четврток, 28 март 2024

Охридски екологисти обвинуваат дека Општина Дебараца испумпува отпадна канализациска вода што оди во Охридското езеро

Активистите на Граѓанската иницијатива Охрид СОС во статус објавен на нивниот фејсбук-профил посочуваат дека дебрчките општински комунални служби на локација кај селото Белчишта испумпуваат отпадна канализациска вода во притока на река од поширокиот еко-системот Сини Вирој, од каде водата истекува во Сатеска, река од сливното подрачје на Охридското Езеро.

Објавено на

часот

Сподели

„Жители на Белчишта споделија со нас повеќе фотографии од локација во селото, каде општински служби секој втор ден ја приклучуваат пумпата да ја испумпува канализацијата директно во реката која е притока на река матица од Сини Вирој, која се влива во Сатеска, па оттука и во Охридското Езеро. Според информациите кои ги добивме, повеќе од 10 години не работи пречистителниот контејнер, цел еко-систем во блатото се загадува, а за ова никаде не се информира. Жителите реагираат и дека градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески ветувал дека ќе го среди овој проблем, но сега ништо не се презема“, пишува во статусот.

Истовремено од Охрид СОС потсетуваат дека Белчишко блато е блатен еко-систем, кој се напојува со вода од повеќе од десет видливи карстни извори, познати како Сини Вироj, вистински бисер на природата.

„Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027 година препорачува да се прогласи за заштитено подрачје и во моментот тој закон е во фаза на усвојување. Понатаму, Белчишко блато е дел од Националната мрежа ‘Емералд’. Блатото е реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое котлината Дебрца била поплавена во плиоценот. Со повлекување на Десаретското Езеро по должината на реката Сатеска, бројни ендемски видови на растителен и животински свет останале да постојат и понатаму во водите на блатото. Белчишкото блато е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија, со површина од околу 1,2 километри квадратни“, пишува во објавата на фејсбук профилот на Охрид СОС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ