Министерство за здравство

Бројот на активни случаи падна на 11.311, паѓа и бројот на новозаразени со ковид-19

Нови 307 случаи со ковид-19 од направени 1.854 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство по изминати 24 часа. Починаа 14 лица во болнички услови, а оздравени се 658 пациенти.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90.124, бројот на оздравени пациенти е 76.045, на починати е 2.768, а бројот на активни случаи изнесува 11.311. Досега во земјата се направени вкупно 439.121 тестирања на ковид-19.

Од новите позитивни на ковид-19, во Скопје се 137, во Куманово 17, во Велес 15, во Тетово и во Прилеп по 13, Дебар 11, Гостивар, Охрид и Кавадарци по 10, девет во Струмица…

Во Скопје активни случаи има 6.455,  во Тетово – 467,  во Куманово – 433, во Струмица – 362, во Кавадарци – 355,  во Охрид – 349,  во Гостивар – 306,  Прилеп – 259, Битола – 226… Најмалку активни случаи или седум има во Дојран.

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 608 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти вчера Министерството за здравство.

Според надлежните, кај нас нема мутација на коронавирусот, слична на таа која се појави во Велика Британија, односно кај нас е присутен истиот вирус.

„Иако е присутен истиот вирус, тоа не е сигнал да ги намалиме мерките. И покрај тоа што опаѓа бројот на новозаразени, се уште треба да бидеме внимателни, бидејќи сега училиштата почнаа повторно да функционираат. Сите мерки за заштита остануваат и натаму. Следната недела ќе ја анализираме состојбата и врз основа на тоа ќе носиме други мерки и препораки“, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот за здравство истакна дека сите вакцини се евалуираат, а тоа на што ставаат приоритет е да се осигураат во нивниот квалитет. Филипче смета дека сосема добро може да го спроведат процесот на имунизација и посочи дека ќе останат тука да ги вакцинираат сите наши граѓани, по приротиет така како што се дефинирани групите.

„Имавме разговор со претставништвото на „Фајзер“ во Белград и таму се работи на двата договора – нашиот драфт договор за нашите 800 илјади дози и дозволата српските власти да ги дадат фајловите за ние да ги увеземе тие вакцини од нивната земја. Веднаш кога ќе ги добијат фајловите и дозволата ние сме спремни да ги примиме“, појасни Филипче.

Премиерот Зоран Заев синоќа најави дека овие денови се очекува да стигнат првите две-три илјади вакцини од договорените 8.000 од српските вакцини од „Фајзер“ коишто дефинитивно се усогласени и политички договорени.

„Идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку Ковакс системот, а во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата ‘Фајзер’“, изјави Заев.

Нашата земја, вели премиерот Заев, е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација, а први ќе ја примат медицинските работници од ковид-болниците кои се 7.850 на број, останатиот медицински персонал, хронично болните и возрасните луѓе.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе