Ковид-19

Досега се вакцинирани околу 100 илјади граѓани, а 20.650 примиле две дози

Во А1 арената „Борис Трајковски“ во Скопје и во останатите шест регионални пункта низ државата вчера продолжи масовната вакцинација на населението и според Министерството за здравство, истата се одвива непречено, а интересот за вакцинирање секојдневно се зголемува.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој вчера исто така прими вакцина, рече дека  одлучиле вработените во се вакцинираат непосредно после оние од Собранието, бидејќи институцијата е битна за функционирањето на државата, за одржувањето на системот и по тој систем сите министри во следните 10-тина до 14 дена добиле веќе свој термин.

Филипче, исто како и премиерот Зоран Заев, кој се вакцинираше ден пред него, на вакциналниот пункт во А1 арената ја прими вакцината против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“.

„Денеска ја примив вакцината на ‘Синофарм‘. Буквално сите вакцини се безбедни за употреба. Апелирам сите да се свесни дека вакцините се сигурни, безбедни, дека сите се развиени на безбедни платформи, дека несаканите ефекти се навистина мали, има точни индикации односно контраиндикации за возрасни групи или некои специфични критични категории граѓании кои нема да треба да примат некаква вакцина и ние тоа го влечеме како податок од научните испитувања од производителите“, изјави Филипче.

Тој рече дека системот за вакцинација добро се спроведува при што акцент е ставен на сите пријавени на сајтот vakcinacija.mk. со приоритет по возрасна група, и паралелно на тоа, како што вели, еден помал дел оди кон вработените во критичната инфраструктура како што започнаа уште пред неколку недели.

„Како ќе доаѓаат вакцините така ќе бидат распределени за да може преку овие два система што поголем број граѓани да добијат вакцина за што пократко време. Во нашата земја вакцинирани се близу 100.000 граѓани. Сметам дека ќе имаме и натаму добра динамика на вакцинирање. Затоа повторно апелирам сите да се пријават на сајтот vakcinacija.mk . Tоа е системот по кој системот ‘МојТермин‘ ќе ги приоретизира категориите граѓани и во соодветно време согласно тајмингот на пријавување граѓаните ќе добијат или смс порака или меил за да се јават во соодветно време и во соодветен пункт за вакцинација“, изјави Филипче.

Тој вчера уште кажа дека Грција би требало да ја отвори границата на 14 мај и да дозволи влез за македонските граѓани со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, или со потврда за вакцинација против ковид-19. Како што рече, овие информации му ги дал грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис, при последниот телефонски разговор што го имале минатата недела.

Засега не се знае дали Северна Македонија ќе биде во групата земји за чии граѓани ќе биде допуштен влез во Грција и со негативен брз антигенски тест, а за тоа се чека одлука од грчката Влада.

Според податоците од Министерството за здравство, во моментов пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk се над 256.346 граѓани, а на вакциналните пунктови во државата, заклучно со завчера, се вакцинирани вкупно 84.312 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 10.135 граѓани, а вкупно се вакцинирале 12.606 граѓани. Во државата вкупно вакцина примиле 104.962 граѓани, а две дози примиле 20.650 граѓани. Со последните бројки, 28 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk , а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација, покрај во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, се одвива и во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид. Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Според последните податоци на МЗ, вкупно 883 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 847 празни болнички кревети во ковид – центрите. Во претходното деноноќие, имало нови 234 случаи на ковид-19 од 2.907 направени тестирања. Починати се 25 пациенти, најмладиот на 27 години. Оздравени се 786 лица. Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.694 од направени 734.904 тестирања. Оздравени се 137.331, починати 5.067, а активни случаи има 11.296.

Дел од намалените рестриктивни мерки оваа недела беше намалувањето на времетраењето на полицискиот час кој е во сила од 23 часот навечер до 5 часот наредниот ден, како и продолжувањето на работно време за терасите на угостителските објекти, а за дополнителни олабавувања на рестриктивните мерки ќе се одлучува на почетокот на следната недела.

 

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе