Бројот на нови случаи на ковид-19 расте, вчера од вкупно 54 во Тетово беа 32

Бројот на новозаразени со коронавирусот во земјава расте, а најголем број од новите случаи се регистрирани во Скопје и во Тетово. Од вчерашните 54 случаи од 3.087 тестирања во Тетово се 32, во Скопје 13, а потоа се Дебар со 4, Гостивар и Валандово со по 2 и Кичево 1. Активни случаи на ковид-19 нема во 13 градови.

Во Тетово вчера беше забележан и еден смртен случај. Од ковид-19 почина 77-годишно лице во болнички услови. Вчера беа регистрирани и 28 оздравени пациенти, од кои 12 од Скопје, 4 од Куманово, 3 од Тетово, по 2 од Кичево, Велес, Охрид и Струга и 1 од Струмица.

Досега во земјата се направени вкупно 985.556 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 156.506, бројката на оздравени пациенти е 150.399, на починати е 5.494, а бројот на активни случаи изнесува 613.

Најголем број на активни случаи има во Скопје и тоа 184, следи Тетово со 177, Куманово 67, Гостивар 47, Битола 25, Дебар 21, Струмица 16, Кичево 15, Прилеп 11, Охрид 9, Валандово 7, а Струга и Кочани по пет активни случаи. Потоа следи Кавадарци со четири активни случаи, а по три имаат Велес, Штип, Свети Николе, Берово и Радовиш. Пехчево и Гевгелија имаат по два активни случаи, а Делчево еден. Во Неготино, Ресен, Крива Паланка, Виница, Пробиштип, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Кратово, Македонски Брод, Македонска Каменица и Дојран немаат ниту еден активен случај во моментов.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека голем удел во бројот на новозаразени периодов имаат патниците кои доаѓаат од странство, а дали тие се носители на делта сојот се утврдува дополнително.

„Најдобра заштита против коронавирусот и сите досега појавени мутации се вакцините, а ние не можеме вечно да живееме со рестрикции“, изјави Филипче, апелирајќи до граѓаните да бидат свесни дека треба да се вакцинираат.

Тој уште еднаш повтори дека и покрај порастот на новозаразени, засега нема да се воведуваат рестриктивни мерки. Можно е на есен евентуално да бидат воведени ограничувања и тоа само за невакцинираните граѓани.

„Не може да ни се повтори сликата од лани со сите тие заострени ограничувања“, рече Филипче.

Според него, здравствениот систем во моментов е подготвен да одговори на евентуален нов бран на зараза.

 

Од Министерството за здравство интензивно ги следат и анализираат препораките во однос на вакцинацијата. Можните сценарија, според Филипче, се да има препорака за трета доза на вакцини или вакцината да стане сезонска. Но, повеќе сознанија за тоа дали вакцината ќе стане сезонска или не, се очекуваат во септември или октомври.

Вакцинацијата во моментов се одвива непречено. Во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен досега се вакцинирани околу 520.000 граѓани.

Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 63 отсто од населението над 70 години, 61 проценти од оние над 65 години, 55 отсто од граѓаните над 60 години, како и 45 проценти од лицата над 50-годишна возраст.

Веб-платформата vakcinacija.mk е отворена за закажување на термини за вакцинација и на деца. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, како и во А1 Арена – СЦ „Борис Трајковски" во Скопје.

 

 

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе