сабота, 18 април 2026

Хорор во Тетово: ги молела лекарите да ја спасат да не искрвави, ја лечеле со чаеви

Објавено на

часот

Сподели

Страшното искуство на оваа млада жена беше откриено во јавноста откако таа по повеќе од половина година чекање од Хелсиншкиот комитет за човекови права да ѝ дадат информација дали имало инспекција во болницата и да добие документација, реши на својот фејсбук-профил да напише од збор до збор сѐ што ѝ се случувало.

Во телефонски разговор за МКД.мк Неделковска вели дека е изненадена што новинари ја бараат откако нејзиниот статус со голема брзина се прошири на социјалните мрежи и доби поддршка од многу жени и мајки, кои ја нарекоа мајка-херој.

„Мојот живот беше сосема нормален, а исто така и моето здравје. Се омажив, останав бремена и редовно одев на прегледи. Имав уредна бременост, а за тоа имам комплетна документација. Јавно го споделувам сето она што го преживеав со надеж дека на ниту една жена нема да ѝ се случи да ја одбере докторката за породување од болницата во Тетово што јас ја одбрав”, вели Неделковска.
Се работи за докторка чие име ѝ е познато на нашата редакција и за која нашата соговорничка раскажа дека по нејзиното обелоденување на настанот, уште многу жени ѝ пишале и споделиле лошо искуство.

„1 јули 2021. Локација: озлогласената болница во Тетово. Закажан царски рез во 7 наутро. Страв, возбуда, не ни сонував каков хорор следи. Спинална анестезија, јас будна, пратам што се случува цело време. Бебето го извадија за кратко, го слушнав како плаче и веднаш го однесоа. Очекував да ме сошијат, и крај. Ама не. Слушам дека нешто не им оди како што треба. Слушам дека никако не можат да го запрат крварењето. Се вртам лево од мене гледам цел куп гази со моја крв, почнува да ми се врти и да ми се стемнува и плачам ги молам да ме спасат да не искрвавам. Слушам како трчаат и носат кеси крв од трансфузиологија. Ја молев една од сестрите да ме држи за рака, да не се чувствувам толку осамено и исплашено, да ми даде малце утеха. Го молев анестезиологот да ме утеши дека сѐ ќе биде добро. Ги молев сите присутни да ми кажат нешто позитивно, добра вест. Три часа. Хоророт траеше цели три часа и јас цело време бев будна и цел живот ми помина пред очи. После три часа, слушнав ‘ајде веќе затворај ја, не крвари веќе’. Јас во полусвест, немам веќе сила, ама не сакам да заспијам.

Ме однесоа во шок-соба, каде што тазе родилки влегуваа и излегуваа ден по ден, а јас бев во истиот кревет без никаков напредок, не смеев да јадам, не смеев да пијам. Зошто, немав одговор. Следното утро почна уште поголемиот хорор. Почнав да повраќам на секои 30 минути. Плачев, исплашена, ги прашував зошто повраќам, што ми се случува, сестрите ми велеа ‘од анестезијата е, нормално е’. Трет ден. Јас сѐ послаба и послаба, сѐ уште повраќам, ама воедно и стомакот ми станува тврд, целиот со грутки. Барам помош, барам одговори”, пишува во емотивниот статус на младата мајка.

Таа студирала медицина и е стоматолог и поради тие симптоми вели знаела дека нешто лошо ѝ се случува.

„Имам студирано на медицински факултет и знаев дека нешто лошо ми се случува, ама се чудев како толку доктори и сестри околу мене, кои тврдат дека не ми е ништо, дека цревата ми се мрзеливи, дека имам гастритис (да, драга докторке, сѐ уште ги чувам СМС-пораките каде ме тешиш дека имам гастритис, дека ќе ми помине). Не ми беше ништо? Им се извинувам на читателите за тоа што следно ќе го прочитате, но има еден израз во медицината, се вика мизeрере. Тоа е кога цревата не работат, и изметот излегува низ уста. Повраќав фекалии. Доктори ме гледаа и ми кажуваа дека не ми е ништо, дека имам гастритис. Драгата докторка задолжена за царскиот ми даваше билни чаеви и ми ставаше врели шишиња на стомак. Докторке, доколку читаш, а читаш, од сѐ имам слики. Бев слаба, ама се борев. Знаев што ми се случува и знаев дека ќе ми требаат докази. Четврти ден. Ситуацијата уште полоша. Молам за помош и конечно некој се смилува да викнат некој постручен и да ми стават назогастрична сонда (црево од нос во желудник) за да ја испразнат содржината од желудникот и да се чека цревата да се нормализираат. Преку таа сонда ми извадија цели 5 литри течност од желудникот. Итно рендген – со количка, тогаш веќе не бев способна ниту да се движам. Инфузии, лекови, немаше вена што не ми беше боцната. Веќе почнав да гледам страв и кај нив. Мајка ми, сопругот, цела фамилија и другари на нозе, трчаат бараат спас, молат да ме пратат во Скопје”, дополнува мајката.

Вели дека и покрај сѐ, во болницата во Тетово ја држеле уште една вечер.

„Ми рекоа многу си нервозна, ќе ти дадеме дијазепам за да спиеш, не ти е ништо.

Таа вечер го молев Господ да го дочекам утрото. Знаев дека спасот ме чека во Скопје. Ама таа вечер не бев сигурна дека ќе издржам до следното утро. Ама се молев. И издржав.

Следното утре итно ме пратија во Скопје со возило од брза помош, и драгата докторка нѐ испрати со зборовите ‘ако не ја примат во Скопје, не ми ја враќајте тука, немам што да ѝ правам’. Како спиеш навечер ‘ДОКТОРКЕ’?
5ти јули. Ме примија во Скопје, веќе во полусвесна состојба. Итно снимање, итно инфузии и на крај, итна операција.

Се разбудив следниот ден, со огромна рана на абдоменот и не знаев што се случило. Ми кажаа дека ми е извршена хистеректомија, т.е. отстранување на матката, бидејќи била некротизирана, т.е. СКАПАНА. Да, во Тетово цели 5 дена ме чувале со некроза на матка, на работ на сепса, ме лечеа со чај од нане и рузмарин. Само Господ и двајцата доктори од Скопје што ме оперираа ме спасија и се причина зошто сум сега тука и го пишувам ова и што моето дете има мајка.

Не сакам да ги именувам, ако прочитаат знаат кои се, и сакам да им кажам на двајцата и на целиот тим од абдоминална хирургија и хирургот од ГАК дека сум ви вечно благодарна.

Бебето за прв пат си го видов по 12 дена, излегов од болница 15 кг послаба, со хематом на секоја вена, со две огромни лузни на стомак, не можев да се движам сама, не можев да се бањам сама, не можев ништо, ама помина. Ми требаше време да бидам спремна да зборувам на оваа тема и додека го пишував текстов, требаше да преживеам сѐ одново и чувствувам мачнина, можеби имам и грешки во континуитетот, ама помина доста време и многу работи ги потиснав и закопав длабоко. Ама мораше да излезе од мене. Со овој текст ѝ ставам крај на оваа приказна и го почнувам процесот на заборавање на оваа траума. И да, внимавајте пред да изберете доктор, распрашајте се 100 пати ако треба, за да избегнете ваква голгота.”

Неделковска ни раскажа дека по настанот постојано лежела и дека сонот да биде мајка што среќно ќе го држи своето бебе во раце ѝ се претворил во кошмар поради негрижа или нестручност на лекари. Се консултирала со Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде што требало да пратат инспекција и да ја известат за да покрене постапка. Но вели дека бидејќи до денес не добила одговор, решила јавно да напише за нејзината приказна. Нејзиниот статус за неа бил повеќе терапевтски, за, како што вели, да се ослободи од товарот и мислите за преживеаното, но сепак овој настан ја крена јавноста на нозе.

Апелира жените да ја избегнуваат болницата во Тетово за, како што вели, недај боже да не им се случи она што ѝ се случило на неа. Благодарна им е на лекарите на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, кои, како што вели ѝ го спасиле животот.

„Во Скопје успеале да ми ги зачуваат јајниците, за хормонски да немам проблеми, за докторите од Скопје имам само најдобри зборови, се чудеа како 5 дена ме држеле со такви симптоми во Тетово”, вели мајката.

Таа додава дека по она што ѝ се случило, проверила кај матичната преку Мој термин дали нејзиното име постои во листата на пациенти оперирани со царски рез во болницата во Тетово, но ја немало. Тогаш не постоел ниту еден документ дека била породена, чувана со тешки симптоми во Тетово, па препратена за Скопје, туку во системот било внесено дека била примена во Скопје со преплет на црева. Подоцна, вели, не проверила дали дополнително е внесена.

Храбрата мајка, која и до денес не може и не смее да го држи своето бебе в раце, вели дека нејзината приказна нема да заврши само на социјалните мрежи и медиумите, туку дека правдата ќе ја бара и во институциите. Очекувањата се дека ќе спречи на некоја друга жена да ѝ се случи ваков хорор. Денес живее без матка и поради она што го преживеала во болницата во Тетово, не може да има друго бебе. Единствената надеж ѝ е нејзиниот син Леон и поддршката што секојдневно ја има од своите најблиски.

К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ