Еден ден пред почетокот на учебната година

И општина Струга бара пролонгирање на почетокот на учебната година

Вчера од Општина Струга информираа дека до Влада, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство и Комисија за заразни болести поднеле барање за пролонгирање на почетокот на учебната година во општината.

По вчерашниот состанок, на фејсбук-страницата на Општина Струга, беше објавено дека е дојдено до заклучок дека состојбата е полоша од претходната година за што се утврдило дека почетокот на учебната година е потребно да биде пролонгиран, односно истата во Струга наместо на 1 септември да почне на 20 септември.

„Од тие причини, поврзани со епидемиолошката состојба во Струга, а и моменталните организациски услови во училиштата, при што доколку би имало настава учениците би биле во постојан контакт, особено на големите одмори каде заеднички се дружат, купуваат храна и го користат транспортот оние ученици кои патуваат од руралните средини што би било од негативно значење за нивното и здравјато на наставниот кадар“, е наведено на фејсбук-профилот на Општина Струга.

Од општината додадоа дека според добиените информации од надлежните на секое наредно дневно тестирање, каде обично се прават 100 до 120 тестови дневно, секој четврти резултат е позитивен на ковид-19, а денес се хоспитализирани 35 лица во Општа болница Струга, 7 во Завод за нефрологија, а во Здравствениот дом во Вевчани 120 лица се на нега во домашни услови, додека во Струга на домашна нега се 70 лица.

Од од министерствата за образование и за здравство се упорни во тоа дека новата учебна година ќе почне со физичко присуство под утврдени здравствени протоколи и дека фокусот е на квалитетна и безбедна настава

Училиштата се подготвени за новата учебна година која започнува утре, а ќе се одвива со физичко присуство и под утврдени здравствени протоколи.

Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера истакна дека нема дискусии за менување на моделот на наставата за кој одлучува Комисијата за заразни болести. Исклучок е, вели, направен по однос на барањето на  локалниот Координативен штаб на Тетово за преминување на онлајн настава за првите две недели од учебната година во тамошните средни училишта поради епидемиолошката состојба.

„Комисијата за заразни болести утврди дека може да одат со онлајн настава, само заради оптеретувањето на болницата, не заради други параметри што укажува на тоа дека денеска нема да се дискутира за промена на моделот во средните училишта, туку за почетокот на учебната година“, рече вчера Царовска.

Таа оценува дека нема подобра опција за учениците од настава со физичко присуство, а ова е особено важно за нашите деца, затоа што стартуваат реформите во прво и четврто одделение, кои, вели, не би го достигнале проектираниот ефект, ако наставата се одвива преку некоја друга форма и нема непосредна интеракција со наставник – ученици.

Македонија е една од земјите од регионот заедно со Србија, Хрватска и Бугарија, кои пред почетокот на новата учебна година, ги соопштија одлуките наставата за учениците да се одвива со физичко присуство под јасно утврдени здравствени протоколи, за разлика од минатата година, кога во повеќето држави имаше целосно затворање на училиштата.

Надлежните од земјиве се согласни дека за здравјето на учениците е приоритет, но за епидемиолошката состојба да биде стабилна и наставата да се одржува непречено до крајот на учебната година, неопходно е што поголем дел од населението да се вакцинира, пред сè родителите и просветните работници.

Од Mинистерството за здравство апелираат за масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка, како би се заштитиле семејствата. Воедно се посочува дека во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар како приоритет, притоа одржувајќи го континуитетот на образованиот процес.

И додека милиони школски деца се враќаат на училиште низ европскиот регион каде што е доминантна високо преносливата делта-варијанта на САРС-КоВ-2, регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикаа училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.

Како што се наведува во соопштението од двете меѓународни организации, ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против ковид-19 за наставниците и другиот училишен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации.

„Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи низ европскиот регион. Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата, за да можат училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството“, објаснува Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

За училиштата да се одржат отворени и безбедни, СЗО, УНИЦЕФ и УНЕСКО одобрија низа од осум експертски препораки развиени од Европската техничка советодавна група на СЗО за школување во време на ковид-19, за 53-те земји-членки во Европскиот регион на СЗО.

Училиштата да бидат меѓу последните места што ќе се затворат, а први што пак ќе се отворат, воспоставете стратегија за тестирање, обезбедете ефективни мерки за ублажување на ризикот, заштитете ја менталната и социјалната благосостојба на децата, заштитете ги најранливите и најмаргинализираните деца. Подобрете ја училишната средина. Вклучете ги децата и адолесцентите во носењето одлуки. Применете стратегија за вакцинација со која децата ќе останат на училиште, се препораките на техничката советодавна група на Европскиот регион на СЗО (ТАГ) сосатавена од независна група експерти формирана од регионалниот директор на СЗО за Европа.

Учебната 2021/2022 година утре ќе почне со отворени училишта за основците и средношколците. Настава со физичко присуство со полн капацитет и примена на соодветни антиковид-протоколи препорача Главниот кризен штаб на 16 август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница. Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комисијата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември. 

Радован Павловски (1935, Ниш, Србија) е водечко име на третатта генерација македонски писатели, која во нашата литература се појави во шеесеттите години на минатото столетие и внесе нов творечки дух со препознатлив национален белег.

повеќе

Во јавните високообразовни институции, научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум.

 

повеќе

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе