„Справување со кризата со (не)доволни ресурси“

Факторот на пренесување на вирусот се намалува, но можни се изненадувања, вели Филипче

Р нула факторот на трансмисија на вирусот, според неделните пресеци се намалува, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на форумот „Справување со кризата со (не)доволни ресурси“, организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Цивика мобилитас. 

Според Филипче, неблагодарно е да се каже дали ова ќе биде тренд или ќе продолжи да се шири. 

„Доколку продолжи вака како што е изминативе неколку недели – да, ќе биде тренд, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, зашто очигледно овој вирус не го прати моделот на вируси од истата група на вируси во кои се јавува. Имавме еден тренд на стабилизација прво, па сега и намалување и внимателни сме, следиме како ќе биде овој период пред нас“, рече Филипче. 

Тој уште додаде дека не може да има еден идентичен протокол за лекување од оваа болест и секој пациент треба да биде воден од самиот матичен лекар.

„Мора да се направи проценка врз основа на клиничката состојба на пациентот, затоа што видовме многу сценарија за оваа болест што уште еднаш нѐ враќаат на заклучокот дека имаме работа со непознат вирус“, рече Филипче. 

 Во однос на тестирањето кажа дека брзите тестови кои се на располагање малку ја променија сликата и најави дека ќе биде дистрибуирано дополнително количество тестови. 

„Имаме некои најави дека има некои специфични лекови, тоа се оние специфични моноклонални антитела кои директно помагаат за оваа болест. Ни се понуди и аплициравме, ЕУ ни понуди да бидеме дел од заедничката набавка тогаш кога ќе биде на располагање. Така што влеговме во тој систем, доколку тој лек се потврди за да биде конкретно наменет“, заклучи Филипче. 

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов во своето обраќање на форумот посочи дека Главниот штаб работи според акциски план чија основна надлежност е борбата против ковид-19, намалување на ширењето на заразата и бројот на болни, за да се намали притисокот врз здравството во нашата држава.

Според него, една од основните цели во овој акциски план е и подигање на јавната свест и совест на населението за почитување и примена на мерките и препораките за лична заштита. Притоа, вели, невладиниот сектор има голема улога во јакнење на јавната свест, а очекува во иднина и да биде уште поголема.

Ангелов истакна дека на седниците на главниот штаб и главниот координативен кризен штаб доаѓаат до заклучок дека одредени мерки мора да останат на ниво на препораки, бидејќи доколку бидат воведени забрани, тие би се коселе со одредени слободи и права на граѓанинот кои се предвидени во Уставот, како што беше на пример забрана за собирање на повеќе од четири лица во домовите.

„Веднаш потоа би укажал дека како Главен штаб во акцискиот план е предвидено и зајакнување на надзорот и контролата за почитувањето на мерките, но и препораките и ова спаѓа и во делот на МВР и во делот на некои инспекции како што е државната пазарна инспекција“, додаде Ангелов.

Исто така, рече дека работат и на вклучување на сили од страна на Армијата.

„Знаете дека со наредба на врховниот командат поради прогласената кризна состојба, дадена е наредба за помагање од Армијата и би го укажал првиот сегмент, а тоа е помагање на секторот здравство, односно на јавното здравство во кое се вклучени 15 армиски доктори, односно 15 доктори од Министерството за одбрана, 22 сестри и пет возачи со пет возила кои се вклучени во Итната медицинска помош“, додаде тој.

Во однос на улогата на Армијата Ангелов изјави дека таа е поддршка на полицијата во обезбедување на ковид центрите. Инаку, според информациите што ги сподели, во Скопје се ангажирани осум припадници на полицијата и 22 припадници во Армијата или вкупно 30. На ниво на држава има 19 полицајци и 33 припадници на Армијата или вкупно 52, а во моментов 80-тина припадници на полицијата и на Армијата работат на обезбедување на ковид центрите, но и на други здравствени установи кои се побарани од Министерството за здравство.

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе