Ковид-19 и вакцините

Еден вирус, многу различни искуства и по примена вакцина: без симптоми, настинка, тежок грип, хоспитализација...

Македонија и светот без малку 2 години живеат во пандемија на ковид-19. Живот во изолација, со почитување мерки, со дистанца, нешто за кое никој не веруваше дека ќе ни се случи. Многуте дружби и гужви ги заменивме со мали собири, кои во еден период се сведоа и само на 4 лица од домот во кој живееме. Спас за излез од пандемијата речиси сите гледаа во вакцината, но има и такви за кои ковид-19 не постои или е вирус сличен на настинка или сезонски грип. Дел од оние што се заразија невакцинирани поминаа лесно, но дел иако млади и со здрав животен стил, поминаа и лошо.

Од пред одреден период на располагање на граѓаните им се вакцините, за кои верувавме дека ќе го вратат животот во нормала. Спутник, Фајзер, Синовак, Синофарм... оние што сакаа, доброволно се вакцинираа со некоја од овие вакцини. Но по одреден период практиката ни покажа дека и со примени две дози не сме заштитени од заразување. Лекарите појаснуваат дека вакцинирањето не штити од заразување, туку од тешка болест и смрт.

Дел од граѓаните вакцинирани со 2 дози Фајзер споделија искуства за тоа како го поминале вирусот и покрај примената вакцина.

„Почна со гребење и болки во грлото. Температура до 37,8, болка во мускулите, кашлица, силни главоболки и вртоглавици. Поминав само со витамини и крвна слика и Д-димери со уреден наод. Ако ова е полесна клиничка слика со примени 2 дози Фајзер, којзнае како ќе поминев без примена вакцина. Дома направив 5 брзи теста, кои беа негативни, а ПЦР позитивен. Тестирајте се ако се сомневате“, вели скопјанка на возраст од 40 години, која пред 5 месеци ја примила втората доза на Фајзер.

Дел од вакцинираните со Фајзер споделуваат искуство дека заразата ја поминале само со блага кашлица, течење нос и изгубен мирис и вкус, но иако ретко, има и такви што поминале со хоспитализација.

„Се заразив по 4 месеци од примена втора доза Фајзер. Поминав со температура, наод на бели дробови, невролошки проблеми, кашлица, зуење во ушите, вртоглавици, проблем со движењето на едната нога. Се чини дека сѐ е индивидуално“, вели вакцинирана жена на возраст од 47 години.

Искуството на друга вакцинирана жена вели дека поминала со полесна клиничка слика, односно со температура што траела максимум 2 часа и изгубен мирис 3 дена. Проблемите што ги имала и најмногу ги почувствувала се однесувале на болки во нозете, за кои вели дека сѐ уште траат. Таа го сподели искуството и на својата мајка, која исто така била вакцинирана со 2 дози Фајзер, на која ковидот ѝ предизвикал бронхопневмонија и ниска сатурација.

Во искуствата на вакцинирани и заразени со ковид наидовме и на такви што по примени 2 дози Фајзер, кои иако без симптоми, поради контакт со заразен направиле ПЦР-тест, кој бил позитивен. Велат, иако биле без симптоми, поради сознанието дека се позитивни и паниката што ја чувствувале, за 2 недели изгубиле и над 10 килограми.

Заразени вакцинирани има и со руски Спутник и со кинеските Синовак и Синофарм. И кај нив искуствата се различни, но од вакцинираните со Синовак и Синофарм имаше најмногу што направиле тест за антитела и речиси воопшто ги немаат. Голем дел од повозрасните што биле вакцинирани со кинеските вакцини и кои се заразиле, завршиле во болница.

 

Лекарите периодов препорачуваат и трета доза на вакцината на Фајзер, без разлика која вакцина сте ја примиле претходно. Велат дека третата доза штити и од сојот омикорн.

Доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом во Скопје во изјава за Канал 5 телевизија вели дека третата, бустер-доза создава отпорност кога е во прашање сојот омикрон, како и дека е рано да се размислува за четврта доза.

„Двете дози создаваат ‘ѕид’, а третата само го зајакнува. Постојат повеќе сценарија во кои се следи омикрон. Сепак, тоа е нов сој и следењето на карактеристиките може да изреализира неколку сценарија“, објаснува Мехмедовиќ.

Во меѓувреме, соседна Грција им забрани влез во затворено на сите возрасни граѓани над 60 години што немаат примено трета доза вакцина, а мерката важи и за туристите.

Кај нас, и понатаму во сила е мерката за задолжителни две дози вакцина за влез во трговски или угостителски објекти, а најновата варијанта на ковид, омикрон, сѐ уште не е забележана во земјава.

Во периодот од 6 август до 18 ноември во земјава се регистрирани 53.682 граѓани што се заразиле од коронавирусот, 31 отсто од нив биле вакцинирани со две дози, а 20 проценти од починатите од последици на ковид-19 биле вакцинирани.

Министерството за здравство потсетува дека за вакцинирани се сметаат лицата што примиле две дози и со поминати најмалку 14 дена од примањето на втора доза.

„Во периодот од 6 август до 18 ноември на територијата на државата 53.682 граѓани се позитивни на тестирањето на ковид-19, од нив 31% се целосно вакцинирани, односно 16.702 лица. Голем е бројот на невакцинираните граѓани што се заразиле со ковид-19. Според статистиката за изминативе месеци, 36.980, граѓани, односно 69% од позитивните на ковид-19, не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани е голем, од моментално 534 хоспитализирани пациенти, 123 се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во периодот од 6.8 до 18.11.2021 на територијата на државата од вкупниот број починати, 80% биле невакцинирани, а 20% од починатите примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања“, соопштија од Министерството за здравство на крајот на ноември.

Министерството во соопштението укажува на важноста на вакцинацијата и порачува дека секоја вакцина што државата ја има располагање е безбедна. Во соопштението се потсетува дека само со вакцинација на населението може да се дојде до колективен имунитет.

Оваа година за разлика од лани се отворија училиштата и под посебни протоколи децата седнаа во клупите. Голем дел од наставниците се вакцинирани, но ги има и без примена вакцина. Ако во одделението има заразено дете, во одредени случаи цели одделенија одат во изолација, но има и случаи каде што се изолира само заразеното дете и другите си продолжуваат со физичко присуство.

Светот гледаше спас во две дози вакцини, но се чини дека е рано за враќање на животот во нормала. Ковид-19 комплетно го смени темпото, а сега дел од граѓаните гледаат спас и во примањето трета доза вакцина. По неа докторите велат дека можеби ќе треба и четврта. Но до кога, никој нема одговор. За еден вирус има искуства и мислења колку што нѐ има на светов. Најчестите совети се да се внимава на имунитетот и да се почитуваат мерките за заштита, како носење на заштитна маска и држење дистанца, но и вакцинацијата.

К.Д.

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе