Интервју

Филипче: Децата треба да одат во училиште ако се согласни родителите, а ако не, треба да има и онлајн-модел

Не знаеме каква есен нè чека, мора да бидеме внимателни особено со децата. Полошо сценарио значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои ги окупираат истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид. Се спремаме за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, вели министерот за здравство Венко Филипче во интервју за МКД.мк. Тој вели дека е задоволен од досегашното менаџирање на кризата и најавува план за дополнителни рестрикции во региони во кои би имало поголем број пациенти или би биле потенцијален ризик.

По речиси седуммесечното менаџирање на коронакризата, како сте Вие задоволен? Каде успеавме, а каде промашивме?

Јас сум многу задоволен, поради неколку работи. Прво, ова е криза за која не само ние, туку ниту една земја во светот не беше спремна. Ниту имаше спремни капацитети, ниту го димензионирала здравствениот систем за да може да одговори на една ваква пандемија, која бара третман на една група пациенти со една дијагноза, сосема одделени од целокупниот протек на пациенти. И тоа бараше брзо да се престроиме и да се организираме практично на сите нивоа во системот на здравствена заштита, потоа во делот на епидемиолошкиот пристап, анализа, во делот на дијагноза, што значи лабораториски тестови, и во делот на третманот на пациентите, односно во клиничкиот дел, во клиниките, болниците низ целата земја.

Морам да кажам дека здравствените работници одлично одговорија, оваа криза сепак ја дочекавме со релативно мал број специјалисти од инфективната медицина. Помагаат колегите од останатите специјалности, пред сѐ интерната медицина, пулмологијата, медицинските сестри. Во делот на кадарот направивме добар систем на ротација. Во делот на инфраструктурата направивме модуларна болница во систем на Инфективната клиника, со што капацитетот го дуплиравме. Се постави уште една до Пулмологија, којашто ќе служи за тријажа. Значи целосно го сменивме протекот на пациенти во делот на третман на суспектни и позитивни пациенти во Клиничкиот центар.

„8 Септември“ одлично се справува, исто така и инфективните одделенија во сите болници во земјава. Ги надградивме лабораториските капацитети, почнавме со неколку стотици во текот на денот, сега имаме и по 1.700-1.800 теста.

Она што е показател за кој мислам дека ни укажува дека добро се менаџира кризата е што прво имаме константен процент на позитивни случаи од вкупниот број на тестови, бројот на пациенти во болниците во континуитет постепено се намалува. Тоа што не треба да се дозволи е да има огромен процент на позитивни од вкупниот број тестови зашто тоа значи дека не знаеме што се случува и немаме целосна слика за епидемијата. Такви сценарија гледаме во околните земји. Огромен ризик е да се пренатрупаат болниците, а тоа го избегнавме и во почетокот и сега.

Ама бројките не се баш ниски. Вашата процена во почетокот беше 2-3 илјади, а отидоа многу над тоа. Има многу починати лица...

Многу од предвидувањата за вирусот не се остварија. Очекувањата на експертите беа дека овој вирус ќе ги следи останатите теркови на вирусите од таа група, вируси што ги напаѓаат белите дробови, САРС, МЕРС и слично.

И така пристапивме, но како тече епидемијата, сфативме дека се работи за вирус што не е сличен на ништо претходно, на ниту еден вирус од истата група, што во меѓувреме ни покажа и клиничката слика. Огромен број тешки случаи од вкупниот број на хоспитализирани, смртност што одговара на публикуваната смртност во референтни списанија, односно над 90 отсто смртност кај пациентите што се на респираторна машина. Очигледно вирус што е тука меѓу нас и очигледно според укажувањата на науката, зазема ендемска форма. Значи не е епидемија како некоја од минатите, ќе дојде во еден бран и ќе помине, какви што беа очекувањата. Но сега гледаме и учиме дека е нешто сосем поинаку.

Во таа смисла кога е вирусот тука, треба да се има целосен увид како е распространетоста во земјата, дали има потенцијал некаде да букне со огромен број новодијагностицирани, но и да се води сметка за капацитетот на болниците. Тоа се двата параметри на кои укажува СЗО и сите земји со кои комуницираме. И во таа смисла мислам дека е апсолутно добар менаџментот.

Има ли кај нас таков потенцијал некаде да букне, како што велите?

Миникластери се јавуваат и тие апсолутно секогаш се во корелација со непридржување до превентивните мерки за носење маска, дистанца, често миење и дезинфицирање на рацете. Неколку фабрики, свадби, семејни вечери, прослави, тоа се настаните на кои луѓето, за жал, не ги почитуваат мерките и прават таков ризик. И досега, а и сега, не гледам некој ризик да се појави некој голем кластер што може да го загрози болничкиот капацитет. Сега засега нема такво нешто на повидок.

Велите дека сте задоволен од тоа како здравствените работници се справуваат со кризата. Колкава е бројката на здравствените работници заразени со ковид-19 досега, колку од нив донирале крвна плазма и дали меѓу нив е, на пример, Цаца Биљановска, поранешната директорка на Кожна клиника?

Многу е битно дека ние почетокот на кризата на некој начин го дочекавме спремни зашто имавме некаква залиха на заштитни материјали. Во моментот кога имаше огромна потреба за маски, ние имавме донација, несвесни за ова, од претходно. Така што добро се дистрибуираше, здравствените работници навреме се едуцираа за правилата.

Имаме здравствени работници што се заразија надвор од работните места, но добро е што тој процент беше релативно мал и уште поважно што таму каде што имаше заразени здравствени работници не се компромитираше здравствениот процес. Тоа беше исклучително битна работа.

Инаку, во принцип идејата и желбата за донирање крвна плазма е сѐ поголема. Сѐ повеќе има луѓе што се јавуваат за донација и тоа е добар процес. Што се однесува до бројката на донатори на крвна плазма, донирале 6 здравствени работници и 57 други, а собрани се 75 единици (од едно донирање може да има и две единици, затоа збирот е поголем). А за Биљановска не знам дали донирала крвна плазма.

Имаше ли недоразбирање на релацијата Влада - Комисија за заразни болести? Колку политиката се меша во експертските препораки?

Во ниту еден момент Комисијата не работеше под никаков притисок, ниту политички, исклучиво професионално врз основа на медицината базирана на докази, врз основа на препораките од СЗО за вирусот. Мислам дека сите институции добро одговорија зашто ова е криза каква што никогаш не сме имале во државата и бараше поставеност на сите институции и со вонредна состојба како што до сега никогаш не функционирала државата.

И во таа смисла мислам дека и другите институции, владата во целост, со таа поставеност одлично одговори. Секојдневно имавме координација, брза размена на информации и можност за брза интервенција. Тоа значеше целокупно добро менаџирање на кризата, не само делот за здравство. Сите многу одговорно и професионално одговорија на кризата.

Но имаше ситуации кога препораките од Комисијата беа едни, а одлуките на владата други.

Не. Сосем малку во еден дел модифицирани во однос на времето и саатите. Одлуките за почеток на полицискиот час пред сѐ беа модифицирани во однос на тоа луѓето да можат да завршат некои лични потреби, со цел да не се создадат гужви и да не се влоши ситуацијата.

Гледано отпосле, мислите ли дека згрешивме што ги одржавме изборите во период кога имавме троцифрени бројки на новозаразени?

Не, воопшто не, затоа што направивме одлични протоколи, одлично се спроведоа и немаме ниту еден пациент од изборите. Таму сите беа целосно заштитени, и луѓето што ги спроведоа и гласачите. Имаме епидемија што се влошува поради непочитување на мерки. Изборите беа одлично спроведени.

Од изборите велите нема ниеден заразен, што е со тие од Охрид на пример, имате податок колку се заболени од тој продолжен викенд?

Има мал број луѓе што дојдоа од конкретните настани во Охрид, но тоа генерално целосно се вклопува во она што ни се случува цело време, а тоа е дека појава на новозаразени има од непочитување на мерките. Има заразени од свадби, настани, групирања каде што не се носат маски. Битно е дека ние во ниеден момент не ги попуштивме мерките. Има протоколи за сѐ и кога не се почитуваат, се случуваат такви работи.

Од почеток кажуваме дека не може здравствениот систем и здравствените работници сами да ја изменаџираат кризата. Од исклучителна важност е свеста кај граѓаните.

Секој ден упатувате апели за почитување на мерките за заштита од ковид-19. Мислите ли дека тие стигнуваат до граѓаните, ако ги земеме предвид случувањата во Охрид, или уште опстојува ставот дека нема вирус?

Има сериозен дел од граѓаните што ги почитуваат, меѓутоа има исто сериозен дел што не ги почитуваат. Оваа здравствена криза нам ни наметна живеење по некои правила и многу е битно граѓаните да сфатат дека ова станува дел од здравствената култура. Има постојано апели, има примери, има луѓе со тешка форма на болеста, има луѓе што загубија блиски членови на семејството. Болеста е тука и постои, мора да се свесни граѓаните дека се самите одговорни за своето здравје ако не водат сметка. Јасни се принципите за превенција и ширење на вирусот.

Ама има уште луѓе што велат дека вирусот не постои, како ќе допрете до нив?

Мора да се свесни. Преземаме многу активности и апели и кампањи и со поддршка на амбасади, кои нè снабдуваат со заштитна опрема, со кампања за подигање на свеста, како американската, делегацијата на ЕУ и други амбасади и организации што ни помагаат од почетокот.

Велите амбасадите ви помагаат и во подигање на свеста и опрема и кампања. Од друга страна, владите и опозициите низ целиот свет заеднички се борат против коронавирусот. Власта во земјава, а најмногу Вие, целиот овој период сте цел на критики и напади. Имавте ли воопшто некаква помош од опозицијата во справувањето со кризата?

Не, напротив. Само критикуваа, манипулираа со бројките, прикажуваа нешто што не е така, и навистина жалам, поради тоа што јас тоа не го очекував, ако ништо друго, од колегите во опозицијата.

По 15 години првпат добивме можност да нè кредитира Светската банка во секторот здравство. Кредит за брза помош, којшто го добија 100 земји во светот и којшто значеше дека ќе добиеме поддршка за надградување на капацитетите, за месеците пред нас, свесни дека ова ќе трае.

За жал, опозицијата нè блокираше и јас не можам да сфатам што е причината да се блокира таков кредит, од кој придобивка ќе имаше здравствениот систем, болниците, немаше да стравуваме толку многу за есенските месеци. Но мислам дека тоа навистина е еден голем грев на опозицијата за менаџирање на кризата.

Се обидовте да комуницирате со нив, да побарате помош?

Комисијата за заразни болести не е партиска комисија, таа е советодавно тело, и јас не знам дали меѓу нив има членови на партија. Таму се експерти што имаат повеќегодишно искуство, се справувале со други епидемии. Го следиме ставот на независни експерти во јавноста, кои не се членови на Комисијата. И со добар дел од нив комуницираме, разменуваме мислења и одлуките беа професионални, издржани, неоптоварени со политика или некој да се обиде да прави политички притисок.

Ве прашувам за лекари од опозицијата што работат во болниците.

Видовме што прават и колку капацитет имаат. Единствено нешто што правеа е да предложат нешто друго кога ние ќе излезевме со мерки. Излезе дека секогаш грешат.

Во изминатиот период имавте можност многу подлабоко да го видите здравствениот систем на Македонија, кој 20 години континуирано се уништува. Знаете ли сега каде се „дупките“?

Оваа криза изнесе на површина што значи да не се инвестира во здравството. За само две години инвестиравме таму каде што е најмногу потребно.

Прво, во платите на здравствените работници. Просечната плата на лекар специјалист заедно со дежурства е над 100 илјади денари, од 85 до 165 илјади денари. Вложивме во младите лекари, сите ги плаќаме за да останат тука. Огромен процент од сегашните лиценцирани лекари се пријавија да работат со ковид-пациенти. Клиничкиот центар е целосно реновиран. Инвестиравме во кадарот и во инфраструктурата. На Инфективната клиника до пред некој месец немаше топла вода, а сега таа е главна болница. Сега дефинитивно е јасно што значи да се инвестира во здравствениот систем.

Една од главните работи е инвестирањето во кадар. Огромен број заминаа во Германија, а сега анкетата што ја правевме на Медицински факултет на шеста година покажа дека огромен процент сакаат да останат тука, што значи сме успеале да ја смениме сликата за тоа како се водат политиките во здравствениот систем.

За наесен се подготвуваат 16 ковид-центри и монтажни болници, но има ли доволно медицински персонал за работа во тие центри, ако се знае колку лекари и медицински сестри ја напуштија земјата?

Смислено е така да бидат дел од постојните болници за да може постојниот кадар да ги менаџира. И клиниките и болниците имаат план кој од нивните експерти ќе ги менаџира тие мобилни болници, а целта е ковид-пациентите физички целосно да се одвојат од останатите. Мислам дека тоа е еден одличен систем.

Системот е добар, ама дали ќе има доволно лекари и сестри?

Со тој план што го направија со надополнување на бројот на инфектолози, со лекари специјалисти од интерна медицина, можноста да ги регрутираме овие лекари и од примарното здравство, да, ќе може да се менаџира.

Задоволен ли сте од матичните лекари и од нивната улога?

Таа е одлична. Инвестиравме во овој сегмент уште минатата година во однос на капитацијата. Со зголемувањето на капитацијата се зголемија и нивните примања. Одлично функционираат, бидејќи матичните лекари се одговорни за лекувањето и следењето на пациентите во домашни услови.

Остана некако неодговорено прашањето за периодот пред официјалната појава на епидемијата, кога училиштата речиси се испразнија, а децата беа болни со симптоми слични на вирусов. Можно ли е овие деца да го прележале вирусот и дали постојат анализи што ја опфаќаат таа временска дистанца?

Имаше многу заболени од сезонски грип, наспроти 20.000 во изминатите десет години, годинава имаше 37.000, речиси двојно. Анализиравме дел од брисевите што тогаш беа земени, дали се позитивни на коронавирусот, и излегоа дека не се. Тоа беше еден мал пресек зашто капацитетите им беа посветени на новите пациенти. Голема е веројатноста дека не биле, затоа што немаа клиничка слика како овие пациенти.

Тоа беше тогаш во училиштата. Што ќе биде сега?

Дадовме наши препораки, треба да имаме седница на влада да дискутираме.

Вие лично за што сте, во однос на организирањето на наставата?

Зазедовме став на Комисијата и мислам дека предлогот е сосема солиден, до трето одделение со физичко присуство, празни ќе бидат училиштата, а другите да бидат со онлајн-настава. Се соочуваме со еден период во кој во ниту една земја во светот не се знае што ќе биде. Не знаеме каква есен нè чека. Дополнително сезонски грип, колку пациенти ќе има... Така што, мора да бидеме внимателни особено со оваа категорија.

Но уште сега има родители што велат нема да ги пуштат децата на училиште...

Нашите препораки се темелат на епидемиолошките сознанија, а МОН треба да одговори за другите предизвици.

Вие лично мислите дека треба да одат?

Апсолутно мислам дека солидна е препораката за од прво до трето одделение. Мислам дека треба да одат во училиште ако се согласни родителите.

А ако не се согласни?

Тогаш треба да има и онлајн-модел.

Од друга страна, има и забелешки околу тоа како деца од прво одделение ќе учат онлајн кога не ги знаат ни буквите?

Подобро е и поважно да биде детето здраво во период кога не ги знаеме околностите во однос на вирусот, а сѐ друго може да се надомести. Здравјето тешко.

Што се однесува на границите, на македонските граѓани им е потребен ПЦР-тест за да влезат во соседните земји. Колку е ризично тоа што ние остануваме на истата одлука како и досега, особено по случајот со Финска и критиките дека сме црна точка во Европа?

Ние ги проверивме сите патници, никој од македонските државјани не беше позитивен.

Ама таму беше објавено дека авионот дошол од Македонија и тоа е разликата.

Нам ни е многу битно да знаеме. Да беа наши државјани, тие ќе беа асимптоматски носители. Тоа нам ни е показател. Уште го чекаме одговорот за имињата, па да видиме дали треба нешто да преземеме, па дури и за транзит кон околните земји.

Во однос на тестовите и поминувањето на границите треба да се има регионален пристап. Јас минатата недела пратив писмо со покана за заеднички состанок на крајот на август за сите земји од Западен Балкан, плус Бугарија и Грција, за да разговараме за повеќе аспекти. Чекаме одговор. За размена на искуства за справување и за политиките за поминување на границите.

Луѓето ќе мора да функционираат, да живеат, да работат, значи мора да имаме некаков заеднички пристап. Се надевам ќе има позитивен одговор за состанокот за да донесеме некакви заеднички политики во регионот.

Во однос на вакцината, Русија веќе објави дека има вакцина, се испитуваат и стотина други. Кој пат ќе го следи Македонија во однос на вакцините, ќе купува ли од Русија? Кој ќе биде нашиот пристап во однос на можното скорашно вакцинирање на населението?

Аплициравме за ковакс-механизмот на СЗО, којшто би ги дистрибуирал вакцините тогаш кога секоја ќе дојде до производителите. Немаме доволно сознанија за тоа до каде се вакцините. Компаниите што се пријавени во ковакс се блиску до третата фаза на клиничко испитување. Мислам дека е оптимистичко сценарио на светот да му биде достапна вакцина во почетокот на следната година. Тие што се најнапред во процесот.

За руската немаме многу сознанија, сè уште истражуваат нашите експерти.

Колку добро или лошо сценарио очекувате есенва? Дали би било полошо од ова што го имавме до сега?

Полошо сценарио значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои ги окупираат истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид. И во таа смисла е надградувањето со 16 одделенија. Точно предвидување никој не може да каже, ниту една од земјите и во регионот и во Европа немала есен со пандемијата.

Се спремаме за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, па нема да имаме такво сценарио.

Имаме план за дополнителни рестрикции согласно некои со мерки, ќе го промовираме наскоро. Тоа значи дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или е потенцијален ризик.

Тоа значи дека може да се врати и полициски час како една од мерките?

Апсолутно може, да. Затворање на училиштата, затворање на угостителските објекти, забрана за собири и слично. Но за планот на рестрикции битен е и регионалниот пристап.

Жана П. Божиновска

Објавено

Недела, Август 16, 2020 - 08:02

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе