За трагедијата во Тетово и за ковид – состојбата во Македонија

Д-р Љума: Модуларни болници се градат во воени услови, тетовската Клиника имаше простор за дополнително ковид – одделение

Не е виновна само македонската Влада туку и СЗО со препораките за изградба на „стиропорни" ковид – болници кои, всушност, треба да се подигаат во воени услови надвор од населени места, вели д-р Илир Љума, според кого тетовската Клиничка болница секако дека имала услови во цврстата градба да адаптира дополнителен ковид-центар. Тетовската трагедија ја зголеми недовербата во здравствениот систем, вели тој и додава дека одговорност, секако има и поради присуството на лица однадвор во инфективното одделение. Љума не се согласува со дел oд протоколите за одвивањето на наставата во училиштата и особено во делот децата, кои се со недооформен телесен развој, со часови да носат маски на лицата. Во разговорот и размислувањата за (не)целосната заштита со вакцините.

Такви монтажни „стиропорни" болници, каква што беше тетовската, но и какви што се и другите модуларни во земјава, се градат во „не дај боже" услови, како во војна на пример, и тоа се градат по правило надвор од населени места, вели за МКД.мк познатиот лекар и поранешен заменик министер за здравство, тетовецот д-р Илир Љума. Тој објаснува дека тетовскиот Клинички центар не е точно дека немал простор за да се создаде дополнително ковид-одделение и тоа уште со поголем капацитет за лекување на болни од тој што го имаше сега изгорената модуларна болница во која смрт од огнот најдоа 12 пациенти и две лица, блиски на пациентите.

„Простор во цврстата градба на Клиничкиот тетовски центар бездруго има, можело да се создаде дополнителен ковид – центар на пример, при ушното, очното, хируршкото, интерното или пак при друго одделение. Па видовме колку пациенти биле стационирани вкупно за време на пожарот. Оттаму, дали треба да разговараме за, еве, дали било можно за четириесетина кревети да се најде просторија внатре во Клиничкиот центар и таа соодветно да се адаптира? Мислам дека нема дускусија дека било можно. Така требало да се постапи во ова време на пандемија и треба да се верува дека во таква цврста болничка градба изненадувачки и брзи хаварии од типот на пожарот од 8 септември не би биле можни. Да не зборуваме дека во еден клинички центар организацијата на работата, протоколите и можностите за евакуација се на многу повисоко ниво", вели Љума.

Тој сепак нагласува дека вината не треба да се бара само во македонската Влада. Одговорност, нагласува, за тетовската трагедија треба да понесе и Светската здравствена организација (СЗО).

„На многу театрален начин СЗО инстистираше на градба на вакви импровизирани мали болници низ светот. Одгласот од Тетово треба да допре и до оваа светска организација и таа да се наврати со анализа на своите досегашни постапки, одлуки и сугестии, зашто таквите рецепти не се за универзална намена. СЗО од почетокот на пандемијата имаше многу контроверзни одлуки, совети, укажувања. Да не ве потсетувам дека најпрво велеа дека не се потребни маските, па потоа дека се потребни па и неопходни, имаше лавирање од шамии, преку шалови, маски вакви или онакви, па по однос на вакцинините...".

Но трагедијата од Тетово, нагласува д-р Љума, освен што ги трауматизира семејствата, пријателите, познаниците на починатите и преживеаните од таа триминутна голема катастрофа, истрауматизира и илјадници луѓе не само во Тетово, туку и во целата држава. Вели, создаде поголема доза на недоверба кај граѓаните во здравствениот систем, во институциите на државата воопшто.

„Како сега ќе му кажете на болен или на негов близок, дека е безбедно и дека се дава одлична нега во болниците? Како ќе му влеете доверба на пациентот кого го носите да лежи во модуларна болница", вели Љума.

Тој го поставува и прашањето што сега ќе покаже надзорот што се спроведува во останатите модуларни болници и кому тоа воопшто ќе му послужи.

Според д-р Љума, добро е што има експерти и што ќе се испитуваат причините за пожарот, но нагласува дека е најважно да се најде директната причина, конкретниот доказ што е тоа што го предизвика огнот. Документацијата од министерствата, или таа, одземената од компанијата „Брако" како изведувач на овие монтажни болници, се нешто што подолго ќе се истражува и тоа ќе се престори во талкање кон некаква голема слика која е некаде, далеку, вели Љума.

„Но, што е тоа што првично го предизвика огнот, дали е тоа некаква искра или нешто друго, во еден затворен простор каде имало не само на кислород за пациентите, кој е како „брза храна" за огнот, туку веројатно во таа монтажна болница имало и лесно запалливи дезинфекциски средства. Има и луѓе кои се спасиле, секако и тие ќе ги кажат свои сознанија", вели Љума.

На информациите дека во болницата влегувале па и престојувале лица од надвор, Љума реагира дека и по дефиниција на медицинските протоколи како и според здравиот разум, особено кога станува збор за инфективни одделенија, освен медицински лица и пациенти, не може и не смее да има други лица.

„Тука лежи посебна одговорност. Независно дали станува збор за помош во негата, помош во поглед на секојдневните потреби, како што се носење храна и што и да е друго слично. Едноставно, тоа мора да е забрането. Истото важи и за ред други одделенија како за срцеви болни, одделенија за интензивна нега. Блиските на пациентите имаат право да бидат информирани за здравствената состојба на своите блиски, но не може да влегуваат, да седат, да се шетаат меѓу пациентите или да им помагаат на вработените. Дисциплината е во прашање. Но, треба да објаснам и нешто друго поврзано со нашиот менталитет. Блиските на пациентите знаат да бидат незгодни луѓе, упорно да вршат притисок па и да се закануваат. Знаат и да нападнат и удрат лекар, барајќи да влезат и да ги видат своите најблиски. И се успева често во таквите намери. Ви го кажувам ова како лекар со долгогодишно искуство. За жал, тоа е нашата реалност, но поуките мора да ги извлечеме за да не се повторуваат трагични настани и соодветните мерки конечно да бидат воспоставени", нагласува д-р Љума.

Тој се навраќа и на општата тема – пандемијата со ковид и во тој контекст на почетокот на учебната година со што државата се соочи со нови предизвици, но и во контекстот на забелешките што до МОН ги испрати Народниот правобранител.

„Протоколот кој пропишува ученици под 18 години да носат маска на лицето и да не ја симнуваат на пример, пет, шест или седум часа ако толку им трае наставниот ден, е нешто што не се базира на никаков научен доказ за добро на децата. Народниот правобранител секако, реагира поради бројните претставки и поплаки што ги добил од загрижени родители, секако е и повикан како институција да води грижа за правата децата, родителите, воопшто на граѓаните, но и за транспарентноста во случајот на МОН, а пак министерката за образование лесно се оградува пред забелешките на омбудсманот повикувајќи се на протоколите од Комисијата за заразни болести. Но медицинската наука ќе ви каже дека Комисијата за заштита од заразни болести греши во поглед на маските за децата. Некои деца имаат откриени или неоткриени здравстени проблеми. Некои имаат и шум на срцето. Снабдувањето на организмот со кислород е многу битен фактор. Да не бидам погрешно разбран, јас сум поборник за настава со физичко присуство, тоа го потврдува и науката, како заради самото образование, така и за психолошко – социолошкиот развој на децата. Истите деца кои носат маска на лицето во училиште, потоа по наставата, играат и другаруваат без маски. Дали некое дете заболело од ковид-19, не е мерило ПЦР - тестот, туку треба да се види дали тоа дете има симптоми, дали му тече носот, дали кашла, дали има насолзени очи... Па медицината вели дека треба да се гледа клиничката слика, не само хартијата. И да има негативен тест на ковид, тоа дете со такви симптоми не смее да е на училиште. Без оглед какви се препораките на СЗО", вели Љума.

Тој смета дека можело да се сочека до октомври за почетокот на учебната година за да се види каков е текот на четвртиот ковид бран во Македонија и согласно на тоа да се направат протоколи за наставата, зашто од децата не смее да се прави обична статистика.

Го прашавме д-р Илир Љума зошто според последните податоци кај нас, но и во светот, веќе не е занемарлив процентот на болни од ковид-19 кои се целосно имунизирани со вакцина против ковид-19.

„Ќе направам кус вовед. Своевремено, на една стручна конференција посветена на грипот, на воведничарката, лекар професор, ѝ направив забелешка дека вакцината против грипот заштитува од зараза до 60 проценти. Да, се согласувам дека кај добар дел од оние што сепак ќе се разболат од грип, вакцината може да придонесе за полесно да се помине оваа, исто така, сериозна вирусна болест. Но, и додадов дека стекнатиот природен имунитет е секако посилен и илустрирав дека на пример витаминот Д3 нуди заштита до 70 проценти. Воведничарката ми одговори дека тие податоци сум ги прочитал некаде низ интернетот. Не, реков, станува збор за сериозна научна студија на релевантен, голем научен центар, како и на моето долгогодишно искуство со пациенти. Кога не така одамна дојдоа најавите од гигантите што ги произведоа фајзеровите или астразенека вакцините дека заштитуваат против ковид-19 со над 90 проценти, па и податоците на другите производители, не така долг период подоцна почнаа да пристигнуваа вестите, како на пример, од Израел, дека регистрираат не така мал процент заразени лица меѓу вакцинираните. Погледнете еден факт. СЗО вакцините ги одобри со една формулација 'поради итност'. И другиот факт - секој што се вакцинира потпишува дека дава лична согласност. Па тоа го немало порано во медицинската пракса и наука. Сега веќе има и вакцинирање со трета доза. Ниту пак некогаш се случило вакцини да се даваат во молови, кафеани, разни спортски центри. Имало секогаш протоколи како се чуваат и како и каде се аплицираат вакцини. 'Итноста' нѐ навјаса. Светот се наоаѓа во едно големо чудо. И, чуда нѝ се случуваат", вели Љума.

Љума потсетува дека коронавирусите не се новина, тие постоеле и предизвикуваат бројни видови на настанки. Сарс-ков2 е нов вид на коронавирус, но без оглед на тоа, многу е важно да се слуша мислењето на добрите и искусни лекари, болните од ковид-19 да се третираат и лекуваат според клиничката слика на секој пациент, а мерките против ширењето на коронавирусот да се преземаат согласно на епидемиолошка состојба.

На крајот од разговорот за МКД.мк, д-р Илир Љума потсетува дека за жал во земјава нема стручна јавна дебата за оваа болест и за тоа како се третира кај нас. Препорачува дека е многу важна едукацијата и информираноста на населението, луѓето да станат свесни за ризиците и совесно да ги преземаат превентивните мерки за своја заштита и за безбедност на своите најблиски, на соседството и генерално на целата заедница.

Панта Џамбазоски

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе