Од очекуваниот почеток на имунизацијата ниту трага

Бугарските вакцини како лек за непријателствата или само инфицирана пропаганда?

Министерството за здравство ќе ја информира навремено јавноста кога ќе пристигнат вакцини против ковид-19 во нашата земја, тоа е одговорот на прашањето на МКД.мк дали имаат информација дали воопшто или кога евентуално би се добиле вакцини од Бугарија како донација и за колкав број на вакцини евентуално станува збор. Ветувањето му беше дадено на министерот Филипче на седница на бугарската влада во декември, на која тој присуствуваше. Во меѓувреме, освен една „инфицирана" изјава од вицепремиерот Каракачанов, нема конкретни вести од Софија.

Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19 што ќе ја добие, дел ќе донира за Македонија. Ваков заклучок донесе бугарската влада на својата седница одржана на 22 декември минатата година, а ветувањето директно го слушна и македонскиот министер за здравство Венко Филипче кој беше присутен на седницата во Софија, со која раководеше премиерот Бојко Борисов, на негова покана.

Тоа што исто така беше одбележано тој 22 декември е ставот на бугарската Влада дека на тој начин Македонија ќе ги добие првите вакцини истовремено со земјите членки на Европската Унија, за кои се наменети вакцините.

„Бугарија од секоја набавка на вакцини против ковид-19 ќе одвојува дел за нашата земја, кои ќе ги добиваме како донација. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението"", изјави Филипче во Скопје истиот ден по враќањето од Софија, со очекување првата пратка да пристигне веднаш на почетокот на 2021 година.

Бугарскиот премиер Борисов пак изјави дека „станува збор за гест со чисто срце без задкулисни намери". Притоа не заборави да изрази надеж дека во текот на годината која сега ја изминуваме, ќе се пронајде заедничко решение на евроинтеграциски план.

Бугарија ја доби првата пратка од „фајзеровите" вакцини, ние ја пречекавме новата година, но Македонија и натаму нема ниту една доза на вакцина која први би ја примиле лекарите и медицинските сестри кои лекуваат болни од коронавирусот.

Во меѓувреме, кога надежта постетено се губи, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов како да го демантираше премиерот Борисов во неговите чисти намери. Каракачанов на само неколку дена по таа „историска" седница на бугарската влада на која учествуваше и Венко Филипче, уште еднаш навлече гнев во Македонија со изјавата дека „вакцината ќе им се даде на сонародници".

„Бугарија е држава на сите Бугари. Ние имаме сонародници кои живеат во државите надвор од ЕУ. Тие се бугарски граѓани. Кога ние ги признаваме за Бугари треба да им дадеме можност да им се помогне", рече Каракачанов.

Освен вакцини кои српскиот претседател Александар Вучиќ му ги вети на премиерот Зоран Заев во директен телефонски разговор и кои ќе пристигнат веднап кога ќе се најде излез од бирократските лавиринти во кои заглавија „фајзеровите" дози,а за што на потег е токму „Фајзер“, за вакцини кои би пристигнале од друга земја нема информации, нема информации ниту кога би можеле да се очекуваат вакцини директно од самите производители.

Инаку, ветување дека на Македонија ќе ѝ се помогне со вакцини, како на мала држава која е кандидат за членство во ЕУ, дадоа и соседна Грција, со која се подобрени односите по Преспанскиот договор, како и Полска. Но, и од овие земји досега нема најава кога би се добиле првите дози.

Очигледно е дека кога на пазарот владее „глад“ за вакцини, а „Фајзер“ не ги испорачува навреме договорените количини, секоја влада ги гледа прво своите приоритети.

Солидарноста, како еден од главните принципи на Европската унија, е на тежок испит.

Македонија остана една од ретките земји во која сѐ уште не е пристигната ниту една доза на вакцини против ковид-19. Од ниту еден производител.

П.Џамбазоски

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе