Наши состојби

Буквар на албански јазик по мерка на министерот и по директива од Албанија

Унифицираниот буквар на албански јазик за прво одделение за училиштата во Албанија, Косово и Македонија отвора повеќе дилеми кои може да допрат и до прашањето за суверенитетот на нашата држава. Но изворот на проблематичните прашања може да се побара во тоа дека во Македонија Министерството за образование се претвори во неформален главен и единствен издавач на учебници и наставни материјали. Такво нешто не постои во демократски земји, велат упатените и предупредуваат дека министерот има одврзани раце, преку давање на иницијативи, да добие и формално одобрување за учебник каков што наумил. Како што е тоа случај со овој буквар.

Идејата да се создаде и издаде унифицирано издание на буквар на албански јазик паднала во Призрен во ноември 2012 година, кога на одбележувањето на 100 годишнината од формирањето на Албанија како држава се собраа политичари и дејци од разни области од сите земји од регионот каде тие живеат. Изградба на чист литературен албански јазик во сите краеви, беше нивната идеја, а не бележење на граници на голема Албанија. Барем така беше кажано тогаш, со нагласување на фактот дека во делови од Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, дијалктите се така силно раширени и меѓу високо образованите луѓе, што се расипува јазикот, а тоа е отидено до таму што понекогаш доаѓа до проблеми во комуникацијата, па на помош за одредени работи луѓето се доразбираат на македонски или српски јазик или пак, на друг јазик. Се разбира, букварот не ги решава тие проблеми, зашто се учат само буквите со мали досетливи реченици кои лесно се думаат и шарено илустрирани страници. Литературниот јазик се гради низ образование и читање книги. Сепак, сѐ почнува од „најмали нозе" преку буквар.

Минаа турбулентни години во регионот, политичарите си ја бркаа работата за освојување на власта, а идејата остана во фиока. Кон крајот на минатата година, фиоката ја отворил албанскиот премиер Еди Рама. И веднаш решил да разговара со косовските власти и да се напише унифициран буквар. Согласноста ја добил веднаш. На крајот на летово дојде до промоцијата на буквар за првоодделенците од Албанија и Косово. Во таа пригода, Рама најави дека ќе разговара и со Скопје, Белград и Подгорица овој обединет буквар да дојде во рацете на децата во сите албански семејства. Рече дека ќе се погрижи букварот да замине и во дијаспората. „Јазикот е нашиот идентитет, за неговото негување ние како власти сме одговорни", ќе рече Рама.

Oбраќање на Јетон Шаќири на промоцијата во Тирана

Македонскиот министер за образование Јетон Шаќири веднаш пројави интерес за иницијативата. Најпрво, и самиот присуствуваше на свечената церемонија во Тирана кога беше промовиран букварот, одржа и говор пред присутните заблагодарувајќи се што од така респектирани автори, како што нагласи, е создаден буквар за сите Албанчиња, а потоа, кога Еди Рама започна на деца да им подарува буквари, весело се придружи и Шаќири и подаде неколку примероци од букварот на среќни деца.

Јетон Шаќири се нафати да подарува буквари

За да го „увезе" букварот, Шаќири имаше алатки во Бирото за развој на образованието. Букварот беше доставен за одобрување и неодамна го доби зеленото светло. Букварот „Абетаре" од авторите ќе се диструбира во училиштата во Македонија. А дали веќе е дистрибуиран и во колку училишта, таков одговор МКД.мк сѐ уште чека од Министерството за образование.

Минатиот месец министерот Шаќири соопшти дека со посебно задоволство ја споделува информацијата за давање согласност за употреба на Буквар за ученици од прво одделение на албански наставен јазик во учебната 2022-2023 година. На веќе спомната церемонија во Тирана, албанскиот премиер Рама рече дека букварот е дело на заеднички напори на Албанија и Косово. Албанскиот премиер кажа и дека е среќен што од тој буквар ќе се учи и во Македонија.

„Многу е добра веста дека и нашите пријатели во Северна Македонија ја прифатија оваа идеја и денеска донесоа одлука да го воведат унифицираниот буквар на часовите каде што учат децата на албанскиот народ во Северна Македонија", рече Рама, кому му преостанува да ги убеди и властите во Србија и Црна Гора каде исто така има училишта на албански јазик.

Во македонскиот случај, станува збор за „согласност за користење на материјалот составен од авторите Мимоза Ѓокутај, Саранда Кумнова, Насер Забели и Тереза Бабасули, кој е изработен за првачињата запишани во училиштата каде што наставниот јазик е албански". Инаку, овој буквар во Албанија доаѓа по 10 години од издавањето на претходниот.
Биле консултирани, но и учествувале во изработката и социолози, психолози, ликовни уметници и дизајнери. Ангажирани биле по шест стручни лица од Албанија и Косово.

„Како одговорна институција која навремено одговара на потребите за непречена и квалитетна реализација на воспитно – образовниот процес, Министерството за образование и наука и во иднина ќе ја поддржи секоја иницијатива за употреба на дидактички материјали кои се од интерес на учениците и помагаат во остварување на целите дефинирани со наставните планови и програми", рече тогаш министерот седнат заедно со неговиот сопартиец и вицепремиер Артан Груби.

Jeтон Шаќири и Артан Груби дискутираат за квалитетот на букварот

На прашање на МКД.мк зошто се прифати буквар создаден во друга држава, а не е одобрен буквар од автори од Македонија од министерството не дадоа дециден одговор, но велат дека букварот нема да го замени учебникот по албански јазик за прво одделение. А таков учебник уште нема за првооделенчињата, односно не е ниту одобрен.

„Министерството за образование и наука даде поддршка на иницијатива која е во согласност и ќе помогне да се остварат целите на наставниот план и програма за прво одделение во училиштата каде наставата се реализира на албански наставен јазик. Се работи за дидактички материјал, кој нема да го замени учебникот по мајчин јазик што е предвиден согласно наставната програма и кој е во постапка на одобрување. Односно, и учебникот и новиот буквар ќе можат да се употребуваат во наставата, во интерес на учениците.

Според законот за учебници министерот формира комисија за давање предлог за согласност за употреба на стручна литература и детски списанија врз основа на претходно добиено позитивно мислење од страна на БРО и истите може да се употребуваат во училиштата , но не и да се продаваат во училиштата", ни одговорија од министерството.

Според одговорите букварот не е задолжителен за секое училиште, но сигурно е топло препорачан и нема одговор дали се дистрибуира и дали училиштата се слободни во одлуката да се служат со друг буквар или други вид на незадолжителен наставен материјал.

Страниците на букварот се шарени, илустрирани со цртежи на весели деца, со мали досетливи и лесни за думање реченици поврзани со буквата која се учи (во стилот на македонски буквар - буква М: „Маре меле со мелница), бидејќи сепак се работи за деца од мала возраст. Би рекле, повеќе им значи можеби на возрасните дека се работи за унифициран буквар за сите „албански територии", отколку дека „политичкиот дел" може да допре до децата. Но секогаш има и барем едно „но".

Во јавноста промоцијата на букварот различно се доживува, од одобрување зашто придонесува за унифицирано и квалитетно образование, преку мислења дека и Македонија има квалитетни автори и има и имала добар буквар на албански јазик, па сѐ до тврдењето дека не станува збор за грижа за албанскиот литературен јазик, туку за уште една мала алатка за ширење на идејата за голема Албанија.

Ристо Никовски, аналитичар, но и поранешен амбасадор на Македонија во Албанија во колумна за Плусинфо вели дека ниту во ЕУ земји во кои се говори на ист јазик немаат ист буквар. Според него, ова е уште еден камен во градењето на федерализација на Македонија како прва етапа кон голема Албанија и дека во прашање е всушност суверенитетот на македонската држава.

„За разлика од нашите будалштини, оваа албанска политика е дијаметрално спротивна на македонската. На Тирана мора да ѝ се симне капа, како признание за тоа што го прават во интерес на албанската нација и својот јазик", напиша Никовски.

Тој вели дека замислата за заеднички буквар е ставена на хартија уште во 1998 година со „Платформата за решавање на албанското национално прашање", подготвена од Албанската академија на науките.

„Во периодот кога службував во Тирана (1998 – 2002), беше актуелно и подготвувањето на ваков заеднички буквар за сите албански првоодделенци, во која било земја да учат. Пред повеќе од 20 години, Тирана веќе интензивно работеше на обединување на сите Албанци во регионот. Ако тоа не е Голема Албанија, не е јасно што е. Токму затоа, објаснувањето на Рама дека е тоа заради заштита на албанскиот јазик, е приказна за мали деца. За време на службувањето, бидејќи јавно се зборуваше дека се подготвува буквар кој би се користел и во Македонија, барав средба во Министерството за образование и протестирав дека подготвуваат нешто за нас а без наша согласност или било каква официјална соработка", пишува Никовски.

Тој сугерира Владата да го преиспита и блокира потегот на министерот Шаќири.

Вакви сугестии тешко дека се остварливи, бидејќи учебници и наставни материјали и помагала одобрува Бирото за развој на образованието. А оттаму, како што веќе изјави министерот Шаќири, има одобрување.

Разговаравме со некои издавачки куќи за прашањето. Не сакаат да се конфронтираат со министерството ниту со Бирото за развој на образованието бидејќи нивното издаваштво, а со тоа и егзистирањето, во еден дел зависи од овие државни органи. Букварите се незадолжителни материјали во наставата.

Но луѓе упатени во издаваштвото алармираат на еден генерален проблем во Македонија. Велат дека не познаваат демократска држава каде влада, односно министерство за образование, практично е претворено во комплетен издавач на учебници и материјали за настава во училиштата.

„За да ви биде одобрен учебник од Бирото за развој на образованието треба комплетно да го подготвите, да биде напишан, илустриран, вклучувајќи го и 'преломот', односно преостанува уште финално да го отпечатите во тираж како учебник, книга. Денес ретко ќе најдете автор или група на автори кои ќе влезат во таква авантура на вложување на сопствени пари, труд и време за изразботка на финален производ, за на крајот сѐ да биде залудно. На таков начин власта се претвори во издавач на учебници што не било случај никогаш. И затоа ќе имаме вакви ситуации - министер да си одлучи, од него потчинетите органи и тела тоа да го одобрат, а тој да си има алиби дека процедурите се испочитувани и одбренијата се дадени", заклучуваат издавачите.

П. Џамбазоски

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе