Грипот не пристигнал, но има болни од слични заболувања

Додека се бориме со коронавирусот, демнат вируси слични на грипот

Околу сто лица во последниве недели заболеле од болести слични со грипот. Сезонскиот грип пак, се очекува кон крајот на декември или почетокот на јануари. Ако дотогаш не се стабилизира состојбата со ковид-19, периодот по Нова година ќе биде многу голем предизвик за здравството во Македонија, доколку на пандемијата, се надоврзе и епидемија од грип. Минатата сезона од грип беа регистрирани над 33 илјади случаи.

Во Македонија нема случаи на грип, одговори Министерството за здравство на прашањето на МКД.мк.

Од Министерството велат дека сезоната на грип започнува кон крајот на декември – почетокот на јануари и дека „во моментов во Македонија нема ниту еден потврден случај на грип".

На нашето прашање дали е веќе изготвен план каде во болнички услови ќе се лекуваат заболените кај кои грипот ќе предизвика сериозни здравствени компликации и колку евентуално болнички кревети се обезбедени, од Министерството кусо велат:

„Ниту еден пациент нема да биде вратен од болничко лекување и нема да му биде ускратен потребниот здравствен третман".

На интернет страницата на Институтот за јавно здравје прочитавме дека во последната недела од минатиот месец во Македонија „се пријавени 26 (I=1,3/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Бројот на регистрирани случаи во таа недела е соодветен за овој период од сезоната во споредба со минатата сезона (n=29), но двојно понизок во споредба со типичната сезонска крива (n=59)".

Заболените од болести слични на грипот се пријавени во државните здравствени институции и тоа во Дебар – 19, во Радовиш – 4, во Тетово – 2 и во Прилеп – 1. Од овие заболени, 12 случаи се на деца до четиригодипна возраст.

Институтот соопштува дека во вирусолошката лабораторија не се пристигнати материјали за лабораториско тестирање на грип.

Претходните недели имаше седумдесетина случаи на заболувања слични на грипот, или вкупно, според последниот извештај, 100 лица.

Др Жарко Караџовски деновиве изјави дека станува збор за заболувања предизвикани од риновируси, аденовируси и параинфлуенца, кои имаат слична патологија и различна симптоматологија. Тој вели дека дека врз основа на неговите долгогодишни истражувања, првиот бран од вирусот на грипот во земјава се очекува меѓу 5 и 15 јануари, а дека пред три години првиот пран се случил во декември. Вели дека првичните симптоми се разликуваат од коронавирусот, бидејќи грипот почнува нагло, со висока температура до 40 степени. Инкубацијата за разлика од ковид-19 е брза, во рок до 72 часа од контакт со заболен од грип, а пренесувањето на болеста најчесто се случува во семејството, на работа, во градинки и училишта.

Со други зборови, заразата се пренесува најбрзо во затворен простор, а како превенцијата, како и за ковид-19, може да послужат маските, држењето на дистанца и миењето на рацете и недопирање на носот, устата и очите со рацете кои не се измиени или дезинфицирани.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита и затоа од Институтот за јавно здравје изјавуваат дека даваат препорака за целото население, особено за постари лица, лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

За оваа сезона набавени се 55 илјади дози на вакцина против грипот. Од Институтот сметаат дека тоа е доволна количина, затоа што и покрај апелите на лекарите, голем број од луѓето не се вакцинираат. Но, наведуваат дека доколку годинава има поголем интерес за вакцинирање и овие дози се потрошат, дека ќе биде набавена дополнителна количина.

Во Министерството за здравство прашавме дали се обезбедени тестови за грипот и каде граѓаните би можеле да се тестираат или, пак, дали ќе се тестира со тестови кои истовремено можат да детектираат и ковид-19 и грип.

„Ова е период кога започнува вакцинирањето против грипот и целта е да се превенира инфлуенсата пред почетокот на сезоната. Тестирање се прави во вирусолошката лабараторија во Институт за јавно здравје. Тестовите за ковид 19 не детектираат грип", ни одговори Министерството.

На прашањето дали по примерот на ковид-19 се планира и дневно информирање за бројот на заразени од сезонски грип, од Министерството одговорија дека и досега Иниститутот за јавно здравје водел и објавувал неделна статистика за заразени со инфлуенса и дека новинарите ќе можат да добиваат и поредовна статистика.

Минатата сезона есен - пролет, во Македонија Институтот за јавно здравје регистрирал 33.171 случај на грип, што било зголемување од 54 проценти во однос на претходната сезона. Нешто повеќе од 18 проценти од заболените биле во Скопје, а според бројот на население, најзастапен бил вирусот во Кавадарци.

Како последица на грипот починале три лица,кај сите лабораториски била утврдена инфлуенца од типот A/H1pdm. Починатите имале некои претходни заболувања и не биле вакцинирани против сезонскиот грип.

 

 

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе