петок, 10 мај 2024
Истрага за тоа како Владимир Путин се променил заедно со својот замок

Икони, западен мебел и милионски лустери: што има во Путиновата палата на Црно Море (ФОТО+ВИДЕО)

Руски истражувачки новинари од медиумската платформа Проект објавија филм во кој ја доведуваат во прашање изградбата и уредувањето на палатата на рускиот претседател Владимир Путин во црноморскиот град Геленџик.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Истражувачките новинари на Проект накратко ја раскажуваат историјата на изградбата на палатата, нарекувајќи ја „најголемиот поткуп“ во светот. Палатата се наоѓа на ртот Идокопас, во близина на црноморскиот град Геленџик, а првично во документацијата била нарекувана со кодно име Пансион.

Во 2005 година, претседателската администрација потпишала договор со инвеститор, компанијата Лирус, чиј сопственик е Николај Шамалов, а Проект наведува дека тој бил близок пријател на Путин, а подоцна и роднина. Но набргу тоа било разоткриено, на крајот на 2010 година.

Деловниот партнер на Шамалов, Сергеј Колесников, објави отворено писмо до тогашниот претседател Дмитриј Медведев во кое директно наведува дека палатата се гради за Путин и наведува важни документи што ги потврдуваат неговите зборови, вели Проект.

Подоцна се испоставило дека од 2000 година од руските бизнисмени се барало да уплатат пари во фонд што требало да го поттикне развојот на медицината, но всушност парите биле повлекувани на офшор-сметки. Во 2006 година со тие пари била изградена палатата во Геленџик.

Првите фотографии од палатата се појавија на интернет во 2011 година. подоцна во палатата упаднале екоактивисти и новинар на „Собеседник“, но биле приведени од службениците на Федералната служба за безбедност (ФСБ), која го штити Путин. Тие решиле формално да ја префрлат палатата на друг сопственик за потешко да се открие кој е вистинскиот сопственик.

Бизнисменот Александар Пономаренко тврдеше дека купил земјиште и згради во близина на Геленџик за 350 милиони долари, но подоцнежната истрага покажала дека договорот вредел само 350.000 долари.

Пономаренко е деловен партнер на пријателите на Путин, браќата Аркадиј и Борис Ротенберг. И покрај обидите да се скрие сопственоста, активистите ја снимиле јахтата на Путин закотвена кај ртот Идокопас. Со објектот управувале лица поврзани со ФСБ, а сопственоста на палатата е пренесена на Татјана Кузњецова, сопругата на поранешен шеф на ФСБ, преку компанијата ООО Комплекс.

Интересот за палатата на Путин оживеа во 2021 година благодарение на сега веќе култниот документарец на Алексеј Навални.

Покрај незаборавната обиколка, авторите на истрагата докажаа дека изградбата на палатата ја финансирале државни компании и пријатели на Путин, а со неа управувале луѓе поврзани со Путиновите љубовници, Алина Кабаева и Светлана Кривоногих.

Во 2021 година „Студио Елформа“, руска компанија за дизајн на ентериер, добило необична нарачка од градежната компанија Велестрој да создаде внатрешен дизајн за „објект од исклучителна важност“, вели Проект. Елформ и претходно извршувал наредби од Велестрој, а еден вработен се сеќава дека непосредно пред да ја добие задачата, го гледал филмот на Навални „Палата за Путин. Приказната за најголемиот поткуп“.

Како одговор на тоа, руските власти извеле уште еден трик со Пансион. Руската пропаганда покажала снимка од внатрешноста на палатата, каде што ѕидовите се целосно голи, а наоколу шетаат градежни работници. Аркадиј Ротенберг рече дека сега тој е сопственик на зградата и дека планира да отвори апарт-хотел, поради што градежниците се таму.

Тој дури го посочи и рокот за завршување на објектот – за 1,5 до 2 години, односно до почетокот на 2023 година. Претприемачот вети дека ќе покани медиумски новинар од провладиниот медиум Маш за да го прегледа готовиот хотел. Но ништо од ова не се случи во рокот што го постави Ротенберг – барем ниту еден медиум, вклучително и Маш, не извести за отворање хотел на местото на палатата, а тој не се појави во ниту еден сервис за резервации. Никој не знаеше што се случува во палатата сето тоа време. Сѐ до денес.

Реконструкцијата била извршена во најголема тајност. Работниците биле носени на работа со изнајмени автобуси, но често не им било дозволено веднаш да отидат на градилиштето. Пристигнувале на контролниот пункт и морале да чекаат неколку часа без храна и вода.

Мажите тогаш ќе заклучеле дека пристигнал некој важен. Внатре им забранувале да користат телефон и ги заплашувале тврдејќи дека офицери на ФСБ ја следат нивната работа. Никој директно не го споменал името на Путин. „Баш како Волдеморт“, се потсмева соговорникот на Проект.

„Се спомнуваше дека тоа е зграда за првиот човек на државата. Изведувачите меѓусебе палатата ја нарекуваа Проект Југ – што е име што ова место го доби пред многу години, кога штотуку започна изградбата. Деловната кореспонденција на Велестрој, во која Проект ја добил увид, содржи покомплицирана формулација – Проектна група Југ од Русија.

Работниците постепено сфаќале колку е сложен проектот. За време на изградбата кон крајот на 2000-тите, дизајнерите не зеле предвид дека тешките гипсени плочи сериозно ќе ги оптоварат таваните, но што е најважно, не размислувале за хидроизолацијата.

„На дождливо време, едноставно сè во театарската сала се поплавуваше, имаше мувла“, слушнал од колега соговорникот на Проект.

Друг извор, запознаен со менаџерите на палатата, спомна и лоша хидроизолација во палатата – според неговата верзија, многу простории, вклучително и спалната соба, би биле поплавени. Но соговорникот на Проект не исклучува дека претходниот внатрешен дизајн бил едноставно застарен, а тоа можело да влијае и на одлуката за реконструкција на просторот.

Работната документација што Проект ја добил на увид содржи детална листа на материјалите што ги користеле градежните компании при реновирањето. Меѓу нив има многу западни брендови и добро познати компании. Од Проект наведуваат дека тие речиси сигурно морале да знаат како и за што се користат нивните производи.

Така, се споменува познатиот германски Кнауф како снабдувач на разни материјали. Соговорникот на Проект наведува дека претставници на Кнауф неколкупати ја посетиле палатата на Путин до завршувањето на работите. Тука се и француските компании Баге и Бакара, британска Вон, италијанска Ариц. Естро&Луминара и Ил Паралуме Маринаи се добавувачи на многубројни луксузни кристални лустери, скали и столни ламби.

Спомнати се и финскиот производител на бои и лакови Тикурила, тапети од француски Ананбо, водоводни инсталации и опрема за бањи на германските фирми Јоргер, Теце, Емко и Хансгрохе, италијанските Геси и Висмара Ветро…

Непосредно пред крајот на работата, еден од работниците прошетал во и околу речиси завршената палата. И покрај строгата забрана, тој успеал да прошверцува мобилен телефон и прво го снимил првиот кат – каде што има 11 спални соби, а потоа се симнал во приземјето, каде што порано имало штандови, казино, играчница и аквадискотека.

Снимката набрзо ја добила Фондацијата за борба со корупцијата. Потоа, друго лице што учествувало во изградбата му ги испратило на Проект плановите за сутеренот и двата главни ката, како и работната документација со називите на многуте парчиња мебел и материјали што биле користени.

Проект потоа наведува зошто ова не е хотел, како што стои во работната документација, туку палата полна со скапи предмети и работи. Содржи француски теписи во вредност од речиси сто илјади евра, лустери проценети на десет пати поголема вредност.

На снимката се гледа и дека целата зграда е подложена на темелно редизајнирање, очигледно инспирирано од антиката, и дека е полна со потсетници за руското царско минато. Се споменуваат огромни огледала во голема просторија со бели ѕидови и со висок таван исполнета со слики од руските воени победи. Во ходниците и собите на палатата има и портрети на антички руски воени херои.

Има и специјална комуникациска опрема. Барем во документацијата се споменува просторија наречена Комуникации, која се наоѓа на приземје. Двајца бизнисмени што некогаш биле сопственици на големи хотели во Русија рекле за Проект дека не можат да разберат зошто на хотел со 11 соби му треба посебна просторија за комуникација.

Еден од нив се присетил дека некогаш во таквите простории можело да се прислушуваат гостите, но тој објаснил дека модерната опрема го овозможува тоа дури и без посебна просторија.

Консултант од компанија за продажба на телефонски централи за хотели, кај кого новинарот на Проект се јавил претставувајќи се како клиент, предложил да се вгради телекомуникациски кабинет со големина малку повеќе од половина метар.

Според последните информации што ги објави Проект, најголеми промени во реновирањето доживеале личните простории на Путин. Веројатно најинтересно е што тој од палатата ги отстранил просториите за забава, односно просторијата за танц на шипка, а наместо тоа изградил традиционална капела полна со религиозни слики и икони. Во неа има и древен престол за рускиот претседател, според Проект. Во палатата се наоѓа и слика на канонизираниот кнез Владимир Велики, истоименик и личен херој на рускиот претседател.

„Ова е веројатно единствената просторија во која директно се наведува името на вистинскиот сопственик на оваа палата“, иронично наведуваат истражувачките новинари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ