Реакција

И наставниците по географија се против новиот концепт на МОН

Природата на предметот каде што физичките и социоекономските содржини причинско-последично се поврзуваат, испреплетуваат и надополнуваат за да се дефинираат состојбите, појавите и процесите, укажува на потреба од изучување на географијата како целина. Секое подвојување може неповолно да се одрази врз квалитетот на знаења од областа на географијата со кои ќе се стекнат учениците, се вели во реакцијата на Македонското географско друштво во кое членуваат наставниците и професорите по географија.

„Загрижува фактот што во изработка на предложената нова Концепција за основното образование не е вклучен професор од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, колевката на природните науки која постои и едуцира наставен кадар цели 74 години. Во него е Институтот за географија, чии основи се во далечната 1922 година. Сметаме дека скоро еден век постоење би требало да биде доволна причина за универзитетските професори од оваа Институција да бидат вклучени во новините и евентуалните реформи со своето мислење и видување. На иста адреса е и Македонското географско друштво, во кое членуваат наставници и професори по географија со долгогодишно искуство во реализирање на наставата.

Реформи во образованието имало и ќе има. Поддржуваме реформи и заедничка ни е желбата да изградиме подобро образование во интерес на учениците и општеството во целина. Поврзување на наставните содржини, можностите за трансфер на знаења за кои говорите и формирање трајни знаења, без непотребна фактографија и оптовареност на учениците, се и наша заложба. Но, убедени сме дека патот кон квалитетно образование првенствено треба да тргне од поинаков агол и залагања. За почеток, потребно е реално да се согледуваат условите во кои се изведува наставата, постојните лаборатории, потребата од опрема и квалитетни учебници со високи стандарди.

Истовремено, не може, а да не проговориме за карактерот на содржините на предметот географија. Природата на предметот каде што физичките и социоекономските содржини причинско-последично се поврзуваат, испреплетуваат и надополнуваат за да се дефинираат состојбите, појавите и процесите, укажува на потреба од изучување на географијата како целина. Секое подвојување може неповолно да се одрази врз квалитетот на знаења од областа на географијата со кои ќе се стекнат учениците.

Преку географијата, ученикот се учи да ја чува животната средина, ја формира целосната слика за ориентацијата во просторот, за географската опсервација, за географско осознавање на светот и осознавање на природно-географските и социоекономските карактеристики на својата земја, на татковината.

Нам, географите, ни е дадена една особена чест и привилегија да говориме пред учениците за сопствената земја, да ги научиме да ја сакаат секоја педа од нејзината површина. Да ги научиме учениците како да ја осознаат, чуваат и почитуваат нејзината единственост во сиот шаренолик свет. На тој начин имаме значајна улога во јакнење на чувството на љубов кон природните и културните убавини на татковината и јакнење на чувството на патриотизам.

Оттаму, сосема оправдано можеме да посочиме дека географијата е од национално значење и како таква во сегашниот облик на изведување е потребно да опстане без никакво припојување со други предмети.

Од друга страна, ваквиот рез во предметите, меѓу кои и на географијата, ги доведува под знак прашалник работните места на поголем број предметни наставници, што дополнително ќе се одрази негативно врз кревката социјална и економска слика на земјава.

Но, за да изградиме заедничка основа и став за понатамошно дејствување, неминовно се наметнува потреба од поголема транспарентност, сублимирање на јавни мислења, активно вклучување на универзитетски професори, наставници и професори по географија од основно образование со долгогодишно искуство во наставата. Потребно е детално разгледување на предлогот заедно со можностите за негова евентуална реализација. Замислата реформата да се реализира веќе од учебната 2021/22 година, според нас, е премногу амбициозна и не остава доволно простор за потребните подготовки.

Се надеваме на заедничка соработка и донесување заеднички одлуки. Очекуваме да бидеме активни чинители во евентуалните промени и да се слушне нашиот глас и мислење, бидејќи наставниците и учениците се најзасегнати за квалитетот на реформите. Наставниците како носители од кои се очекува квалитетна реализација на наставата и учениците, кои ставени во вителот на недоречени реформски зафати, можат да имаат непоправливи недостатоци во образованието“, се вели во писмото до Министерството за образование на Македонското географско друштво.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе