Меѓународен ден на образованието

Ди Џовани: За добро образование неопходни се мотивирани и компетентни наставници

На Меѓународниот ден на образованието УНИЦЕФ ги повикува сите чинители да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани на докази, при што учениците да бидат во центарот на промените, порача денеска претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани.

Оваа година Меѓународниот ден на образованието се одбележува со глобална тема „Да се обнови и да заживее образованието за генерацијата на ковид-19“.

„Истражувањата во светски рамки покажуваат дека главниот двигател на добрите резултати во образованието е квалитетот и компетентноста на наставата. Затоа, пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници. Образовниот систем, на чело со наставниците, треба да им помогне на учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел“, рече Ди Џовани.

Според неа, во моментов земјата е во процес на реформа на образованието.

„Оттука, треба да има поголемо вложување во професионалниот развој на наставниците во и вон училиштето, со цел наставниците да добијат пристап до можности за учење и можности да напредуваат во кариерата. Потоа, треба да се зголеми времето што учениците го поминуваат во основно училиште; да се обезбедат услови за целосно вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, да се зајакнат критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети, давајќи им предност на оние со добри познавања и вештини за квалитетна настава, и да се стави фокус врз ефективна и ефикасна распределба на средствата, обезбедувајќи праведно финансирање и повисоки финансиски средства за училиштата воопшто“, препорача Ди Џовани.

Сега, како што вели, е време да се зајакне соработката и националната солидарност, а образованието да биде фокус на обновување и трансформација во насока на поквалитетна настава и учење за сите деца и млади за време на пандемијата на ковид-19 и потоа, во фазите на закрепнување.

„Време е да се инвестира во подобар образовен систем со цел образованието да стане средство за негување социјална правда, мир, почитување на различноста, човековите права и демократските вредности“, рече Ди Џовани.

Притоа потсети дека пандемијата на ковид-19 предизвика невидено нарушување на образованието во светот.

„Нееднаквиот пристап до можностите за далечинско учење, загубата на приходи во домаќинствата, дискриминацијата и слабите услуги на социјална заштита значат дека најранливите деца заостануваат далеку зад своите врсници и многу од нив се во ризик од целосно напуштање на образованието“, изјави Ди Џовани.

Треба да имаме на ум, посочи, дека дури и пред КОВИД-19, постоеше образовна криза, при што според последните резултати на ПИСА, над половина од петнаесетгодишните ученици во земјава не успеаја да покажат дека ги совладале основите на читање и математика.

„Во нашата скорешна анализа на образовниот систем во земјата, спроведена заедно со ОЕЦД, беа посочени главните причини за негативните трендови во образовните резултати, од кои следниве се меѓу најважните – Иницијалното образование за наставници не ги оспособува новите наставници со минимум наставнички компетенции; Наставниците не добиваат доволно можности за континуиран професионален развој и напредување во кариерата; До 14-та година од животот, учениците во основното образование добиваат речиси 900 часови помалку настава споредено со другите земји на ОЕЦД; Оценувањето не е засновано на утврдени национални наставни стандарди и не пренесува веродостојни и целесообразни информации за успехот на учениците; Само 28 проценти од децата со попреченост посетуваат основно образование; Нема доволно финансиски средства за поддршка на висококвалитетна настава и обезбедување подобри можности за учење на сите ученици“, заклучи Ди Џовани.

Токму поради ова, според неа, без амбициозни зафати во образованието, пандемијата на ковид-19 уште повеќе ќе ја продлабочи сегашната образовна криза, со катастрофални последици по генерации ученици, како и по економската продуктивност и социјалната кохезија во земјата.

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе