четврток, 18 април 2024

Парламентот на Република Српска поддржа извештај кој негира геноцид во Сребреница

Парламентот на Република Српска денес поддржа извештај со кој се негираат тврдењата за геноцид извршен над Бошњаците во Сребреница во 1995 година, и со тоа ја оспоруваат предлог резолуцијата за осуда на злосторството чие усвојување се очекува во мај на Генералното собрание на Обединетите нации.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Со ова го креваме нивото на нашата национална свест“, кажа претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевановиќ објаснувајќи зошто парламентот сега расправа за документ од 2021 година.

Лидерот на босанските Срби Милорад Додик потврди за време на расправата во парламентот дека тоа е одговор на најавата за усвојување резолуција во Обединетите нации.

Формални предлагачи на резолуцијата, со која меѓу другото се повикува на одбележување на 11 јануари како ден на сеќавање на „жртвите на геноцидот во Сребреница“, се Германија и Руанда, а спонзори се главно западни држави. Се очекува да добие поддршка од повеќе држави членки на ОН и покрај напорите на Србија да се отфрли предлогот.

Додик денес во Бања Лука објасни дека во РС прифаќаат дека во Сребреница е „извршено злосторство“, но не и геноцид, и истакна дека Бошњаците тоа се обидуваат да го наметнат злоупотребувајќи ги пресудите на Хашкиот суд, за кои кажа дека се „неправедни и политички мотивирани“.

Тој кажа дека во самата Сребреница во 1995 година не е убиен ниту еден Бошњак, туку настрадале оние „кои се обиделе да се пробијат“, а дека бројката од осум илјади жртви е „напумпана за пропагандни потреби“.

Парламентот на РС во 2018 година го отфрли специјалниот извештај на ентитетската влада од 2004 година за геноцид во Сребреница. Тогаш донесоа и одлука за формирање „независна меѓународна комисија“ која би ги утврдила фактите за страдањето на сите народи во регионот на Сребреница од 1992 до 1995 година.

За претседател на комисијата е поставен историчарот Гидеон Греиф од Израел, а тоа тело во 2021 објави извештај во кој се наведува дека во регионот на Сребреница немало геноцид и дека таму се убиени најмногу три и пол илјади Бошњаци, главно војници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ