„На есен е можно посилно ширење“

Филипче: Не се остварија очекувањата дека вирусот ќе исчезне во летото, тој е тука и ќе остане подолго

Очекувањата дека вирусот ќе исчезне во текот на летото не се остварија. Има пикови на заразата. Вирусот е тука и ќе остане очигледно подолго време. Мора да бидеме подготвени, да се подготви здравствениот систем и да се почитуваат мерките за заштита, порача министерот за здравство Венко Филипче.  

Фото: Роберт Атанасовски

На денешната прес-конференција тој рече дека оваа реалност може ќе трае и подолго отколку што се очекуваше во светот, а претпоставката е дека на есен посилно и побрзо ќе се шири, а затоа се работи на подготовка на капацитетите за есенскиот период.

„Светот е далеку од крај на пандемијата. Во регионот на Балканот за 10 дена кризата ескалираше насекаде. Во Србија има над 300 случаи на ден, Бугарија над 150, Босна над 170, Хрватска 86, Црна Гора 57, Албанија 70, Косово 100 на ден. Насекаде има нов бран.

Кај нас дојде порано, а сега во сите земји од опкружувањето главно како последица на попуштање на рестриктивните мерките и непочитување на мерките за лична заштита“, изјави Филипче.

Според него, во последните две недели има помалку нови и смртни случаи, а Р0 факторот на преносливост во последните два-три дена е 1,1, додека во останатиот период е 0,9.

Во земјава, како што кажа, најголеми жаришта се Скопје и Тетово, и нешто помалку Гостивар.

Филипче повтори дека голем процент од заболените доаѓаат во болница откако им е влошена состојбата и апелираше до граѓаните и на најмал сигнал за вирусот да се јавуваат на лекар.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека следните денови Комисијата за заштита од заразни болести ќе ја следи состојбата со развој на инфекцијата со ковид-19 во Србија и Косово и ако се оцени дека има потреба, ќе се разгледа можноста за воведување одредени мерки за границите.

„Можно е да предложиме некои мерки, во случај да процениме дека ризикот од влегувањето на граѓаните на овие земји во нашата земја може да го загрози нашиот систем", рече Филипче.

Што се однесува до преминот на двајца инфектолози од Инфективната клиника во „Систина“, тој кажа дека имало голем интерес за премин од приватното во јавното здравство, еден анестезиолог сака да се врати назад и најавила дека ќе даде отказ и уште една докторка која работи во болницата „8 Септември“.

„Недостаток на лекари нема да има. Минатата недела разговаравме за замена и помош на анестезиолозите во ‘8 Септември‘. Двајца колеги од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување ќе одат на помош во ‘8 Септември‘. Се направи распоред за да не трпи програмот на хируршките клиники. Имаме интензивна комуникација околу системот на ротација. Има ентузијазам и кај други колеги да дојдат кај овие пациенти и нема ризик за недостаток на лекари иако мора да се каже дека се веќе преморени по речиси пет месеци работа без одмор. Имаме и повеќе од потребниот број пријавени анестезиолози за помош, се пријавија четворица, но засега има потреба само од двајца", рече Филипче.

Говорејќи за ситуацијата во Штип, тој кажа дека е битно да се спроведат епидемиолошките анкети. И во Скопје има таква ситуација во која претходно нема кластери, но треба да се даваат вистинските податоци. како што кажа, токму ова се работело изминатите 10 денови и со интензивното барање на контактите, се стасува до бараните информации.   .

„Есенските месеци сметам дека ќе бидат голем ризик поради отворање на градинките и училиштата, затоа правиме и дополнителен капацитет. Затоа мораме да ги почитуваме мерките. Таа повторна фрекфенција на движење на ученици и деца, неможноста за чекање на ред како сега, оти на есен е постудено. Ќе мора да сме свесни сите дека ако не се придржуваме кон мерките, ќе можеме да воведуваме рестрикции. Есента е многу ризичен период за сите земји во светот", рече Филипче.

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе