Многу петки, малку знаење

Државава како да е полна генијалци: во некои училишта речиси 90 отсто од основците се одлични

Од вкупно 295 ученици од петто до деветто одделение во Основното училиште „Партенија Зографски“ во општина Кисела Вода, 257 ја завршиле годинава со одличен успех, а останатите 38 се многу добри. Во ова училиште нема ученици со понизок успех. Значи близу 90 отсто до учениците имале петки во свидетелствата.

За споредба, во учебната 2015/2016 година во истото ова училиште имало 223 бројно оценети ученици, од кои 166 биле одлични, а 51 ученик со многу добар успех. Во тој период, за разлика од годината што заврши, имало и ученици со пониски оценки, односно ученици што годината ја завршиле и со добар успех, а таа бројка е 6.

Во учебната 2020/21 во Основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ од вкупно 372 ученици, одлични се 278, многу добри се 62, добри 27, а доволни двајца. Тројца ученици во ова училиште на крајот од училишната година имале 3 или повеќе единици.

Учебната година 2017/2018 во истото ова училиште од вкупно 333 ученици, со одличен успех ја завршиле 239, многу добри биле 62, добри 27 и доволни двајца. Само еден ученик тогаш имал и единици на крајот од школската година.

Во Основното училиште „Климент Охридски“ во Скопје во учебната 2020/2021 од вкупно 547 со одличен успех ја завршиле 278, многу добри се 213, добри 44, доволни 12 и ученици со единици нема.

Во истото ова училиште во учебната 2015/2016 година од вкупно 275 бројно оценети ученици, одлични биле 177, многу добри 68, добри 27 и доволни тројца.

На официјалната страница на Бирото за развој на образованието (БРО) стои дека оваа институција се залага за унапредување и усовршување на наставата и учењето преку развивање нови наставни планови и програми, развојни истражувања, советувања и обука на воспитно-образовниот кадар и вреднување на постигнувањата на учениците, публикување на прирачници, списанија и други дидактички материјали за поддршка на наставата со цел да се подобрува предучилишното, основното и гимназиското образование, образованието на децата со посебни образовни потреби, возрасните...

Бидејќи визијата на Бирото за развој на образованието е квалитетно образование и воспитание на младите генерации и нивно вклучување во севкупниот развој на македонското општество, со оглед на тоа дека бројките покажуваат дека наставниците со леснотија и многу често ставаат петки, редакцијата на МКД.мк испрати прашања до Бирото за развој на образованието за тоа на што се должи овој одличен успех на учениците.

Но иако неколку дена чекавме одговори од таму, на крајот од БРО нѐ упатија одговори да бараме до одговорните за образованието во рамки на општините, а за подлабоки анализи да се обратиме до Министерството за образование и до Државниот испитен центар.

Од Бирото за развој на образование велат дека не добиваат извештаи за работењето на основните училишта.

„Врз основа на член 108 од Законот за основно образование, училишниот одбор на основното училиште предлага Извештај за работата на основното училиште до советот на општината, а државните основни училишта до Министерството за образование. Согласно со тоа може да потенцираме дека Извештајот за работата на основното училиште се доставува до советот на општината, а не до Бирото за развој на образованието. Исто така, согласно со член 136 од истиот Закон надлежна институција за анализа и креирање на образовни политики врз основа на нив се Државниот испитен центар и Министерството за образование и наука. Во Законот за основно образование се вели дека извештаите од спроведени самоевалуации, интегрални евалуации, извештаите од постигнувањата на учениците од училиштата и државни и меѓународни мерења се јавни и се објавуваат на страницата на Државен испитен центар. Министерството на секои 4 години подготвува извештај за состојбата во основното образование со препораки за подобрување на квалитетот, кој се доставува до Владата и се објавува на интернет страницата на Министерството. По потреба, Министерството подготвува извештаи за одделни сегменти на основното образование што се доставуваат до Владата и се објавуваат на интернет-страницата на Министерството“, стои во одговорот од БРО до МДК.мк.

На крајот ни е дадена препорака одговорите наместо кај нив, да ги бараме во МОН и ДИЦ.

Од МОН, како што веќе објавивме, сметаат дека бројот на одличните ученици е зголемен бидејќи се подобрил квалитетот на образованието.

Во низата примери почести и позастапени се тие во кои се бараат врски и се поправаат оценки преку „познаници“. Самите родители на основците признаваат дека им бараат врски ако заглават со некоја оценка и мора да бидат со сите петки бидејќи, како што велат, одличниот успех им треба за во средно училиште.

Но и во средните училишта сликата е речиси иста. Таму пак, се бараат повисоки оценки со кои треба да се направи просек за запишување на факултет. Во разговорот со неколкумина од родителите и некои од професорите во стручни училишта, наидовме на само еден пример во кој ученик самиот побарал од професорката да не му ја поправа оценката бидејќи „ќе го изедел жив срам“.

„Професорке, немојте да ми ставите петка, и четворкава што ми ја дадовте е многу. Не ги слушајте моите родители, ако ми пишете петка, жив срам ќе ме изеде од учениците во класот“.

Ова се зборовите на кои професорка од едно средно училиште во Скопје вели дека ќе се сеќава секогаш, бидејќи, како што вели, е реткост, а ги чула од нејзин ученик, кој ја побарал на мобилниот телефон откако разбрал дека неговите родители бркале врски за да му ја поправат оценката на крајот на школската година и да помине одличен.

Барање до професори имало и од ученик што ниту еднаш не кажал ниту збор за време на онлајн-наставата, а и обично отсуствувал од часовите, или немал интернет, или микрофонот или камерата не му чинеле. Самиот бараше да не добие кец, бил многу зафатен со тренинзи во некој младински тим. Откако добил на подарок двојка, се јавувале родители и директорот ако може тројка да добие. И настанала кавга на наставничкиот совет. Тогаш се јавиле и други наставници со барања од типот, ако нему му ставите тројка, тогаш на ученик од мојот клас треба четворка. На крајот му останала двојка.

Вакви безброј ситуации има и во основните училишта, а за тоа зборуваат и високиот број ученици со петки.

Поправањето на оценките со врски прави јаз, го продлабочува меѓу децата, но и меѓу наставниците. Од една страна, децата добиваат можност да наредат петки во свидетелството без многу труд и можност да се запишат во училиште во кое се вреднува успехот, но од друга страна е прашање што се случува со знаењето на основците и средношколците.

Пензионираниот професор Ѓорги Илиевски за МКД.мк вели дека полугодишните оценки се многу пореални за разлика од крајните.

„Полугодишните оценки се реални, а крајните се надуени. Наставниците се под притисок и од родителите и од директорите на училиштата. Оценките се ставаат неконтинуирано, кампањско или паушално. Секогаш се залагам за промена на методологијата во оценувањето, тоа да биде континуирано со усни и писмени оценувања. Нереално е да имаме над 90 проценти одлични ученици, односно не може сите да бидат генијалци. Промените и реформите треба да бидат во методологијата на работа со учениците, а дигиталните учебници немаат врска со реформи. Дигиталните ученици треба да бидат средство за надградување, а не основно средство. Многу е важно да има методолошки приод со детето и да го научите да се искажува, а учебниците треба да им дадат основни моменти и насоки“, смета професорот Илиевски. Тој упати и критики до Бирото за развој на образованието и укажува дека не постои аналитичен истражувачки центар што ќе може да ги детектира проблемите.

„Во Бирото за развој на образованието во Загреб, Словенија, Белград, има центар за истражување што се однесува и на успехот на учениците. Нашето Биро за развој на образованието нема ниту аналитичен истражувачки центар и таму има луѓе што најмалку се занимаваат со образованието. Неприфатливо е МОН да каже дека петките се должат на подобрување на образовниот процес. Ако ние имаме аналитичен истражувачки центар, тогаш ќе можат да се истражуваат работите и кои методи се најдобри за нашето образование. Ако имаме такви центри, ќе имаме и соочување со проблемите. Свидетелствата се полни со петки само за да ги исполнат желбите на родителите многу повеќе отколку на децата“, додава професорот Илиевски.

Тој вели дека поголем успех би имале доколку би ги оставиле децата да учат за она што го сакаат и да продолжат да бидат она што тие сакаат, отколку со сила да ги исполнуваат желбите на своите родители и на крајот да мислат дека не ги бидува, а всушност се запишале на училиште што е наметнато.

На тој начин, вели професорот Илиевски, децата ги праќаме во погрешен правец и ги советува родителите да ги пуштат децата да бидат она што се и да не им бркаат врски за поправање оценки бидејќи не треба сѐ да добиваат по полесниот пат.

К. Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе