Превирања на Тетовски универзитет

Деканот Хаџиреџа супендиран зашто укажал на плагијат трудови!

Поради моите настојувања да им се стави крај на неправилностите и скандалите на Тетовскиот универзитет ректорот бараше да поднесам оставка од позицијата декан на Медицинскиот факултет, па откако го одбив ме суспендира, вели за МКД.мк проф. д-р Кастриот Хаџиреџа. Поранешниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиески вели дека станува збор за голем скандал, за обид 10 докторанти да се „протуркаат" со плагијат трудови. На Илиески му е познат случајот, но наведува дека тоа не е сѐ - плагијатство и други незаконски случувања има и не само на Тетовскиот универзитет.

„Точно е, има една недела како не сум повеќе декан на Медицинскиот факултет во Тетово. Суспендиран сум од страна на ректорот на Тетовскиот универзитет бидејќи не го прифатив неговото барање самиот да поднесам оставка, а за причини што тој ги наведуваше, кои немаат правна основа. Фактите ги наведов во жалбата што ја поднесов до Државниот просветен инспекторат. А што е причината? Моите настојувања да им се стави крај на неправилностите и скандали кои избувнаа во последно време, за кои во последните три години се залагав да бидат решени и надминати".

Ова за МКД.мк го нагласи хирургот, проф. д-р Кастриот Хаџиреџа кого за кусиот разговор го причекавме 15-тина минути, помеѓу две, како што вели, рутински хируршки интервененции на тетовскиот Клинички центар каде што работи. Хаџиреџа попатно нѐ посоветува да бидеме внимателни и да се чуваме од коронавирусот, затоа што е многу опасен, но да внимаваме и на разните други вируси кои циркулираат меѓу населението и во општеството.

Навраќајки се на темата на разговорот, Хаџиреџа вели дека му укажале менторите на докторските кандидати дека еден број од докторантите немаат квалитетни трудови, односно, дека се плагијат. За плагијатите на Тетовскиот универзитет, потсетува, пишува и во истражувачката сторија на публикацијата „Веритас“ каде се наведени примери на уште седум лица од наставниот кадар на овој Универзитет за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат. Со други зборови, користеле туѓ научен труд во голема мерка, претставувајќи го како свој.

Денес е лесно и аматер да утврди дали некој труд е плагијат, вели Хаџиреџа и додава дека на интернет преку пребарувачот на „гугл“ може бесплатно да се преземе програма во која потоа внесувате некој труд и тој веднаш ќе ви даде одговор на вашите дилеми и стравувања.

За жал, нагласува Хаџиреџа, плагијатството зема замав во Македонија и се потсетува колку труд бил потребен некогаш за лично унапредување, навраќајќи се во спомените кога тој докторирал на Загрепскиот универзитет.

„Ако имаме правна држава, тогаш Државниот просветен инспекторат ќе реагира на мојата жалба. Правото умира оној момент кога самиот не си го бараш", вели Хаџиреџа.

На случајот со суспендирањето на Хаџиреџа во разговор за МКД.мк укажува и неодамна пензионираниот државен просветен инспектор Ѓорги Илиески кој претходно минуваше вистинска голгота низ државните институции укажувајќи на незаконско научно унапредување на функционери во Владата од редот на ДУИ, бидејќи нивните работни места на Тетовскиот универзитет во тоа време беа во мирување.

„Ректорот вршеше незаконски притисок врз Хаџиреџа затоа што тој не сакал да дозволи незаконски унапредувања, воедно грижејќи се и за угледот на Универзитетот. Да се украде туѓ научен труд е кривично дело и мора да подлежи на санкции. А кога тоа ректорот го дозволува и инстира да се ‘протуркаат‘ кандидатите и тој прави незаконско дело. Ректорот треба да даде оставка, а Државниот просветен инспекторат нема друг избор освен да реагира во овој случај. Ако не реагира, тогаш значи дека правната држава ја нема, туку на сцена се партиските и други слични интереси“, вели Илиески и нагласува дека станува збор за голем скандал.

„Како утре на тие професори закитени со ‘туѓи пердуви‘ ќе гледаат студентите? Каков ќе биде нивниот авторитет? Мора Инспекторатот да реагира“, вели Илиески и додава дека нему му биле познати обидите за плагијат за кои пишува Веритас и нивните констатции ги потврдува како точни.

Во изјава за ТВ Клан в.д. деканот на Медицинскиот факултет проф. д-р Невзат Елези вели дека „пишувањето на порталите за овој случај е скандалозно, а публикацијата 'Веритас' своите наоди требало на вистинска адреса да ги упати“.

„За овој случај немав претходни сознанија, можеби не ги проследил мојот претходник, а на функцијата сум неколку дена“, вели Елези и упатува на наделжните органи, притоа нагласувајќи дека треба подлабока анализа за да се утврди дали нешто е плагијат или надоврзување на веќе познати научни содржини.

Според поранешниот државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиески, и овој случај е резултат на партизираното општество. Вели, еден е премиерот на државата, но паралелно со него имаме и еден друг „премиер“, лидер на партија на Албанците, па затоа и правната држава не функционира, а поделеното општество, според перцепцијата за корупцијата, но како држава, е на дното на светската неславна листа.

На Универзитетот во Струга има 800 ненострифицирани дипломи. Овие податоци тој ги доставил до МВР, но потоа никаква реакција не се случила иако за тоа и лично бил информиран министерот за внатрешни работи. А да биде поапсурден случајот, вели Илиески, по сознанијата на МВР случајот бил истражен и потоа со фактите Министерството било известено дека индициите биле вистински.

„На пример, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е вонреден професор со ненострифицирана диплома добиена во Нови Пазар, Санџак, Србија“, укажува Илиески.

Во последните години од својот работен ангажман како просветен инспектор Илиески дошол до многу „занимливи" факти. Вели дека плагијат - трудови нема само на Тетовскиот универзитет, туку и на други универзитети. Одговорноста, вели, е и на рецезентските комисии кои или не ги проверувале трудовите или замижувале поради некои интереси.

Има и примери на приватни универзитети кои работата ја започнале без акредитација, што е кривично дело, има и примери каде наместо настава на македонски и албански јазик, како што било предвидено, се одвива на англиски јазик, укажува Илиески и посочува и на одговорност на Одборот за акредитација и евалуација.

Инаку, што се однесува до пишувањето на „Веритас“ за скандалот во Тетовскиот универзитет, каде се посочува дека плагијат трудови има не само на Медицинскиот факултет, од редакцијата на публикацијата велат дека нивниот извештај е резултат на истражувачка работа направена во периодот јануари - јуни 2020 година. Други документи и материјали за остатокот од академскиот кадар се истражени и ќе бидат објавени во идните изданија на списанието, велат од „Веритас“.

П. Џамбазоски

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе