По подолго време се појави претседателот на Комисијата за заразни болести

Караџовски: „Прележаните“ можно е пак да се разболат - далеку сме од колективен имунитет

„Жив сум и здрав, нормално функционирам, редовно одам на работа и на состаноците на Комисијата за заразни болести, нема потреба да бидам 'турска серија'  подобро е да ме гледате со поретка динамика, еднаш неделно на пример, како што ќе каже министерот“, со овие зборови претседателот на Комисијата д-р Жарко Караџовски одговори на новинарското прашање зошто откако ја прележал болеста предизвикана од ковид-19 не се појавуваше во јавноста и не им се јавуваше на новинарите. Тој потврди дека во Македонија се регистрирани 116 реинфекции и нагласи дека „прележаните“ мора и натаму да бидат внимателни.,

Во Македонија официјално се регистрирани 116 случаи на повторно заразување со коронавирусот. Ја следиме состојбата во земјава, но морам да нагласам дека и во светски рамки се бележат случаи на реинфекција, податоците велат дека на 112.000 случаи, еден човек повторно се заразува со ковид-19. Тоа може да се должи и на различните мутаци на вирусот, но сепак процентот не е голем.

Сепак, мое е да предупредам, рече Караџовски, граѓаните мора да внимаваат, не може да си велат „прележав, не можам повторно да се разболам".

„Дваесетина институции ја следат состојбата со епидемијата, со дијагностиката и со ПЦР тестовите. И од нив може да се добијат податоци дека реинфекциите со ковид-19 се должат на невнимателност, генерално станува збор за лица кои верувале дека нема да се заразат, а контактирале со болни. Можно е еден дел од нив да се заразени од британскиот сој, кој вирус е за 50-70 отсто позаразен од првичниот, а е присутен во Македонија. Не можеме никому да му кажеме дека е сигурен - циркулираат и други соеви - бразилски, јужноафрикански , а од завчера е јавено и за нов сој од Франција. Постојат над 4.000 мутации, многу од нив не се со идентични симптоми кај заразените“, рече Караџовски.

Тој нагласи дека податоците кои беа презентирани, а кои говорат за 31 отсто граѓани кои имаат антитела, базирано на само илјада случајни минувачи, не се доволен доказ. Но и нагласи дека новите мутации носат нови ризици и заклучи дека не сме блиску до колективен имунитет.

Во однос на прашањето дали е доволна една доза на вакцина и дали може вакциниран човек повторно да се зарази, Караџовски рече:

„По првата примена доза на вакцина потребни се две - три недели до втората доза. За тоа време е потребна максимална внимателност, носење на маска, држење дистанца, неконтактирање со можни позитивни лица, зашто инфекцијата е можна. Исто толку време на максимална внимателност е потребна и по втората доза, додека не се создаде целосен ефект од вакцината“.

Во однос на претстојниот попис на населението и дали тој како епидемиолог би предложил негово одложување, Караџовски рече дека Комисијата за заразни болести не носи политички одлуки, туку само дава предлог-протоколи.

„За пописот, како што тоа претходно беше случај и со други институции на пример кога беа изборите, сега до Комисијата имаше барање за изготвување на протокол за негово спроведување во услови на епидемија. Комисијата направи предлог протокол. Дали пописот ќе се одржува или не, тоа е политичка одлука. Точно е дека во моментов има зголемен број на заболени, но состојбата може да се менаџира. Ако ме прашате колку болни ќе има за еден месец од сега, не можам да кажам. Нашиот протокол во однос на пописот дава препораки за попишување во стан во зграда, во куќа, можност за попишување во двор, но секако и дека мора да се одржува дистанца од неколку метри, носење на маски и дезинфекциски средства“, нагласи Караџовски.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе