Царовска рече дека очекува реформираниот начин на образование да стартува идната учебна година во основното образование.
„На реформите веќе работи група во која освен БРО и МОН се вклучени експерти, професори, наставници, претставници од граѓански организации и тие го осмислуваат новиот концепт. Реформираниот начин на образование очекувам да го стартуваме од идната учебна година во основното образование. Овој концепт ќе биде прилагоден на современите светски трендови. Забрзано работиме на дигитализацијата. Короната само ги забрза овие процеси кои се неминовни и од кои не можеме да избегаме, туку напротив ќе продолжиме да ги користиме и во времето после пандемијата како поддршка во наставата“, изјави Царовска.
Освен на осовременување, како што кажа, се работи и на една друга димензија, а тоа е искоренување на стереотипите во наставните материјали нешто што со години се провлекува во учебниците.
„Толеранција и концептот за едно општество се учи од најмала возраст, токму затоа концепцијата за ова и за новата наставна програма за основно образование ќе ги адресира и овие прашања, многу јасно и недвосмислено, заради тоа што почитувањето, треба да го научат учениците и во училиште. На овој начин создаваме идни генерации коишто ќе се почитуваат и ќе ги надминуваат разликите “, рече Царовска.
Како долгогодишна активистака за јакнење на родовата еднаквост, Царовска најави дека силно ќе се залага на раководни позиции во образованието да има што повеќе жени.
„Сѐ уште силно и посветено треба да работаме на родовата еднаквост и застапеноста на жените на сите одлучувачки места, но и на промена на наставните содржини и создавање на нови во кои ќе се промовира родовата еднаквост “, истакна Царовска.
Со оглед дека младите се многу важен партнер на министерството во креирањето на сите политики поврзани со нив, формирана е работната група МЛАДИ- МОН, чија цел е да ги вклучат младите во сите активности поврзани со креирањето на младинските политики. На панел дискусијата учествуваа амбасадорот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани и претседателот на Унијата на средношколци.