Денеска започна голем штрајк во образованието, но не им се даде шанса на преговорите од страна на СОНК од каде почнаа со штрајкот иако имаше апели да продолжат разговорите, вели за Утрински брифинг Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Битиќи вели дека СОНК не го испочитувал договараното во преговорите и нагласува:
„Прво беше зголемување на минималната плата, второ беше усогласување на платите со минималната во рок од шест месеци и за тоа се согласи и СОНК кој сега штрајкува. На преговори се договоривме за тие шест месеци период и СОНК се согласи, а три дена по почнувањето на минималната плата СОНК прогласува штрајк“, вели Битиќи.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков исто така за Утрински брифинг вели дека секогаш имало волја за преговори, но дека од власта не се почитуваат законите.
„Ние протестираме, штрајкуваме за непочитување на Законите и колективните договори. Сметам дека штрајкот не е избрзан туку задоцнет. Тоа е од причина што ова е финишот од недоразбирањата во однос на примената на Законите и колективните договори. Ова прашање го актуелизираме наназад 4 години. Не би сакал да се политизира социјалниот статус на дејностите кои ги застапуваме. Уште од 2017 и 2018 година почнавме со протести и сметаме дека мора да се применува Законот за минимална плата. Затоа прашувам зошто толку време не се усогласени платите, па да поверувам дека за шест месеци ќе се усогласат“, рече Неделков.
Во изјава за МИА пак, Неделков информира дека штрајкот во училиштата и градинките е почнат, и дека штрајкуваат најголемиот дел од колегите. За евентуални притисоци врз штрајкувачите СОНК ќе информира на прес-конференција, вели Неделков.
„Евентуално, ако имало конфликтна ситуација или вршење притисок врз оние што штрајкуваат да мора да се прифаќаат децата. Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги принудуваат штрајкувачите да прават тоа што не треба да прават за време на штрајкот“, додаде Неделков.
Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК го организира бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на миниманата плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.