По прогласувањето на кризната состојба, на иницијатива на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче беше одржана средба со претставници на трите најголеми приватни клиники во земјава – „Аџибадем Систина“, „Жан Митрев“ и „Ремедика“. Приватните клиники одговорија позитивно да се најде решение за дополнителни капацитети со овозможени услови, кадар, опрема и лекови за згрижување и лекување поголем број пациенти со ковид -19.
Претставниците на „Аџибадем Систина“ предложија нивниот објект, поранешната болница „Мала Богородица“, да се користи како нов ковид-центар.
По усниот договор со министерот Филипче, веднаш почна да се опремува овој капацитет и да се адаптира објектот во ковид-центар.
Адаптацијата е речиси готова, но се чека на Министерството за здравство да им издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар. Договорено беше Министерството за здравство да координира која од приватните болници, како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој, како што велат од „Аџибадем Систина“ е десеткратно поголем од ветениот надомест од Фондот за здравствено осигурување). И на тоа се чека. Се чека на издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите. Се чека и на тоа кој двајца доктори медицински ќе управуваат со овој ковид-центар. И за тоа треба да одлучи Министерството за здравство. И на крај, се чека на договорот за соработка со Фондот за здравствено осигурување.
Откако ова ќе се заврши, подготвени сме во рок од 24 часа да ги примиме првите пациенти, велат од „Аџибадем Систина“.