Речиси 10 месеци живееме во пандемија од оваа заразна болест што на сите помалку или повеќе ни ги промени животите и начинот на вршење на дневните активности и работни задачи. Бидејќи сме далеку од посакуваниот имунитет на стадо, единствениот спас се чини дека е вакцинацијата.
Министерот Филипче веќе нагласи дека оваа вакцинација ќе биде една од најголемите логистички операции што ќе треба да ја спроведе здравствениот систем, дека треба да се примат вакцините, соодветно да се чуваат, да се транспортираат, дистрибуираат до местото на вакцинација и дека тие веќе сериозно работат на тоа поле.
Препораката е први да бидат вакцинирани здравствените работници, вработените во војската и полицијата, сите јавни службеници, во јавниот транспорт, хроничните болни, сите критични групи...
И другите држави се подготовуваат за вакцинирање. Велика Британија е првата во светот што ја одобри вакцината на Фајзер и Бајонтек против ковид-19 и веќе од следната недела почнува со вакцинирање, а британскиот премиер Борис Џонсон дури најави дека би можел да се вакцинира пред ТВ-камери, за да покаже дека вакцината е безбедна и ефикасна.
Рускиот претседател Владимир Путин нареди од следната недела да почне масовно вакцинирање во земјата.
Според анкетите, над 50 проценти од 83 милиони Германци се подготвени да се вакцинираат против ковид-19. Вакцината во Германија нема да биде задолжителна.
Не е задолжително вакцинирањето ниту кај нас.
Дали би се вакцинирале против ковид-19?