Кофинансираните специјализанти за утре најавија протест

Група од 130 лекари на кофинансирана специјализација за утре најавија протест пред Министерството за здравство, на кој ќе го изразат своето незадоволство од условите и договорите по кои работат.  Како причина за протестот го наведуваат тоа што нивните специјализации не се вклопуваат во Законот за здравствена заштита.

За протестот, кој беше најавен и на Фејсбук профилот на Здружението на лекари специјализанти – ЗЛС, министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека дознал ден претходно, при што напомена дека нивното барање го смета за легитимно.

Тој потенцира дека имале работна средба, а закажана е и нова за да видат што може да се направи, затоа што, како што посочи, станува збор за потреба од измена на Закон за здравствена заштита.

„Ве известуваме дека на ден понеделник, 18.11.2019 година, ќе се организира протест на кофинансираните приватни специјализанти пред просториите на Министерството за здравство поради следниве причини: Нашите кофинансирани приватни специјализации не се вклопуваат во Законот за здравствена заштита, бидејќи содржат елементи и од приватни и од државни и не се целосно дефинирани“, се вели во нивната објава.

Почитувањето, односно непочитувањето на договорот од страна на Јавните здравствени установи за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време по завршувањето на специјализацијата  се уште претставува проблем, додава ЗЛС, со тоа што млади доктори кофинансирани кои се завршени специјалисти добиваат плата во висина на една просечна плата на ниво на Република Северна Македонија.

„И покрај тоа што земаме пониска плата од нашите колеги кои немаат никаква обврска кон државата (ниту да работат во одредена институција, ниту да враќаат енормни суми на државата), плаќаме   одреден дел од нашата партиципација за специјализација сами и годините што треба да ги одработиме за установата се исти како и државните специјализанти, финансиите што треба да ги вратиме се повисоки од тие на државните специјализанти кои се во однос 1:2, а ние кофинансираните сеуште остануваме со однос 1:5  (5 пати повисоки од износот кој што е кофинансиран) доколку би се откажале од истата“, нагласува ЗЛС.

Во врска со висината на нивната плата, велат изнесува колку една просечна плата на ниво на Република Северна Македонија, која е пониска од платата на државен специјализант во иста „ЈЗУ", кој е со иста ангажираност, исти услови, ист обврзувачки договор, како и кофинансираниот. Со тоа, како што појаснува ЗЛС кофинансираните специјализанти не се опфатени со никакво покачување на плата за лекари специјализанти предвидено со закон.

„Очигледно овој пилот проект на кофинансирана специјализација има суштински проблеми кој треба детално да се разгледаат. Бараме трансформација на работниот однос од определено во неопределено и прецизно дефинирање и усогласување на решенијата за горе наведените проблеми во најкраток можен рок“, се нагласува во нивната објава на Фејсбук.

Министерот Филипче вчера истакна дека во текот на минатата недела имал состанок со кофинансираните специјализанти и нагласи дека оваа Влада е првата, која одвоила средства во 2018 година приватните специјализанти за прв пат да бидат платени за својот труд.

„Тие до тогаш работеа практично без пари. Кофинансираните специјализанти се една посебна група која што има направено посебни договори заради тоа што преку специјализацијата тие имаат направено и договор на определено работно време. Согласно Законот, кога ја завршуваат специјализацијата, нивниот работен однос се трансформира во работен однос на неопределено работно време“, истакна Филипче.

За него е сосема легитимно барањето да се направи трансформација уште за време на специјализацијата за што во овој момент не постои законска можност, а се со цел да го добијат зголемувањето на средствата. кое сега го добиваат здравствените работници.

„Ние договоривме дека ќе направиме неколку работни средби во рамки на Министерството со правната служба во рамки на нашата соработка со Фондот за здравствено осигурување и веројатно со пратениците со цел да се види каква е можноста тој Закон во тој дел да се промени. Закажавме уште една средба за тогаш кога ќе ги имаме информациите во текот на следната недела за да видиме што и како можеме да направиме во однос на динамиката за тоа што следува во Собранието“, истакна Филипче. 

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе