Влада

Хуманитарни летови за враќање на македонските граѓани заглавени во странство

Со чартер летови до скопскиот аеродром треба да бидат вратени во земјава повеќето од македонските државјани во странство кои побарале помош од Министерството за надворешни работи. Тие ќе треба да си ги платат авиобилетите и да прифатат да поминат во карантин 14 дена што го покрива државата. Јавниот повик до авиокомпаниите да се организираат чартер летовите ќе го упати Генералниот секретаријат, за што Владата донесе уредба синоќа на седница.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера кажа дека до крајниот рок за пријавување – 18 часот на 22 март 2020 година, помош од МНР да се вратат во земјава побарале 5.000 македонски граѓани. Досега се обработени 4.000 од пријавите, а 2.100 граѓани се согласиле со поставените услови и ќе се вратат организирано.

Дежурен тим во МНР се јавува на секој пријавен поединечно за да каже дека заради кризата ќе треба да имаат извесен надомест за трошоците за чартер летот и дека ќе треба да прифатат да поминат двонеделен карантин.

Повеќето пријавени граѓани се од земјите во Европа, најмногу во Германија. Целта, вели Димитров, е пред се да им се помогне на тие што се затечени и не можат да се вратат, оние кои немаат друга дома.

„Ние нема да имаме ресурси да организираме чартери бидејќи имаме по еден граѓанин што се пријавил во Тајланд, во Нов Зеланд. Пред сѐ ќе одиме во земјите каде има голема концентрација и најмногу барања, како што се европските земји“, изјави Димитров.

Владата синоќа донесе уредба со која го задолжи Генералниот секретаријат да упати повик до авиокомпании да се организираат чартер летовите.

По објавување на јавниот повик од страна на Генералниот секретаријат, крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот. Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена.

Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор. Лицата кои ќе се вратат со чартер летовите при влез во авионот ќе потпишуваат договор меѓу нив и Владата во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет и ќе пополнуваат изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.

Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.

Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите на сметка согласно склучениот договор, информираат од Владата. 

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе