинираат, има доволно вакцини, пунктовите работат. Тоа е излезот од кризата”, порача Филипче.

Вакцинацијата за сезонски грип и за ковид, без разлика дали е прва, ревакцина или е трета доза може да биде и истовремено, појасни Филипче и додаде дека ако, пак, има временска разлика, нема никаква врска колку е временската дистанца.

Министерството за здравство вчера ја објави анализата за период од 6 август заклучно со 11 ноември, според која, во изминатите три месеци 71 процент од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани, наспроти 29 отсто кои биле вакцинирани. Од починатите граѓани, 80 проценти не биле вакцинирани, а 20 отсто вакцинирани.

 

„Во период од 6 август до 11 ноември на територија на државата 52.436 граѓанин, се позитивни од тестирани на ковид-19, од нив 29 проценти биле целосно вакцинирани, односно 15.456 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистика за изминативе три месеци, 36.980, граѓани, односно 71 отсто од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани”, се вели во анализата на Министерството за здравство.

Анализата, исто така, покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

– Во период од 6 август до 11 ноември на територија на државата починале 1.788 пациенти со Ковид 19, 1.434 пациенти од починатите, односно 80 проценти не биле вакцинирани, а само 20 отсто, односно 354 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас”, стои во анализата на Министерството.

Од Министерството нагласуваат дека секоја вакцина која ја има на располагање е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, со што ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на SarsCoV2.

„Во изминатите два дена аплицирани се вкупно 7.169 дози вакцини, од кои 1.389 се аплицирани како прва доза, 1.364 се ревакцинирани, а 3.433 граѓани примиле трета доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Заклучно со 11 ноември вкупно се вакцинирани 812.631 граѓани, ревакцинирани се 783.880, а трета доза примиле 51.531 граѓани. Дури 54 проценти од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина”, информираат од Министерството за здравство.

Според бројот на аплицирани вакцини, 39 проценти од целата популација во земјава е вакцинирана, а 37 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во државава од почетокот на епидемијата изнесува 208.467, на оздравени пациенти е 192.745, а на починати е 7.307.

 

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе