Експертскa ковид анализа

Д-р Љума: Крвна плазма се дава од прележани од ковид, а не од вакцинирани, небулоза е дека вакцината дава посилен имунитет

Свадби и масовни „собиранки“ во моменти на сомнеж дека вирусот повторно се шири и во време на масовно присуство на иселениците и туристичко мешање на луѓето, преполни кафулиња, несоодветни протоколи за лекување без класичен докторски пристап соодветен на клиничката слика, без максимална државна помош на матичните лекари кои се првата брана на болеста, Македонија се доведе да биде во црвената зона според ширењето на коронавирусот и смртноста од ковид-19, вели познатиот лекар од Тетово и поранешен заменик министер за здравство Илир Љума. Тој ја спори и политиката на вакцинација и односот на здравствените власти кон лицата што ја прележале болеста.

Многу грешки се направија во Македонија со дел од мерките и начинот на лекување на болните од ковид-19, главно базирани на препораки и протоколи од Светската здравствена организација, кои здраво за готово се прифаќаа иако Организацијата во текот на пандемијата немаше конзистентни ставови. За жал, ниту во светски рамки нема стандарден протокол за лекување на оваа болест. А, наша небулоза е на вакцинација да се повикуваат луѓе што ја прележале болеста пред само 45 дена. Треба да се овозможи слободно движење за сите лица што до пред 12 месеци ја прележале болеста“, вели Љума.

Љума реагира на изјавата на министерот за здравство Венко Филипче кога вели дека вакцинираните создаваат посилен и потраен имунитет од прележаните од болеста.

„Тоа е небулоза, таквиот став не е базиран на научни докази. Имунологијата вели дека имунитет се создава преку прележување на вирусна инфекција и дека имунитетот трае или до една година, или може да трае и доживотно, зависно од видот на вирусот. Ќе дадам само еден практичен пример: крвната плазма нели, се применува во лекување на болните. Плазмата се зема само од прележани лица од ковид-19. Дали се зема крвна плазма од вакцинирани лица? Не. Ете цврст доказ за Комисијата за заразни болести дека грешат. А, прележаните лица треба да се вакцинираат против коронавирусот дури откако ќе им падне имунитетот, а не и тогаш кога тестот покажува дека имаат висок имунитетот на овој вирус", нагласува Љума.

Тој вели дека медицината се базира на научни докази и дека само така треба да се третира оваа болест и нагласува дека ставот на Комисијата за заразни болести е погрешен. Љума предупредува:

„На ниво на лекарска грешка е ако некого го повикувате да се вакцинира доколку тој има потврдено висок имунитет. Меѓу другото, и ваквиот став на Комисијата наспроти научните препораки, е еден од примерите зошто многу луѓе бегаат од вакцините. Со погрешни политики се подгрева антиваксерското движење. Секако, не ја обвинувам целосно Комисијата, таа се раководи од ставови и препораки на СЗО, на секој состанок се дискутира за тоа. Но и СЗО создава конфузија и ги подгрева антиваксерите. Еднаш вели дека едни вакцини не се безбедни за определена категорија на лица, другпат дека биле безбедни. Како на пример, тврдењата за вакцината Астразенека. Па видовме дека некои земји повторно ја применуваат таа вакцина за сите возрасти. Многу импровизирања...Во науката нема или – или".

Тој целосно се согласува со професорот Никола Пановски дека беше голема грешка што годинава беа дозволени големи свадби, веселби и организирање на друг вид на масовни собирања. Вели дека Пановски постојано дава издржани и стручни препораки, базирани на науката и на неговото искуство. За жал, нагласува, власта не ја слуша доволно науката, но се раководи и од политичко – економски поттикнувања, како на пример кога отстапи пред реакциите на големите угостители поради нивниот намален профит и тврдењата за недоволна помош од државата. Летово требаше и при малиот сомнеж дека токму на тие „собиранки" се шири вирусот, веднаш државата да преземе мерки.

„Каква е таа мерка во кафеана да можат да влезат само вакцинираните и тоа само со една доза! Па потоа да ја споменеме и извесната промена во протоколите, според кои сега можело гости да да се примаат и во затворен простор, ама со ограничен број на луѓе. Собир е собир, дали е кафеана, свадба, спортски натгпревар. Тоа се слаби точки на мерките. Дали сте ги виделе кафулињата и кафеаните, разните клубови навечер во Скопје, во Тетово и во други места. Па преполни се! Врвулици од луѓе", вели Љума.

Причините за брзото ширење на болеста во последниве недели во Тетово и во Гостивар, во целиот полошким регион, Љума ги наоѓа и во големата раздвиженост на населението и присуството на иселениците, кои традиционално доаѓаат во овие летни месеци. Нагласува дека причината е и секако во неносењето на маски, неодржувањето на растојание меѓу луѓето и во блиските контакти, во недисциплината. Тоа важи и за други места, вели, како во кумановско, кичевско, струшко, дебарско... Четиридецениско искуство на Љума потврдува дека години наназад токму во перидот јули – септември во овие региони се зголемува бројот на разни вирусни и ентеровирусни инфекции.

„Моите книги од прегледите и лекувањата го потврдуваат тоа. Работев долго како матичен лекар. Доаѓаат луѓе од посеверните краишта на планетава, носат со себе вируси кои тука не се застапени во тој сој, а овде се судираат со вируси кои нивниот организам не ги препознава. И бројот на болни луѓе расте, од респираторни до стомачни инфекции. Тоа е случај и сега со порастот на болни од ковид-19", вели Љума.

За големата смртност, како во полошкиот регион, така и во земјава, вели е факт дека е резултат на коронавирусот, иако нагласува дека е потребна посериозна анализа да се види дали и за колку е зголемена во однос на „нормални времиња".

„Тетово и полошкиот крај ги надминуваат 'нормалните' бројки на смртност. Околу 95 отсто од починатите имале претходни заболувања, но можеби до 5 отсто од починатите биле целосно здрави пред заразувањето. Пример е 21-годишното момче кое почина пред неколку дена, за кое кажаа дека претходно било сосема здраво. Имаше лекарска изјава дека тоа момче било резистентно на терапијата. Не е можно. Ако интравенозно се дава терапијата тоа не може да биде причина. Ако на човек му дадеш интравенозно апоурин не може, а да не заспие, можеби само теоретски, едно лице во стотици илјади случаи. Лекување на вакви инфекции, особено кај млади и претходно здрави лица дава резултати, ако е согласно на соодветни протоколи и медицински параметри", вели Љума.

Тој потенцира дека се импровизира во лекувањето. Едни лекари само го спроведуваат дадениот протокол, други пак можеби не се доволно едуцирани, зашто во медицината, постојано треба да се следат научните студии и да се учи. Но и уште нешто:

„И во светот, некаде се дава комбинација од два-три антибиотици, некаде комбинација на антибиотици со друг вид на лекови, некаде само антивирусни. Интубацијата исто така се спроведува не секогаш соодветно. Тоа светот и нас не чинеше многу животи. Треба да се има предвид возраста на човекот, имунитетот, претходните болести, секој што има хроничен опструктивен бронхит е прв на удар на вирусни инфекции, вклучително и на ковид-19. Јас како лекар сум склон кон клинички приод на дијагностицирање, а не кон прифаќање на шеми. Ако клиничката слика покажува дека лицето е болно така и треба да се третира и лекува, зашто само тестот не е дијагноза. Дијагнозата е ковид-19, а причинителот е конкретниов вид на коронавирусот. Ако лицето нема клиничка слика, 100 позитивни тестови не се дијагноза, и обратно", наглсува Љума.

Тој ја критикува државата затоа што не ја зеде предвид моќта на матичните лекари. Вели, голема е грешката што матичните лекари, кои се првата брана против секоја болест, беа ставени во индифернтна положба.

„Лекување преку телефон е тешка задача, поставување на дијагнози е понекогаш невозможна мисија. Како ќе даде тој лекар дијагноза преку телефон дали се работи, на пример, за опструктивна пневмонија, кога тоа понекогаш е тешко да се дијагностицира и со стетоскопија. Настрана и психолошката состојба на пациентот кој може да дава и погрешни информации", вели Љума.

Тој нагласува дека државата требаше во првиот момент на влезот на коронавирусот да вложи пари во матичните лекари, да ги опреми целосно, да го зајакне капацитетот и тие да можат да примаат на преглед и ковид-пациенти.

„Но што се случи? Државата ги остави матичните лекари да импровизираат иако тие имаат искуство со лекување на вирусни заболувања, сезонски особено се во голем допир со болни. Грешка беше што на ова ниво беше поставено примарното здравство. Ако беа опремени нивните амбуланти за ваква пандемија, тие ќе го сопираа брзото ширење на ковид-19, а и во овој нов четврти бран на болеста, ефикасно ќе делуваа. Државата мораше да вложи пари. Битно беше да се утврдат главните точки за борба со болеста", вели д-р Илир Љума.

Тој смета дека во земјава отсуствува стручна јавна дебата за ковид-19 меѓу лекарите и дека генерално, има само монолози, без вистинско соочување на аргументите. 

Панта Џамбазоски

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе