Лекарка од Струмица 3 месеци живот преселила во две болници

„И кога затвораш очи да одмориш, мислиш на пациентите со ковид-19 што си ги оставил во болнички кревет“

По 24 часа дежурство во една болница, работата ја продолжува уште 24 часа во друга болница. Сè е исто, протоколите, подготовките, заштитната опрема, болничките кревети... само клиничката слика, имињата и возраста на пациентите заразени со ковид-19 се други. Иста е и таа, д-р Катица Марангозова, инфектолог што три месеци животот го преселила во две болници, онаа во Струмица и таа во Штип.

Освен во болниците, таа работи и на прегледи во двете амбуланти во овие два града, а постојано е во контакт и со пациенти што се со полесна клиничка слика и се на домашно лекување.

Кога има некоја слободна минута, вели времето го користи да излезе на отворен простор и да украде малку сон, но дури и тогаш со мислите е кај пациентите и сликите од болниците не се забораваат.

Во телефонски разговор за МКД.мк инфектологот Марангозова ја раскажа битката со ковид-19. Вели дека, иако како лекар ја поминала состојбата со вирусот Сарс, Мерс, со свински грип, вакво нешто, ниту таа, ниту нејзините колеги не виделе.

Нејзино постојано работно место пред пандемијата со ковид-19 била Општата болница во Струмица. Но бидејќи бројката на пациенти позитивни на коронавирус се зголемувала, а недостигале инфектолози, таа била ангажирана и во болницата во Штип и веќе трет месец живее на релација Штип-Струмица.

„Прв пат ме пратија во Штип на 5 април поради зголемена бројка на пациенти на Инфективното одделение во болницата во Штип. Имаше и доста лекари во изолација поради контакт со заразено лице. Имаше хоспитализирано околу 30 пациенти, од кои 14-15 беа со потешка клиничка слика. Пациентите претежно беа од кластерот со фризерот од Кочани. Таму работев околу 20 дена постојано со ангажмани и дежурства. Состојбата малку се смири и потоа бев пратена 14 дена во изолација, па кога излезе дека сум добра, повторно се вратив на Инфективното одделение во Струмица“, вели инфектологот Марангозова.

Пред некое време Штип повторно стана жариште на ковид-19, а на удар беа текстилните работнички. Се затворија неколку конфекции, а се наполни и болницата во Штип. Инфектологот Марангозова пак се вратила да им помага на колегите.

„Штип повторно е жариште поради непочитување на мерките. Имаме голем број активни случаи што произлегоа од текстилните фабрики. Бројката на хоспитализирани во Штип е 33, од кои 10 или 11 пациенти се на кислородна поддршка. Ние сме четворица инфектолози и постојано работиме. Мора постојано да ги надгледувате пациентите. Имам дежурство по 24 часа во Штип, па потоа одам повторно 24 часа во Струмица. По два дена работење имам еден слободен ден. Кога по две споени дежурства ќе си дојдам дома, тешко е дури човек и да заспие. Преморен си и постојано пред очи ти се сликите од болница. Кога сум во Струмица, ги мислам пациентите од Штип, и обратно. Но кога сум дома, ги мислам и едните и другите. Знаете, тоа е како уметниците кога цртаат и постојано во мисла им е делото што треба да го сработат и завршат. Така и лекарите, мислиме на пациентите сè дури тие не оздрават“, вели лекарката.

За лекувањето на пациентите консултации имаат и со колегите од Скопје.

„Се консултираме и со колегите од Инфективната клиника и од Осми септември во Скопје. Добиваме инструкции и искуства и од таму бидејќи тие работат со повеќе пациенти. Немаме простор за умор. Работата го создава човекот и постојано сме активни бидејќи водиме тешка борба со непознат непријател. Во Штип имаме пациенти со потешка клиничка слика, а во Струмица е да речам помирно. Има и пациенти со кои постојано сме во контакт и се на домашно лекување со полесна клиничка слика. Но сепак и на нив треба да им обрнете внимание“, раскажува инфектологот.

Таа додава дека најтешко од сè е кога ќе почине пациент, но и носењето на заштитната опрема, особено кога времето е топло.

„Носиме цела заштитна опрема, што веќе ни е рутина. Облечени сме во скафандери, мантили, маски, ракавици и со цела таа опрема на себе се чувствуваш како да си во инкубатор. Влегуваме кај пациентите целосно покриени, па од таму треба правилно да ја извадиме опремата од нас и тоа е најважно за да не за заразиме и ние. Постојано се дезинфицираме и ги почитуваме сите препораки за работа во услови на пандемија“, раскажува инфектологот.

Оваа работа лекарката, која е на возраст од 57 години, ја работи 14 години и вели дека не се плаши за своето здравје, бидејќи кога ќе се одлучиш да станеш лекар, знаеш дека може да се соочиш со многу лоши болести кај пациенти, а кога си инфектолог, тука се и оние што се заразни, но бегање нема, бидејќи на прво место е здравјето на пациентите.

„Адреналинот работи и тоа нè држи, немам страв за себе и за своето здравје. Јас за мојата работа бев свесна уште кога се запишував на студии. Нема плачење, нема бегање, одиме понатаму. Се чувам со здрава исхрана и витамини. Избегнувам , односно скоро и да немам средби со никого, само минимални контакти дома со најблиските. Не сакам некој да се разболи не дај боже поради мене, па потоа да чувствувам грижа на совест и за себе и за останатите. Луѓето веќе знаат речиси сè за вирусот бидејќи постојано читаат и се информираат, но сепак сакам да испратам порака да не забораваме дека болеста е тука, да се чуваме, да одржуваме хигиена, да не се групираме. Јас кога ќе најдам некоја слободна минута, се трудам да возам велосипед и да излезам во природа сама со себе. Дури и тогаш мислите ми се кај пациентите, но мораме да престојуваме малку и на отворен простор за да го зачуваме имунитетот“, вели д-р Марангозова.

К. Додевска

Објавено

Среда, Јули 1, 2020 - 12:35

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе