Заложбите на МОН наспроти реалноста

Царовска вели фокусирани се на квалитетни учебници, Меѓаши ја потсетува дека децата уште добиваат компјутери за онлајн настава преку донации

Дигиталните учебници ќе се воведуваат сукцесивно, наредната учебна година само во четврто одделение, сите останати одделенија продолжуваат како досега. Законот за учебници нуди комбиниран модел на употреба, и на печатени и на дигитални учебници. Првпат ќе се види што значат тие за олеснување на работата и на наставниците, и на учениците, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

„Моделот што го нудиме е комбиниран, секој ќе може да избере на кој начин ќе учи. Ќе се види бенефитот на дигиталниот учебник, тоа не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре и само напишан и ставен во ПДФ. Концептот на учење е таму да има примери, насочувања кон истражувања. Секој родител кој смета дека нема да може неговото дете да учи електронски ќе може да си го испечати учебникот и нема да има проблем училиштето – таму каде што има недостиг на финансии во семејството, а таму ќе треба да се обезбедат и електронски уреди од страна на училиштето“, рече Царовска.

Според неа, најважно е што првпат се зборува за квалитет зашто учебниците ќе немаат пропусти и несоодветни содржини на неквалитетни учебници кои, како што рече, „ги уништуваа нашите деца и со кои поминаа генерации".

„Ако до вчера дискутиравме на тема за учебници за криминал, корупција и ексклузивни договори, среќна сум што денеска дискутираме и се фокусираме на квалитетот на учебниците. Со овој закон за учебници првпат поставуваме филтри кои треба да обезбедат квалитет, преку комисии составени од наставници од соодветниот предмет, претставници од високото образование и претставници кои имаат повеќе од десет години работно искуство за превенција од дискриминација и почитување на човекови права, за да станат минато оние учебници во кои имаше дискриминација врз основа на етничка припадност, врз жените, уништување на граѓанскиот концепт во државата и претставување на власта како доминантна моќ...“, изјави Царовска по посетата на ОУ „25 Мај" во Гази Баба.

Комбиниран модел на користење учебници, рече, се применува во Естонија, Словенија и Хрватска и тие земји се меѓу најдобрите на меѓународното тестирање ПИСА.

Во однос на здравствениот аспект и поминувањето дополнително време на децата пред компјутер, Царовска одговори дека тие и сега поминуваат непродуктивно време на социјалните мрежи и видеоигри на ИТ-уредите, без едукативни содржини и можности за истражување. Сега нивното внимание се насочува на продуктивно користење на уредите, нема да имаат само еден учебник, туку различни извори на учење, а дигиталните алатки ќе влијаат стимулирачки и со нив ќе ги стекнат потребните вештини што ќе им користат да се справуваат со предизвиците на дигиталниот свет по 20 години.

Свесна е, рече, за социјалната слика во земјава и дека повеќе од 1,300 ученици дома немаат електрична енергија и затоа и во Законот за учебници се пресретнати сите потреби кои може да се појават и согласно можностите на нивните семејства тие ќе бидат сервисирани.

Во врска со прашањето за воведување електронски учебници, Детската амбасада Меѓаши смета дека генерално преовладува чувството дека Министерството за образование и наука пребрзо оди кон одредени промени, без да остави време да се дискутираат можните проблеми, без да посвети внимание на грижите кои ги имаат родителите, старателите или други засегнати страни и без да се тестира во помал обем за да се видат позитивните и негативните страни.

„Се согласуваме и го поддржуваме пристапот за ревидирање на учебниците секоја година пред почетокот на учебната година, за да нема застарени податоци и содржини , нелогичности и дискриминација, како и за додавање теми кои недостасувале досега, а се поврзани со родовата еднаквост, мултикултурализмот, почитувањето на различностите и слично. Исто така особено е важно навистина сериозно да се постапи во однос на поставувањето на повеќе филтри во текот на целиот процес на изработка на учебниците за да не се повторуваат или провлекуваат грешките и недостатоците од минатото. Во овој процес клучни се повратните информации од наставниците и наставничките, родителите и старателите, но исто така и од учениците/чкит кои често самите знаат најдобро што сé е проблематично во учебниците кои ги користат", велат од Меѓаши.

Од таму изразуваат надеж дека навистина е дојден крај на склучувањето ексклузивни договори со одредени издавачи куќи или автори и се надеваат дека оваа појава нема само да се трансформира во склучување на ексклузивни договори за дигитализација.

„Прашање е како ќе дојдеме до учење со разбирање наместо фактографско учење? Самото намалување на наставните содржиниа не е доволно, особено затоа што се работи за систем на образование каде со години се што е барано од учениците е токму фактографско учење. Дали навистина ќе се елиминираат трошоците за печатење или тие ќе паднат на товар на родителите?
Воедно, загрижува опасноста од дополнително класно раслојување и нееднаквост што ќе произлезат од разликите во економските можности на родителите, зачнато со неможноста дел од нив да обезбедат компјутери или таблети за следење настава на своите деца. Најавата дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред, за жал се покажа неточна. Државата не успеа да обезбеди доволен број уреди па децата истите ги добиваа преку индивидуални донации но и преку заеднички акции (Детската амбасада Меѓаши заедно со МАСИТ, Центарот за управување со знаења и Асоцијацијата на советници за развој на кариера обезбедиja 55 компјутери досега). Важно прашање за кое нема доволно информации е и возраста на децата, односно како е определено на која возраст децата можат да бидат интензивно пред екран и како ќе влијание тоа на развојнитеспособности на децата?", додаваат од Меѓаши.

Во врска со најавената заштеда на средства по основ печатење на учебници, која би се реалоцирала за поддршка на општините за набавка на електронски уреди токму за овие ученици, односно за учениците од социјално загрозени семејства, се сомневаат дека оваа заштеда ќе стигне до овие семејства, како и во можноста ослободените средства да се инвестираат во развој на образованието со оглед на тоа дека во Македонија образованието со години е на последно место на листата на интереси.

Нашата загриженост е брзината на трансферот од класичниот начин на образвоание во онлјан-дигиталниот начин на образование вклучително е-учебници. Прашањата кои не мачат се многубројни:

- Aко инднината на образованието е онлајн со дигитални учебници, зошто се чекаше ковид-19 и не започна порано?
- Дали првичниот трансфер од одење во училиште, а сега веќе следење настава онлајн е целосно функционален и нема недостатоци?
- Дали сите наставници ги спроведуваат своите онлајн часови?
- Дали децата се веќе адаптирани на онлајн наставата?
- Дали наставниците знаат да ја користат Тимс алатката во целост?
- Дали се спроведе обука за наставниците и децата или родителите за успешно работење на компјутер/таблет и на тимс платформата?
- Дали се спроведе истражување после 1 година од функционирање на онлајн наставата за нејзината успешност и проверка на знаењата на учениците и компарација со традиционалниот начин на образование?

„Немаме одговор на многу прашања, а доколку има повеќето ќе бидат негативни. Сите тие прашања се предуслов за да може да се размислува и планира премин кон целосно онлајн-дигитално образование со е-учебници. Можеби економски е поисплатливо едноставно да се префлат децата онлајн, дигитално да биде се. Mногу веројатно е дека тоа ќе биде и иднината, но дали начинот и брзината на префлање е во најдобар интерес на децата? За да можеме полесно да ги разбереме децата, да ги прашаме сите возрасни кои беа и се во работен однос во изменети услови односно претходно работеле на работни места со физичко присуство а сега работат од дома: колку време им беше потребно да се адаптираат на новите услови на работа, колку се ефикасни во извршувањето на работните задачи? Колку време успеваат да работат без да станат од компјутер? Дали имаат проблем со здравјето после една година од работа од дома? Па да продолжиме со прашања за родителите кои работат од дома и чуваат деца во исто време, најпрво како успеваат да го прават тоа? Дали имаат просторни, технички и економски услови за работа онлајн и во исто време деца на онлајн настава? Дали успеваат да го зачуваат менталното здравје?

Сметаме дека најпрво треба да се подобри квалитетот на спроведувањето на онлајн наставата, да се стават во функција стручните служби на училиштата, да се направи мониторинг на работењето на секој од наставниците, да се даде поддршка на децата кои имаат потешкотии со користење на уредите и следење на наставата. Да се започне со обучување на наставниот кадар за користење на можностите кои ги нуди технологијата, да се обучат за успешно спроведување на онлајн часовите, зголемување на интерактивноста и употреба на технологијата, апликации, видеа, интерактивни игри со цел поуспешно вклучување и стекнување со знаења од страна на децата. Откако ќе го обезбедиме претходно споменатото многу полесно ќе се направи трансферот на е-учебници и ќе се намали и времето потребно за нивна употреба од децата кои веќе ќе имаат успешен процес на пренесување на знаење преку онлајн часовите. Претходно пред воведување на онлајн наставата зборевме за времето кое децата го поминуваат на компјутер, таблет или телефон и дали тоа е штетно за нив а сега кога збориме за е-учебници и уште повеќе време поминато пред уред – како да се заборава ова прашање“, сметаат од Меѓаши. 

Дигитализацијата на образованието може да биде корисен процес доколку соодветно се испланира и успешно се реализира но претходно е потребно темелно истражување кое ќе ни даде одговори на многуте прашања.

„Префрлувањето на наставата од физичко присуство на онлјан може да кажеме дека беше неопходнo поради заштитата на јавното здравје, но префrлувањето на е-учебници не е од таква природа и бараме процес во кој најпрво ќе се спроведат истражувања за онлајн наставата, целокупното здравје на децата во услови на онлајн настава како и утврдување на времето кое може децата да го поминуваат пред екран во зависност од нивната возраст! Потоа да се пристапи кон планирање на процесот во кој барем една година ќе имаме и е-книги и печатени книги бидејќи имаме многу примери за неуспешна реализација на претходно добро планирани активности. За крај не смееме да заборавиме на важноста на социјализацијата, која со онлајн наставата и состојбата со Ковид-19 значително е занемарена за сметка на зачувување на физичкото здравје.

Никој не ги споменува училишните психолози и педагози кои требаше да имаат до сега една година полна предизвици и работа за заштита на менталното здравје на децата и поддршка за успешно прилагодување на новиот начин на образование на децата и во целост новиот начин на живеење. За жал овие служби како да не постојат повеќе во училиштата (со чесни исклучоци), а децата како да се оставени сами во процесот на образование, се повеќе воспитно-образовниот процес ја губи воспитната компонента и се сведува само на стекнување со знаења“, додаваат од детската амбасада. 

 

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе