За импресиите од Институтот за вакцини и серуми во Белград

Филипче: „Торлак“ во иднина ќе биде првото место каде ќе се обраќаме за вакцини

Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак" од Белград ќе биде местото каде ние за секоја понатамошна нарачка на вакцини може да се обратиме и согласно капацитетот можеме да сметаме дека ќе има доволно количини и за нашите граѓани, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Институтот. Овој Институт, нагласи министерот, е познат по својата експертиза и искуство и постои приближно 100 години.

„Пред неколку години не знаејќи дека доаѓа ваква криза значајно се надградени капацитетите за производство и целокупната машинерија е целосно обновена што сега довело до тоа да бидат подготвени последната фаза од производство на вакцината Спутник V да може да се одвива и тука. Планирани се вкупно милион вакцини на месец од двете компоненти од вакцината на Спутник. Ова е производство што се дополнува на веќе постојното производство на други вакцини како дитепер, БСЖ, а тоа се вакцини со кои Институтот 'Торлак' години наназад ги снабдуваше сите земји на поранешна Југославија“, рече Филипче и се заблагодари на домаќините за одличниот прием.

Тој додаде дека соработката, како што и сега се одвива во делот на менаџирањето на ковид-кризата, исто така како што претходно се одвивала во делот на соработката во многу други струки на здравството и медицината, ќе продолжи и понатаму.

Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек рече дека во Институтот „Торлак" веќе се подготвува производството на вакцините Спутник V.

„Капацитетот ќе биде милион дози на месечно ниво. Ние сакаме да покажеме солидарност, како што тоа го правевме досега кога ги добивавме вакцините од нашите пријатели. Тоа што ќе се произведува во 'Торлак' нема да биде само за потребите на Република Србија, туку и за потребите на целиот регион, а посебно за нашата братска и соседска држава Северна Македонија“, потенцира Ѓерлек.

Одговарајќи на новинарско прашање Ѓерлек рече дека очекуваат првите дози да ги произведат меѓу 5 и 10 јуни и се надева до 5 јули да бидат произведени околу милион дози вакцина Спутник V.

„Со оглед дека имаме одлични односи со раководството на Северна Македонија се надевам дека ќе можеме да им излеземе во пресрет на сите ваши граѓани“, посочи Ѓерлек.

Тој потенцира дека вчера во посета на „Торлак" бил претседателот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, кој изјавил дека негов приоритет се сите земји на Западен Балкан и посебно го поздравил тоа што Србија ќе производува вакцини Спутник, но и на Синофарм, која ќе почнат да ја произведуваат многу брзо во кооперација со Обединети Арапски Емирати и со Кина.

„Посебно се заблагодари на Србија и на претседателот на солидарноста која ја покажавме во тешки моменти дури и со земјите со кои не сме баш политички во најдобри односи. Ние покажавме дека вакцините не треба да ги ставаме во геополитички терен, туку во спасување на животи, така што исти ни се животите на граѓаните кои живеат и во Србија и тие кои живеат во Северна Македонија, во Албанија, Црна Гора, Република Српска. Мислам дека ние треба да си помагаме едни на други во вакви тешки ситуации. Во Белград имаме четири локации. Во наредните неколку недели ќе се одреди каде ќе се прави фабрика и до крајот на годината ќе се произведува Синофарм вакцината во Србија“, истакна Ѓерлек.

Одговарајќи на новинарско прашање Филипче рече дека ревакцинацијата на нашите граѓани што се вакцинираа во Србија следи по 12 недели од првата доза и тоа ќе биде период кога веќе ќе има доволно количини на вакцини од сите производители.

„Така што на кој било граѓанин ако му е потребна ревакцина, дури и тие дози кои се наменети за нашите граѓани како втора доза, може да ни ги дадат за да не патуваат луѓето. Значи, сите опции се отворени“, додаде Филипче.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе