Брза помош доби 12 нови возила, Филипче најави зајакнување на кадарот

Министерството за здравство набави 12 возила за Итната медицинска помош од кои шест ќе му припаднат на Здравствениот дом Скопје, а  по едно ќе добијат службите во Струга, Дебар, Кичево, Крушево, Крива Паланка и во Берово, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

На денешната промоција на возилата, на која присуствуваа и заменик-министерот за здравство Асим Муса и директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ, Филипче најави дека ќе се распишат конкурси за прием на медицински сестри и огласи за прием на млади лекари во Брза помош.

Тој исто така кажа дека во изминатиот период Брза помош се соочувала со многу проблеми и дека пристапиле кон нивно систематско решавање, а еден од проблемите бил бројот на возила.

„Со овие шест возила сега практично капацитетот се зголемува за сто проценти. Значи се додаваат шест на веќе постојните само шест кои функционираа за територијата на Скопје. Има и сериозен недостиг на лекари и медицински сестри, а во периодот што следи ќе се распишат конкурси за прием на медицински сестри, а следните недели ќе се распишат огласите за прием на млади лекари кои се лиценцирани и кои во овој момент се невработени согласно новата измена на Законот за здравствена заштита со која секој лекар кој има лиценца ќе добие загарантирано платено работно место во период од шест месеци. На тој начин значајно ќе се надополни и бројот на доктори кои работат во оваа служба“, потенцира Филипче.

Според него, стопроцентното зголемување на капацитетот засега ќе биде доволно, но  отворени се за набавка на дополнителен број возила, бидејќи останала неискористена сума средства.

„Првично предвидената сума од 500.000 евра на електронска аукција падна на 300.000 евра. Значи имаме значителна сума која може да се искористи само за таа намена. Ќе направиме анализа за краток период и за потребите во останатите градови, па ќе направиме уште една постапка за набавка“, додаде Филипче.

На прашање до каде е пренамената на возилата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за потребите на Итната медицинска помош, тој кажа дека на денешната владина седница треба да помине одлуката со која тие возила ќе ги преземат од страна на Министерството за земјоделство. Возилата, како што рече, се во солидена состојба и нема да бидат теренски, туку само за транспорт на пациенти, а потоа ќе се спроведе постапка за пренамена за потребите не Итна медицинска помош.

Доктор Мехмедовиќ, пак, рече дека секое возило плус значи шанса плус да се излезе во пресрет на граѓаните и на нивните потреби за да добијат квалитетна здравствена заштита кога е загрозено нивното здравје и нивниот живот.

„Седумдесет и пет екипи е нашиот таргет кој треба да го поставиме за да имаме квалитетна здравствена заштита на ниво на служба на Итна медицинска помош. Во наредниот период не очекува многу работа. Веќе се прават измени во Законот за здравствена заштита што ќе доведат до можност младите лекари шест месеци да работат платено во службата за ИМП за да можат понатаму да продолжат на специјализација и со тоа ќе се решат дел од проблемите кои се однесуваат во однос на кадровската екипираност. Останатиот дел од проблемите ќе го решаваме со конкурси кои ќе ги распишеме во наредниот период за да можеме да ја доекипираме службата“, додаде Мехмедовиќ.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе