Комисијата за заразни болести, како што соопшти Министерството за здравство, побара од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини во државата и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.
Денес на Комисијата за заразни болести биле присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледувале и се разговарало и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките.
Исто така, била разгледана и информацијата за воведување на ПЦР тестови за граѓаните од ризичните земји кои транзитираат низ нашата земја, за сега Комисијата продолжува будно да ја следи ситуацијата и доколку се утврди дека има потреба, не се исклучени дополнителни мерки. Со постојните мерки, граѓаните кои транзитираат низ земјава потпишуваат изјава дека за 3 часа ќе ја напуштат земјата и не претставуваат опасност за ширење на коронавирусот во нашата земја.