петок, 19 април 2024

ДКСК повторно го прифати приговорот на Сиљановска Давкова: Нема вработувања во АСЈО

Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК и во повтореното одлучување го усвои приговорот на Гордана Силјаноска Давкова и на Академијата за судии и обвинители ѝ наложи да ја стави во мирување постапката за вработување, односно за прием, на 130 слушатели до завршување на изборите. Четири членови на ДКСК гласаа за одлуката, а против Софија Спасова Медарска.

Објавено на

часот

Сподели

„Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130  слушател, да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во парламентот и Владата, се вели во одлуката.

Против одлуката, која ќе биде објавена во рок од 24 часа е дозволена тужба во рок од 24 часа од објавата.

Спасова Медарска, поранешна судијка, побара да ги образложи причините за нејзината одлука.

„Според Уставот, судската власт е самостојна, независна и јасно одвоена од законодавната и извршната власт и согласно тоа процесите што се одвиваат во рамки на правосудството, не би смееле да се доведуваат во врска и да зависат од политичките процеси, како што е изборниот процес“.

Итноста и неопходноста од нови кадри во рамки на правосудството, како што рече таа, можат да ја проценуваат и определуваат само Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во чија надлежност е да ги следат состојбите со испразнетите места и да го определат потребниот број на слушатели кои ќе ги едуцира Академијата во секоја генерација.

Спасова Медарска се осврна и на даденото мислење од страна на претходен состав на ДКСК, од кое смета дека не треба и не може да се отстапи, затоа што, нагласи, нема суштинска разлика во состојбите.

„Ова од причина што и тогаш и сега се работи за постапка за прием на слушатели на почетна обука во АСЈО и тогаш и сега истото било планирано и започнато пред изборите и тогаш и сега за истите претходно била обезбедена согласност за обезбедени финансиски средства за вработување и тогаш и сега предметната одредба од Изборниот законик е иста. Начелото на законитост му налага на органот да постапува исто во иста или слична правна ситуација. Ако во 2017 година, Државната комисија при иста или многу слична фактичка и правна ситуација дала мислење дека нема законска пречка да се реализира започната постапка за вработување, се поставува прашање како може сега да се смета дека истото постапување претставува повреда на законот“, посочи Спасова Медарска пред гласањето.

На 6 април до Антикорупциската комисија беше доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска – Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Приговорот од Сиљановска – Давкова и тогаш беше усвоен од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.

И денеска своите аргументи ги изнесоа директорката на АСЈО Наташа Габер Дамјановска и претседателската кандидатка Гордана Сиљановска Давкова. Сиљановска Давкова повтори дека не постои исклучок кога законите се во прашање и поовтори дека е Академијата ги крши законите, но и дека со објавувањето на огласот и со спроведувањето на постапката, се влијае врз изборниот процес. Габер Дамјановска повтори дека процесот е започнат многу одамна, пред и да се знае кога ќе има избори и оти судството и обвинителството не можат да зависат од изборни процеси, како и дека не станува збор за класично врабоување. Во случај некој кандидат да не ја „помине“ Академијата, парите ги враќа, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ