Дали се потребни порестриктивни здравствени мерки

Британскиот сој на коронавирусот брзо се рашири низ Македонија

Од вкупниот број на анализирани тестови по Новата година, во 50 отсто од новите случаи на коронавирусот станува збор за британската мутација на вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека е рано за опуштање иако во последниот период не се големи бројките на заболени, бидејќи истражувањата покажуваат дека овој сој на вирусот, за прв пат откриен во Британија, полесно се пренесува од човек на човек. Додека се оценува дека мерките кои се на сила даваат резултати, поради британскиот сој особено се полнат болниците во Прилеп, Кавадарци и Охрид.

Требаше да помине цел месец од влегувањето на британскиот сој на ковид-19 за тој да биде детектиран во Македонија. Пациент од Скопје, со зголемена телесна температура и симптоми кои укажувале на можноста да е заболен од коронавирусот, на 29 декември направил брз тест и тој бил позитивен. По Новата година побарал да биде прегледан во приватната клиника на Жан Митрев. Тестот бил позитивен. Останал на лекување. Вториот тест на 15 јануари исто така бил позитивен. На 22 јануари е запишан како оздравен. Неколку дена потоа во лабораторијата на истата клиника е констатирано дека бил болен од британската мутација на коронавирусот. Пациентот не бил во странство, немал гости од странство, немал контакт со лица од странство. Ако дал точни податоци, тогаш е јасно дека „британската корона" многу порано влегла во земјава.

Лабораторијата на МАНУ која неколку дена претходно објави дека во анализираните примероци откриле дваесетина мутации, малку подоцна ќе објави дека и нивните анализи го откриваат тој сој. Првите откриени случаи беа со потекло од Охрид.

Британската мутација на вирусот според научните анализи, е за 70 проценти позаразна од типот на вирусот кој доминираше во изминатите година дена. Со други зборови, ако со типичниот вирус еден човек може да зарази 10 лица, „британскиот" вирус ќе зарази 17 лица. Токму поради тоа, во голем број земји од Европската Унија повторно беа воведени строги здравствени мерки и беше вратен полицискиот час.

Во Македонија е проценето дека засега нема потреба од построги мерки, пред сѐ од аспект на процентот на нови позитивни случаи од тестираните, кој во изминатите недела дена се движи околу 12 отсто, наспроти 30 отсто позитивни случаи како што беше во периоди од минатата година. Исто така и од аспект на капацитот на здравстениот систем, зашто во болниците подолг период има слободни кревети.

Сепак, кај лекарите од болниците во Прилеп, Кавадарци и Охрид повторно е вклучен алармот. Се случува нов наплив на пациенти, особено во Прилеп. Денеска во овој град се регистрирани нови 62 случаи, а активни се дури 436 случаи, но од почетокот на февруари станува збор за 402 нови случаи. Да биде состојбата уште позагрижувачка, само во последните осум дена во Прилеп се регистрирани над 260 нови случаи, а од почетокот на месецов девет пациенти ја загубиле битката со болеста. Поради ваквата сосотојба, освен Инфективното одделение, повторно се активираат и другите оддели во прилепската болницата. Лекарите од Прилеп добиле податоци од лабораториите кои укажуваат дека британскиот сој на вирусот е доста застапен меѓу болните.

Според редовната статитстика по Скопје, најмногу активни случаи има во Кавадарци. Денешниот извештај вели дека има 446 позитивни случаи со што овој град е веднаш зад Скопје. Но ако се има предвид колку пати има помалку жители, тогаш е јасно дека најалармантна е состојбата во Кавадарци, како и во Прилеп. Веднаш зад нив е Охрид со 376 активни случаи, а токму и во овој град беа детектирани случаи на британскиот сој на коронавирусот.

Издвојувањето на овие три градови од останатите на листата на градови, само е потврда дека има специфика во ширењето на болеста, а таа укажува на британската варијанта на вирусот, која е и докажана во овие места.

Министерот Филипче вели дека покрај британскиот сој, во лабораториите се потврдени уште триесетина други мутации на вирусот, од вкупно околу илјада варијации досега детектирани во светот.

Засега нема податоци дали можеби во земјава е влезен т.н. јужноафрикански сој, поради кој во таа држава беше изразена резерва кон веќе набавената вакцинација на Астра-Зенека, бидејќи некои истражувања велат дека не е доволно ефикасна против таа мутација. Светот зборува и за бразилска мутација, како сериозен предизвик за здравството, која е откриена и во Хрватска, земја од нашиот регион. Од хрватскиот штаб за заштита од епидемијата велат дека имаат индиции дека постои и посебен сој на вирусот, кој веќе го нарекоа „хрватски сој".

Дали забрзаното мутирање на вирусот укажува само на поинтензивен ангажман на науката и зголемено анализирање на вирусот, или на мутирање како приспособување на вирусот за нов глобален напад, или пак тоа води кон негово слабеење, за што исто така постојат научни мислења, ќе треба времето да покаже.

Последните согледувања на Светската здравствена организација велат дека конечно почна да се намалува бројот на болни и починати од болеста - во последната недела бројот на новозаболени опаднал за 16 проценти на свестко ниво.

СЗО смета дека тој тренд се случува поради карантинот во многу земји и зачестените вакцинации против ковид-19. А тоа е нешто што не е карактеристика за Македонија.

П. Џамбазоски

На 2 Август 2021 година ќе се одбележат два значајни настана од историјата на македонскиот народ.

повеќе

Албанскaта политичка и научна јавност имаат објективен пристап и разбирање дека прашањата што се на масата за разговори со Бугарија не се воопшто лесни за решавање.

повеќе

Половични регионални форми на соработка и здружување се опасни за Македонија.

повеќе