Во класот во кој учела позитивната ученичка има вкупно 34 ученици, а за тоа кој ќе оди во изолација ќе одлучуваат епидемиолозите, вели Манолев.
Денес се прават епидемиолошките анкети на учениците, по што ќе биде кажано дали сите ученици или само оние кои седеле до ученичката, пред девојчето или зад девојчето ќе бидат во изолација. Учениците од класот чекаат инструкции од епидемиолозите.
Вчера објавивме и за ученик позитивен на ковид-19 кој беше потврден во основното училиште „Љубен Лапе” во Скопје. И таму епидемиолозите ќе одлучуваат за тоа кои деца и дали сите ученици ќе одат во изолација, откако Центарот за јавно здравје ќе направи епидемиолошки анкети.
Претходно Сител објави дека ученичка од петто одделение вчера добила позитивен тест на ковид-19 од основното училиште Ѓорѓија Пулевски во Општина Аеродром.
Во скопската општина Кисела Вода во основното училиште Кирил Пејќиновиќ
две деца од 9 одделение од исто одделение завчера пројавиле симптоми на ковид-19. Едното од нив веќе има добиено позитивен тест и неговите соученици ќе одат во изолација, а за второто дете се уште се чекаат резултати од тестирањата.
Учебната година започна со физичко присуство на сите ученици од основните и средните училишта и доследно почитување на сите мерки за заштита од ковид-19, велат од Министерството за образование и наука.
Според податоците на МОН, добиени од раководствата на училиштата на 2 септември, меѓу учениците, само 0,01 процент се активни случаи на ковид-19. Ист е процентот и кај наставниот кадар.
„Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички персонал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите“, информираат од МОН.
Од министерството потенцираат дека брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита.
„Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите“, нагласуваат од МОН.
Од Министерството за образование и наука апелираат на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи минатогодишното искуство покажало дека со практикување на мерките, училиштата не се трансмитери на заразата. Секако, велат од МОН; неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти.
„Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство која нема подобра алтернатива“, истакнаа денес од министерството.
Во учебната 2021-2022 година, настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257 илјади ученици.
К.Д.






