Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа на половина

Доктор Клопчевски оптимист, состојбата во Дебар се смирува, но лекарите да не се оставаат без заштитна опрема

Состојбата во кризните подрачја во Дебар и Центар Жупа полека се смирува, вели примариус докторот Драган Клопчевски (60), специјалист интернист со над 30 годишно работно искуство. Докторот е оптимист дека состојбата брзо ќе се среди и во телефонски разговор за МКД.мк вели дека во Дебар веќе нема толкава бројка на заболени лица, односно во просек има по еден заболен на 2-3 дена.

Први на удар се лекарите, а д-р Клопчевски посочува дека здравствените работници се оние на кои треба сега да им се обезбеди заштитна опрема, а не да се дозволи да носат исти маски и заштитни ракавици по неколку дена, како и останата заштитна опрема.

„На работа сме и по 24 часа. Можам да кажам состојбата почнува да се смирува на некој начин. На два три дена има по еден заболен. Епидемиолошката служба работи постојано и се лоцираат сите контакти во општината, се прават тестови зависно од тоа колку лица се контактирани и поврзани со некој заболен пациент. Веќе и самите граѓани се јавуваат и во Центарот за јавно здравство. Сакам да нагласам дека ние лекарите сме во првите редови и изложени на ризик. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките и да седат дома, но ние лекарите мораме да сме во служба на здравјето на луѓето. Упатувам апел дека мора да ни бидат обезбедени заштитни маски, ракавици и останата опрема која е неопходна бидејќи сме изложени на ризик кога треба да примиме некој пациент", вели д-р. Клопчевски кој додава дека има доста заразени лекари кои прегледувале пациент за кој не знаеле дека е заболен и на тоj начин се заразиле.

Лекарот кој пред околу две недели го напушти своето семејство во Скопје и замина за Дебар изрази надеж дека од прилика за три недели повторно би можел да се врати дома и да биде со своето семејство.

Како причина за забавување на ширењето на вирусот во кризното подрачје д-р. Клопчевски го наведе фактот дека мерките се почитуваат, дека граѓаните не излегуваат дома и дека полицискиот час и забраната за движење кој е воведен влијае позитивно на целата состојба.

„Добро е што мерките се почитуваат и граѓаните мора да сфатат дека тоа е единствениот спас од оваа состојба. Во моментов во Дебар има еден инфектолог, еден пулмолог и двајца педијатри од Скопје. Морам да нагласам дека има само еден епидемиолог кој неуморно работи 24 часа. Јас имам долгогодишно работно искуство во кое до сега вакво нешто ниту сум видел, ниту посакувам да видам. Клучот за спас од сето ова е да се почитуваат мерките на Светската здравствена организација, да се седи дома, да нема контакти, да нема собири, да се пијат топли напитоци, витамин Ц и парацетамол доколку има потреба. Тоа се тие основни начела", вели докторот.

Тој додава дека како и секое друго медицинско лице така и тој стравува за своето здравје, но вели дека мора да бидеме свесни дека треба да се заштитиме и дека недостигот на заштитна опрема за лекарите во Дебар, но и во целата држава мора да се надмине.

За оние кои се починати д-р. Клопчевски вели дека најчесто се тоа лица со коморбидитети и лица кои се над 60 годишна возраст.

„Во моментов на Инфективното одделение во Дебар се хоспитализирани 9 лица, а 4 лица починаа. Сите се на возраст над 60 години и сите имале дополнителни заболувања поради кои кога заболуваат од коронавирусот, состојбата им се влошува", појаснува д-р. Клопчевски.

За околу две недели ќе се укине кризната состојба во Дебар и лекарот е оптимист дека полека работите ќе почнат да се враќаат во нормала, а вели, се надева дека така ќе биде многу скоро и на територијата на цела држава.

Неговиот апел е надлежните да се грижат повеќе за здравствените работници кои пак се неопходни во борбата со коронавирусот, а на граѓаните им препорача да се стрпат и да седат дома, за што поскоро да може сите да излеземе надвор.

К.Д.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе