По најавата на МОН за нов концепт во образованието

И професорите од ПМФ бараат основни информации од министерката Царовска за планираната реформа

Од медиумите дознаваме дека Министерството за образование се подготвува за целосна реформа на основното образование (наставните програми и учебниците), а ние, членовите Сојузот на математичари, Друштвото на физичарите, Сојузот на хемичарите и технолозите, Македонското биолошко друштво и Македонското географско друштво немаме никакви основни информации за тоа, се вели во писмото на овие здруженија во кои членуваат 5.000 наставници и професори. Денеска министерката за образование Царовска имаше онлајн средба со граѓански организации, а овие друштва и сојузи не беа повикани.

На интернет страница на МОН пишува дека „на реформите веќе работи група во која освен БРО и МОН се вклучени експерти, професори, наставници, претставници од граѓански организации и тие го осмислуваат новиот концепт. Реформираниот начин на образование очекувам да го стартуваме од идната учебна година во основното образование. Овој концепт ќе биде прилагоден на современите светски трендови.“

Членовите на овие друштва се обидувале да дознаат кој сѐ членува во оваа работна група, но до такви информации не успеале да дојдат.

„Ниту еден наш член не е запознаен ниту повикан да биде дел од оваа работна група“, се вели во писмото на 5-те здруженија (Сојузот на математичари на Македонија, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Македонското биолошко друштво и Македонското географско друштво) до министерката Мила Царовска.

„Најпрво би сакале да истакнеме дека ја поздравуваме оваа ваша одлука и едновремено замолуваме за дополнителни информации за оваа активност од Вас како министер со што ќе се даде можност за поголема транспарентноста на целиот процес.

Според нашите (неофицијални) сознанија во оваа група не е вклучен ниту еден наставник од Природно-математичкиот факултет при УКИМ, високо-образовна институција, која како досега, така и во иднина, едуцира неспоредливо најголем дел од наставниците во основните и средните училишта по математика, физика, хемија, биологија, природни науки и географија. Наставниците од овој факултет кои се вклучени во едукацијата на студентите - идни наставници, особено во делот на методиката на наставата по овие предмети и училишната пракса (хоспитации) треба да се во тек, но и да се вклучени во изработката на наставните планови и програми и тоа во фаза на подготовка бидејќи од тоа зависат наставните програми по овие методски предмети, како и целокупната практична подготовка на студентите. 

Оттука би биле благодарни доколку не информирате за следново: Кои се експертите, професорите и наставниците кои членуваат во оваа работна група ако притоа во таа група нема ниту еден член од нашите здруженија и од Природно-математичкиот факултет? Кои граѓански организации, експерти и кои странски експерти имаат претставници во работната група? Зошто нашите здруженија и факултетот не се информирани за целиот процес и зошто нема покана истите да делегираат свои претставници? Дали повторно ќе се извршат промени во основното образование, а подоцна и во средното без притоа да бидат вклучени и носителите на самиот образовен процес – наставници во основните училишта кои ги предаваат овие предмети, како што тоа беше направено пред десетина години со последните промени и воведувањето на „Кембриџ“ програмата.

Убедени сме дека како министер сте свесни во целост дека со воведувањето на „Кембриџ“ програмата произлегоа недостатоци во образовниот процес, особено по предметите математика, природни науки, физика, хемија и биологија, како и за потребата од вклучување на соодветни стручни кадри во изработката на концептот, а подоцна и на наставните програми.

Ја користиме оваа прилика да Ве информираме дека нашите 5 здруженија на наставници, во соработка со факултетот, веќе седум децении работат на промоција на математика и природните науки помеѓу учениците од основните и средните училишта, развој на образовниот процес и дека во нив членуваат повеќе од 5.000 наставници по математика, физика, хемија, биологија и географија. Некои од нив го посветиле целиот свој работен век на едукацијата на младите во нашата држава и развојот на образовниот процес.

Поради сето ова, замолуваме да одвоите дел од Вашето време и да закажете состанок на кој ќе имаме можност да добиеме информации за целокупниот процес на реформи во основното и средното образование и ќе дојдеме до заедничко прифатливо решение за горенаведените прашања и проблеми, а се со цел изведување на успешна реформа која ќе изгради успешни и едуцирани генерации во Македонија“, пишува во писмото до министерката потпишано од претседателите на овие здруженија професорите Валентин Мирчески, Ѓорѓи Маркоски, Ламбе Барандовски, Зоран Здравковски, Сузана Ќовкаровска – Диневска и Билјана Апостоловска – Тошевска.

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе