По неодамнешниот увоз на лекот на надежта

Ивермектинот им се дава на болни од ковид-19, но е рано да се каже какви се ефектите

Ивермектинот, лекот за кој на крајот од минатата година се говореше како за волшебен борец против ковид-19, од неодамна започна да им се дава на пациенти и во нашата земја. За МКД.мк од Министерството за здравство велат дека Ивермектинот се дава ислкучиво под лекарски надзор и врз основа на мислење и проценка од страна на лекар, а како и за секој лек, така и за ивермектинот, потребно е време за да се евалуира подобрување на општата состојба на пациентот.

Министерството за здравство засега нема конкретен одговор за ефектите од лекот Ивермектин, кој од неодамна е увезен во Македонија и за кого многу научни студии како и лекарската пракса од некои држави говорат како за многу ефикасен лек за лекување на болни, но и како превенција од заразување на лица кои биле во контакт со болни или позитивни на ковид-19.

Од одговорот што го добивме од Министерството за здравство може да се заклучи дека е започнато да се им се дава Ивермектин на болни во болниците како дел од терапијата, но нема конкретен податок колку болни го добиваат и какви се ефектите. Исто така, засега македонската медицина нема изградено став колку и дали се позитивни ефектите од терапијата со овој антипаразитски лек.

„Ивермектинот се дава ислкучиво под лекарски надзор и врз основа на мислење и проценка од страна на лекар. Како и за секој лек, така и за ивермектинот, потребно е време за да се евалуира подобрување на општата состојба на пациентот", одговорија за МКД.мк од Министерството за здравство.

Во одговорот понатаму се вели дека е тешко во така кус временски интервал да се извлекуваат заклучоци, зашто овој лек се дава како дел од терапијата која содржи и други лекови.

„Подобрувањето на здравствената состојба на пациенти не секогаш може да се припише како резултат на само еден лек, најмногу поради тоа што и состојбата во која самиот пациент се наоѓа зависи од неговиот имунитетот, од годините, од минатите состојби на организмот како и од многу други фактори кои придонесуваат за подобрување или влошување на состојбата на пациентот", велат од Министерството за здравство.

Инаку, лекот Ивермектин во Македонија пристигна на почетокот од годинава, а од 12 јануари го има и во аптеките каде може да се добие само на рецепт.

Министерот Венко Филипче во својата последна оценка за ефектите на овој лек изјави дека повеќе клинички студии „во прелиминарните резултати сугерираат дека ивермектинот има поволен ефект во профилакса на ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика ".

Кон крајот на минатата година наши познати експерти, меѓу кои професорите Никола Пановски и Драган Даниловски, кои анализирале многу научни студии, но и кои го познаваат овој стар лек уште од осумдесетите години на минатиот век, (лекот имаше примена во ветерината) ги повикаа здравствените власти да го одобрат и увезат Ивермектинот бидејќи во земјите во кои тој им се дава на пациенти покажал многу позитивни ефекти. Тие наведоа дека лекот го зголемува имунолошкиот одговор на болниот, помала е смртноста во оние земји каде повеќе месеци се применува против ковид-19, но и дека може да го земаат оние лица кои биле или се во контакт со заболени, затоа што делува и превентивно против вирусот.

Тоа што е и позитивно кај овој лек е што е многу безбеден, има ретки контраиндикации, но е и евтин, за разлика од многу други скапи лекови кои најдоа примена во лекувањето на болните од ковид-19.

Лекарите сепак, се согласни дека овој лек никој не треба да го зема на своја рака, зашто само лекар може да знае дали треба да се препише лекот, но и со какво дозирање, што зависи од здравствената состојба на пациентот и неговата телесна тежина.

Ивермектинот, според согледувањата на Светската здравствена организација, е ефикасен и во периодот на инкубација со коронавирусот, како и во фазите на полесна и потешка форма на болеста.

Инаку, во Македонија Ивермектинот е увезен од турски производител на лекови под името Ermetin и е во пакување од 10 таблети од по 3 мг. Во апетките се издава на рецепт, а малопродажната цена изнесува 299 денари.

Лекот, како што изјави министерот Филипче, може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или од лекар специјалист. „Може да се употребува во домашно и болничко лекување. Може да се земе превентивно, но исклучиво со лекарска препорака, доколку лицето кому му е препишан лекот било во контакт со ковид - позитивен", изјави Филипче.

П.Џ.

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе