Во последните 24 часа од направени 3.148 тестови се регистрирани 370 нови случаи на КОВИД-19, од кои 51 реинфекција. Починати се три лица, а уште седум се пријавени за умрени согласно регистарот од Мој Термин, при што кај девет од починатите се регистрирани коморбидитети.
Главниот координативен кризен штаб и Владата треба да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести да се укинат сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде што не е задолжително носење на маски. Исто така, и околу препораката за укинување на задолжително поседување негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.
За да се подигне имунитетот на популацијата, што би било основа и за натамошно релаксирање на мерките, Комисијата почна и кампања за вакцинирање на луѓето од ризичните групи. Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски, веќе најави дека освен укинувањето на сертификатите за влез во трговските центри, наскоро, во зависност од состојбата ќе има олабавување и на другите рестриктивни мерки.
„Пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар“, смета Петличковски.
Досега во земјата се направени вкупно 1.904.443 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 299.419, бројот на оздравени пациенти е 287.518, на починати е 9.075, а бројот на активни случаи изнесува 2.826.
Во Грција, пак, од вчера е укината мерката за задолжително носење маска на отворено, со што според тамошните здравствени власти, започнува постепеното олабавување на мерките.
„Оценуваме дека до крајот на март ќе бидат укинати поголемиот дел од постојните рестрикции и ако вака продолжи пандемијата и се потврдат предвидувањата, Велигден и летото ќе бидат многу блиску до нормалата за вакцинираните“, рече министерот за здравство Танос Плеврис, истакнувајќи дека сепак, рестрикциите и ограничувањата за невакцинираните ќе останат непроменети.
Во рамките на постепеното олабавување на мерките, за десет дена, односно од 15 март 2022 година ќе се укине и формуларот ПЛФ (Passenger Locator Form) за патување во Грција, што веќе 20 месеци е задолжителен за влез во земјата, без разлика дали станува збор за грчки државјани или странски туристи.